
Пред преземањето нови инвестициски ризици, неопходни се отчетност за досегашните одлуки и навремено исполнување на обврските кон идните пензионери.
Реформските предлози бараат докази и јавна проверка
Актуелната дебата за реформа на пензискиот систем во Северна Македонија се одвива преку низа медиумски настапи во кои се предупредува на растечките финансиски потреби на ПИОМ и се предлагаат промени во првиот и вториот пензиски столб.
Меѓу предлозите на директорот на ПИОМ, Никола Мемов, е вложување дел од средствата од вториот столб во големи државни капитални проекти, како Чебрен и Галиште, со образложение дека тоа би донело повисоки приноси за осигурениците. Ваквата идеја бара сериозна стручна проверка, бидејќи се однесува на средства наменети за идните пензиски приходи на членовите.
Од линеарни зголемувања до предупредувања за дефицит
Потребата од јавна отчетност е особено значајна поради претходно промовираните политики. Во октомври 2024 година, истиот директор го образложуваше и бранеше линеарното зголемување на пензиите со потребата од подобрување на животниот стандард и намалување на разликите меѓу ниските и високите пензии, уверувајќи дека ќе има средства за исплата. Притоа беше наведено дека дополнителниот трошок ќе го покрива државата, а беше признаен и постојниот дефицит. Но, редовната исплата обезбедена со буџетски трансфери не треба да се поистоветува со долгорочната финансиска одржливост на Фондот.
Во септември 2026 година, Мемов го опиша линеарното зголемување како политичка одлука, а во октомври предупреди дека дефицитот за една година пораснал за околу 160 милиони евра. Ова отвора легитимни прашања: какви долгорочни пресметки им претходеле на зголемувањата и дали воопшто биле направени, колкав дел од растот на финансискиот недостиг произлегува од зголемувањата и како било планирано трајното финансирање на тој недостиг?
Социјалната цел да им се помогне на пензионерите со ниски примања е оправдана, но не ја заменува обврската да се докаже одржливоста на мерките.
И користењето на зборот „дупка“ бара прецизност. Според јавно изнесените податоци, за 2026 година се планирани 117 милијарди денари за пензиски исплати и 85 милијарди денари приходи од придонеси. Разликата е 32 милијарди денари. Вкупниот буџетски трансфер од 64 милијарди денари, според објаснувањето на директорот, опфаќа и други обврски, вклучително здравствено осигурување и трансфери кон вториот столб. Овие категории мора да бидат разграничени за јавноста да разбере што се финансира и кои се причините за недостигот.
Домашното искуство предупредува на институционален ризик
Во јануари 2019 година, надлежното министерство објави дека на околу 12.000 осигуреници со години не им биле уплаќани придонеси во вториот пензиски столб и дека за нивно обесштетување биле обезбедени 19 милиони евра од државниот буџет. Тој случај покажа дека институционалните пропусти можат непосредно да ги погодат пензиските заштеди.
Поновите ревизорски наоди повторно го отвораат прашањето за навременото исполнување на обврските. Државниот завод за ревизија утврдил просечно доцнење на трансферите кон вториот столб од околу два месеца во 2024 година и нераспределени придонеси од приближно 42 милиони евра на 27 февруари 2026 година.
ДЗР наведува и дека ПИОМ ги доставувал пресметките до надлежното министерство во законскиот рок, но средствата не биле навреме пренесени. Затоа, треба да се утврди каде бил запрен преносот и одговорноста на сите институции во постапката.
Првата обврска е навремен пренос на придонесите
Правилата што ги објаснува МАПАС, а се утврдени со Законот, предвидуваат пренос веднаш, а најдоцна во пет работни дена од приемот на придонесите, кога се примени и соодветните податоци. Посебниот рок за обезбедување недостасувачки податоци не претставува општа дозвола за одложување на преносот поради финансиски потреби.
Додека средствата не стигнат до фондовите, пензиските друштва не можат да ги инвестираат за членовите. Потенцијално пропуштениот принос и евентуалното надоместување треба да се утврдат со конкретни пресметки.
Токму затоа, оценките за недоволни приноси во вториот столб мора да го разграничат резултатот од инвестициското управување од последиците на ненавременото пренесување на придонесите. Потребни се податоци за долгорочните реални приноси по надоместоци, со соодветни споредбени показатели, пред тие оценки да се користат како оправдување за нова изложеност на ризик.
Странските примери не ја докажуваат соодветноста за Македонија
Странските искуства покажуваат дека пензиски фондови инвестираат во инфраструктура, некотирани компании и нови проекти. Но примерите од Канада и Австралија не се доволна основа за позитивна оценка на истиот модел во Македонија.
Применливоста зависи од институционалните капацитети, инвестициското искуство, независноста на управувањето и механизмите за заштита. Канадскиот CPP Investments, на пример, нагласува дека работи независно од владата и инвестира во разновидно глобално портфолио. Тоа е суштински дел од неговиот модел.
Постоењето на успешен модел во друга земја не докажува дека кај нас се исполнети условите за негово безбедно спроведување. Домашните пропусти во преносот на придонесите мора да бидат дел од проценката на институционалната подготвеност.
Нов проект значи и ризик од изградба и работење
Кај нова хидроцентрала, очекуваниот принос зависи од навременото завршување, цената на изградбата, техничките перформанси, хидрологијата, цените на електричната енергија, задолжувањето и трошоците за работење.
Долгиот инвестициски хоризонт не ги отстранува овие ризици. Акционерското вложување значи учество во можната добивка, но и во можната загуба.
Проценката на таков проект бара специјализирана финансиска, техничка, правна и еколошка експертиза. Не може да се претпостави дека способноста на пензиските друштва да управуваат со портфолио од акции и обврзници автоматски обезбедува капацитет за оценување и следење нов голем инфраструктурен проект.
Надзорот од МАПАС е неопходен, но не претставува гаранција за комерцијалниот успех на инвестицијата.
Развојната цел мора да го почитува интересот на осигурениците
Од една страна, државата има одговорност да создава услови за економски раст и развој на инфраструктурата и енергетиката. Значајноста на еден проект за економијата, сепак, не докажува дека неговиот сопственички ризик е соодветен за задолжителните пензиски заштеди.
Од друга страна, пак, основна цел на фондовите е да обезбедат соодветен долгорочен реален принос, притоа одржувајќи го ризикот на претпазливо ниво, диверзифицирање на вложувањата и обезбедување на потребната ликвидност. Меѓународните принципи го поставуваат интересот на членовите и пензиската цел како основа на инвестициското управување.
Домашниот економски развој може да биде дополнителна корист од вложувањето. Но секоја инвестиција мора најнапред да биде оправдана од аспект на идната пензија на членовите.
Државни обврзници како попретпазлива алтернатива
Во македонски услови, попретпазлива алтернатива би била разгледување долгорочни државни обврзници со јасно утврдени услови за отплата и соодветна заштита од инфлација.
Кај директна државна обврзница, обврската за главнината и каматата ја презема државата, независно од профитабилноста на конкретниот проект. Обврзница на проектно друштво, чија отплата зависи од проектните приходи, не ја обезбедува истата заштита.
Рокови од 30 до 50 години може да се разгледуваат, но нивната соодветност мора да се докаже преку стратегијата за јавниот долг, кредитоспособноста на државата и потребите на фондовите.
Инфлациската индексација може да ја заштити куповната моќ според избраниот индекс, но не ги отстранува кредитниот, каматниот и ликвидносниот ризик. Особено долгиот рок може да предизвика значителни промени на пазарната вредност пред достасувањето.
И за ваквите инструменти пензиските друштва треба да одлучуваат самостојно, по пазарни услови, без политички притисок или задолжителни квоти, со почитување на правилата за диверзификација и ограничена изложеност кон еден издавач.
Кредибилната реформа започнува со отчетност
Во јавно изнесените предлози засега нема доволна основа да се оправда изложување на задолжителните пензиски заштеди на сопственичкиот ризик на нови државни мегапроекти.
Финансиските потреби на ПИОМ и инвестициската политика на вториот столб мора да се анализираат одделно, со јасно прикажување на нивните врски. Вложувањето во капитален проект само по себе не обезбедува средства за тековните пензиски исплати.
Кредибилната реформа започнува со почитување на постојните обврски, транспарентни пресметки и утврдување институционална одговорност. Секоја следна промена мора да покаже како ја подобрува сигурноста на идната пензија и кој ќе ги сноси последиците ако очекуваните резултати не се остварат.
Пишува: Јадранка Мршиќ – универзитетски професор во пензија
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








