ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I ДУКОВСКА-ПАВЛОВСКА: Вистинскиот успех е кога купувачот повторно ќе ве избере

    Време зa читање: 7 минути

    Во време на глобална неизвесност, енергетски предизвици и сè построги европски регулативи, конкурентноста на индустриските компании сè повеќе зависи од способноста навреме да инвестираат, да се модернизираат и да размислуваат долгорочно.

    Како „Макстил“ одговара на овие предизвици, што значи да се биде конкурентен на европскиот пазар и зошто луѓето остануваат клучни за успешна индустриска трансформација, разговараме со Марија Дуковска-Павловска во интервју за „Бизнис Лидер 2026“.

    Таа зборува и за лидерските принципи што обезбедуваат долгорочен развој, како и за значењето на иницијативата „Бизнис Лидер“ за македонската бизнис-заедница.

    ПАРИ: Денес лидерите се соочуваат со постојана неизвесност — геополитички тензии, ризици поврзани со набавката и ценита на енергија, нови регулативи и брзи технолошки промени. Во индустрија како вашата, каде одлуките имаат последици со години, како се гради компанија што не само што се адаптира на промените, туку станува посилна поради нив?

    Дуковска-Павловска: Сметам дека компанијата станува посилна кога, покрај способноста брзо да реагира, има и јасна претстава за тоа што сака долгорочно да изгради. Во услови на неизвесност, најмногу можеме да влијаеме врз сопствената подготвеност и способност за адаптација.

    Во Макстил постојано работиме на поврзување на искуството и знаењето од производството со нови пристапи и перспективи. Токму во таа комбинација гледам капацитет за справување со промените, нешто кое што ни влева голема доверба во иднината. Автоматизацијата и дигитализацијата се важен дел од овој процес, бидејќи овозможува подобра прегледност и поквалитетна основа за носење одлуки.

    Мојата улога ја гледам во создавање доверба, соработка и синергија меѓу тимовите, затоа што отпорноста се гради преку култура и систем. Тоа значи финансиска дисциплина, диверзифицирани пазари, сигурен синџир на снабдување и континуирано вложување во луѓето и технологијата.

    Во Макстил веруваме дека секој поголем предизвик треба да остави трајно подобрување зад себе. Ако кризите нè направат поефикасни, потранспарентни и поспособни за носење одлуки, тогаш покрај тоа што стануваат поттик за промени, напредок и создавање поголема вредност, тие истовремено се и двигател на развој. Оттука токму долгорочноста и адаптибилноста на Макстил како компанија се доказ за истото.

    ПАРИ: Големите индустриски инвестиции бараат капитал, време и убедување дека денешната одлука ќе биде исправна и по пет или десет години. Како Вие како лидер препознавате кога е време да се инвестира — особено во период кога пазарот испраќа повеќе сигнали за претпазливост отколку за сигурност?

    Дуковска-Павловска: Мислам дека е важно е да се направи разлика меѓу претпазливост и одложување на одлуките што се неопходни за иднината на компанијата. Клучното прашање е што конкретно ќе донесе инвестицијата: дали отстранува ограничувања во производството, ја подобрува ефикасноста или ја подготвува компанијата за идните предизвици.

    Макстил е постојано во инвестициски циклус. Редовните вложувања се основа за стабилен и ефикасен производствен процес, но и за одржување на конкурентноста. Еден од примерите е модернизацијата на линијата за сечење топловалани лимови, која овозможува повисока продуктивност и пониски оперативни трошоци.

    Значајно внимание посветуваме и на проекти за енергетска ефикасност, преку кои ја намалуваме потрошувачката на енергија и ја зголемуваме одржливоста на производството. Таквите инвестиции не се само поддршка на тековното работење, туку стратешка определба за долгорочна конкурентност.

    Кога ја оценуваме оправданоста на една инвестиција, покрај бенефитот  од нејзина реализација и треба да ја гледаме и цената на нејзиното одложување. Одговорното лидерство подразбира навремено препознавање на вложувањата што обезбедуваат производствен континуитет, модернизација, развој и стабилна позиција на пазарот.

    ПАРИ: Европската индустрија влегува во нова ера во која цената повеќе не е единствениот критериум за конкурентност — тука се енергетската ефикасност, декарбонизацијата, автоматизацијата, дигитализацијата и CBAM. Што според Вас ќе ја одделува конкурентната индустриска компанија од онаа што ќе заостанува во следните пет до десет години?

    Дуковска-Павловска: Денес цената сѐ уште останува важна, но сѐ поголемо значење имаат јаглеродниот отпечаток, енергетската ефикасност, дигитализацијата и усогласеноста со новите регулативи. CBAM е добар пример за тоа како се менуваат правилата на пазарот. Во иднина нема да биде доволно да понудите квалитетен производ, туку ќе треба и прецизно да покажете како е произведен и каков е неговиот јаглероден отпечаток. Компаниите што навреме ќе се приспособат на овие барања ќе имаат јасна предност.

    Во Макстил веќе спроведовме предверификација на јаглеродните емисии согласно CBAM регулативата и паралелно работиме на проекти за декарбонизација, енергетска ефикасност, автоматизација и дигитализација. Ги следиме и можностите што ги носи вештачката интелигенција, особено во анализата на податоци, безбедноста при работа и оптимизацијата на процесите.

    Сепак, на крајот најважни остануваат луѓето. Можете да ја имате најсовремената технологија, но нејзината вистинска вредност зависи од тоа дали имате тим што знае да ја искористи. Затоа верувам дека најуспешни ќе бидат компаниите што ќе инвестираат и во модерна технологија и во развој на вработените, бидејќи токму таа комбинација ќе ја одредува компаниската резилиентност во иднина.

    ПАРИ: Макстил со години работи на меѓународни пазари и практично секојдневно се натпреварува со компании од многу поголеми економии. Што научивте од таа конкуренција и што мора македонските компании да променат ако сакаат од успешни домашни бизниси да прераснат во сериозни регионални и европски играчи?

    Дуковска-Павловска: Нашето долгогодишно присуство на меѓународните пазари потврдува дека конкурентноста мора постојано да се докажува. Вистински успех е купувачот повторно да ве избере поради квалитетот, сигурноста и довербата изградена низ годините.

    Денес повеќе од 95% од производството на Макстил е наменето за извоз, пред сѐ на пазарите во Европската Унија, Турција и регионот. Тоа значи дека секојдневно се соочуваме со највисоките пазарни стандарди и очекувања.

    Од тоа искуство научивме дека клиентите не бараат само квалитетен производ, туку и доверлив партнер кој доследно ги исполнува обврските и обезбедува сигурна испорака. Затоа компаниите што сакаат да станат сериозни регионални и европски играчи мора континуирано да инвестираат во квалитет, модернизација, луѓе и стандарди на работење.

    Секако, конкурентноста зависи и од поширокото деловно окружување. Прашањата поврзани со логистиката, транспортот и квалификуваната работна сила бараат партнерски однос со институциите, преку поддршка за инвестиции, модернизација и зелена транзиција, но одговорноста за развојот секогаш останува кај самите компании.

    ПАРИ: Ако од искуството на Макстил треба да издвоите една лидерска одлука или принцип што создава долгорочна и одржлива компанија, а не само добар деловен резултат во една година — што би било тоа? И што препознавте во „Бизнис Лидер 2026“ како иницијатива што вреди да биде поддржана од Макстил?

    Дуковска-Павловска: Позитивните годишни резултати се важни, но уште поважно е дали компанијата создава услови да биде успешна и во годините што следат. Тоа подразбира вложување во знаење, безбедност, услови за работа и можности за развој на новите генерации.

    Во Макстил соработката со образовните институции, поддршката на младите професионалци и грижата за вработените се дел од долгорочната стратегија. За мене, одржливоста на компанијата е тесно поврзана со тоа дали има луѓе со знаење, мотивација и потенцијал да го продолжат нејзиниот развој.

    Токму затоа ја препознавме и вредноста на иницијативата „Бизнис Лидер 2026“. Таа создава простор за размена на искуства, идеи и добри практики меѓу лидерите и испраќа важна порака дека одговорното лидерство и долгорочната визија се предуслов за економски напредок.

    Уште поважно, ваквите иницијативи можат да им покажат на младите дека и во Македонија постојат компании во кои знаењето, трудот и професионалниот развој имаат перспектива. Тоа е нивната најголема вредност.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично