ПОВЕЌЕ

    РАСТЕ СТРАВОТ НА ВОЛСТРИТ ОД „AI BUBBLE“: Технолошките акции под притисок, инвеститорите бараат доказ дека вложените милијарди ќе донесат профит

    Време зa читање: 7 минути

    Откако последниве неколку години во кои вештачката интелигенција беше главниот двигател на растот на американската берза, расположението на Волстрит нагло се промени. Инвеститорите сè повеќе не прашуваат колку брзо ќе расте AI, туку дали огромните инвестиции во чипови, дата-центри и cloud инфраструктура навистина ќе донесат доволно приходи и профит. Токму тој пресврт ја врати во центарот на вниманието фразата „AI bubble“ – страв дека цените на дел од технолошките акции пораснале побрзо од нивната реална заработка.

    Последната недела беше особено непријатна за технолошкиот сегмент на Њујоршката берза и Nasdaq. Во петокот, 16 октомври, S&P 500 падна за 1,1%, Nasdaq Composite за 2,1%, а Dow Jones за 0,3%. На неделно ниво Nasdaq загуби 4,5%, S&P 500 околу 1,9%, додека Dow сепак остана во плус од околу 0,7%. И покрај падот, сите три главни американски индекси и понатаму се во значителен плус од почетокот на годината.

    Разликата меѓу Nasdaq и Dow најдобро покажува што се случува на пазарот, велат пазарните аналитичари. Инвеститорите не бегаат од акции во целина – тие се повлекуваат од најскапите и најризичните AI позиции и дел од капиталот го префрлаат во финансии, здравство, енергетика, комунални компании и потрошувачки сектори. Reuters забележува дека технологијата и комуникациските услуги беа најголеми губитници, додека utilities и consumer staples покажаа поголема отпорност.

    ЗОШТО СЕГА СЕ ЗБОРУВА ЗА „МЕУРОТ НА ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА“?

    Планината од долгови предизвикани од вештачката интелигенција е причина за нервозни анализи на случувањата на пазарите. Во последните денови, низ Вол Стрит се ширеше вознемиреност, бидејќи инвеститорите ги следеа огромните суми позајмени пари што се користат за финансирање на изградбата на вештачката интелигенција, чијашто кондиција е доведена во прашање, бидејќи приносите растат, а сè поголем дел од долгот се движи кон проблематична територија.

    Загриженоста е дека може да дојде до поголем стрес, што потенцијално ќе резултира со негативни последици за трговијата со вештачка интелигенција и поширокиот финансиски систем, доколку загубите на обврзниците предизвикаат каскаден ефект што ќе се прошири на берзата.

    Не е проблемот во тоа што инвеститорите одеднаш престанале да веруваат во вештачката интелигенција. Напротив, побарувачката за AI инфраструктура и натаму е висока. Проблемот е што цената на финансирањето расте, а пазарот почна да бара конкретен одговор кога вложувањата тешки трилиони долари ќе почнат да произведуваат пропорционален профит.

    По повисоката од очекуваната американска инфлација, се зголемија очекувањата дека Федералните резерви ќе мора да задржат високи каматни стапки, па дури и повторно да ги зголемат. Тоа е особено важно за AI-индустријата, бидејќи изградбата на дата-центри, набавката на чипови и електроенергетската инфраструктура бараат огромен капитал. Колку е поскап долгот, толку потешко е да се оправдаат инвестициите со долгорочен поврат.

    Во овој контекст најмногу настрадаа компаниите што директно зависат од финансирање за AI-инфраструктура.

    CoreWeave, еден од симболите на новиот „neocloud“ модел, падна речиси 12% само во петокот и околу 25% за една недела, додека приносите на дел од нејзините обврзници надминаа 15%. Пазарот се прашува дали компаниите од овој тип ќе можат доволно брзо да генерираат приходи за да го сервисираат долгот преземен за изградба на AI-капацитетите.

    Истовремено, индексот на полупроводници PHLX влезе во најдолгата серија падови од 2008 година, а само минатата недела загуби околу 11%. Nvidia сама изгуби повеќе од 350 милијарди долари пазарна вредност за една недела, според Financial Times.

    Гил Лурија, технолошки аналитичар во „DA Davidson“, во еден подкаст изјави дека вредноста на акциите на „CoreWeave“ би можела да падне на 0 долари, доколку дојде до застој во наглиот пораст на трошењето за вештачка интелигенција.

    Во средата, „Financial Times“ објави дека компанијата „Anthropic“ остварила приход од 16,8 милијарди долари во третиот квартал. Оваа бројка предизвикува вознемиреност кај инвеститорите, бидејќи укажува на забавување во однос на растот на приходите од претходниот квартал и ги засилува стравувањата дека овој бум можеби почнува да слабее.

    ПАЗАРОТ НЕ РАБОТИ НА ВЕТУВАЊА ТУКУ БАРА ЗАРАБОТКА

    Во изминатите неколку години беше доволно компанијата да покаже дека е дел од AI-бумот за инвеститорите да ѝ дадат значително повисока проценка.

    Сега тој период се менува. „AI trade“ сè повеќе се дели на две групи: компании со силни биланси, реални приходи и доволно сопствен капитал – и компании чиј раст зависи од скап долг и идни приходи што сè уште не се реализирале.

    Melissa Brown од SimCorp изјави за Reuters дека пазарот сè повеќе го доведува во прашање AI-тргувањето, бидејќи очекувањата за профит веќе се екстремно високи. За да ги оправдаат сегашните вреднувања, компаниите повеќе не смеат само да ги исполнат прогнозите – мора да ги надминат.

    Тука се појавува и најголемиот страв: што ако AI навистина ја трансформира економијата, но акциите сепак се прескапи?

    Тоа веќе се случило со интернетот. Интернетот не беше „лажна“ технологија – напротив, го промени светот. Но многу компании што се тргуваа по енормни вреднувања во 1999 и 2000 година никогаш не ги оправдаа тие цени.

    Токму затоа денешната дебата не е дали AI ќе биде важен, туку кој ќе заработи и колку од сегашниот оптимизам веќе е вграден во цените на акциите.

    РИЗИКОТ СКОНЦЕНТРИРАН ВО БЕРЗАНСКИОТ ИНДЕКС S&P 500

    Една од причините поради која Волстрит внимателно го следи падот на AI-акциите е огромната концентрација на американскиот индекс S&P 500. Десетте најголеми компании сочинуваат околу 40% од S&P 500, што значи дека движењето на неколку технолошки гиганти има непропорционално големо влијание врз целиот индекс.

    Кога Nvidia, Broadcom, Micron, Microsoft или други AI-поврзани акции растат, тие го повлекуваат S&P 500 нагоре. Но механизмот работи и во спротивна насока.

    На пазарот веќе се гледа тивка ротација: подеднакво пондерираниот S&P 500 почнува да изгледа подобро во однос на класичниот индекс во кој најголемите компании имаат огромна тежина. Тоа сугерира дека дел од инвеститорите го намалуваат ризикот во megacap технологијата и бараат поширока изложеност.

    Дури ниту силните резултати на големите компании кои градат вештачка интелигенција веќе не гарантираат раст на акциите.

    Во претходните периоди, добар извештај на Nvidia беше доволен да го подигне целиот технолошки сектор. Сега инвеститорите сакаат да видат не само раст на продажбата на чипови, туку и дали клиентите што ги купуваат тие чипови навистина заработуваат од AI.

    Следниот тест ќе бидат извештаите на големите технолошки компании.

    Meta е меѓу првите hyperscalers што ќе објави резултати, по што следуваат други компании со огромни AI-буџети. Пазарот ќе гледа две работи: колку се зголемува капиталното трошење и дали приходите од AI растат доволно брзо за да ги оправдаат тие инвестиции. Reuters проценува дека вкупната заработка на компаниите од S&P 500 во третиот квартал може да порасне за повеќе од 30%, но очекувањата се веќе толку високи што и добар резултат може да биде недоволен ако не го надмине консензусот.

    ЕВРОПСКИТЕ ПАЗАРИ ПОМИРНИ, СО ПОМАЛКУ ВИ

    Стравот од AI bubble многу посилно го погодува американскиот пазар отколку европскиот.

    Европскиот STOXX 600 има помала концентрација во големи технолошки компании, а поголема тежина имаат банки, индустрија, здравство, енергетика и луксузни производители. Минатата недела европските акции дури завршија повисоко, иако европските производители на полупроводници беа силно погодени од глобалната распродажба. ASML, ASM International, Soitec и Infineon паднаа под притисок на истиот страв што ги погоди американските чип-компании.

    Токму затоа дел од инвеститорите во последните месеци го гледаат европскиот и британскиот пазар како своевидна заштита од преголема изложеност кон американскиот AI-бум. Британскиот FTSE, на пример, има значително поголема застапеност на финансии, енергетика и здравство и многу помала директна зависност од AI-акциите.

    АЗИЈА – ПРЕЧУВСТВИТЕЛНА НА ЧИПОВИТЕ

    Во Азија ситуацијата е поинаква. Јужна Кореја, Тајван и Јапонија имаат огромна изложеност кон синџирот на производство на полупроводници.

    Минатата недела распродажбата таму беше уште поостра. Јужнокорејскиот KOSPI во еден момент падна повеќе од 7%, додека Samsung Electronics и SK Hynix претрпеа силни загуби. Причина беа и стравувањата дека кинеските производители побрзо од очекуваното го намалуваат технолошкиот јаз со западните и корејските производители.

    На почетокот на новата недела азиските пазари повторно беа претпазливи: Nikkei падна околу 0,7%, Тајван 1,1%, додека инвеститорите продолжија да го проценуваат ризикот од огромните AI-инвестиции.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично