ПОВЕЌЕ

    Индустриското производство во минус и во Македонија и во ЕУ – автомобилскиот сектор под притисок

    Време зa читање: 3 минути

    Македонските фабрики го губат производствениот ритам, а слични сигнали пристигнуваат и од Европската Унија. Намалувањето на индустриското производство особено се чувствува во секторите поврзани со машините, електричната опрема и автомобилската индустрија – токму оние што ја поврзуваат македонската економија со големите европски производители.

    Во август индустриското производство во Македонија се намалило за 1,9 проценти на годишно ниво, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Преработувачката индустрија бележи пад од 1,3 проценти, а рударството од 10,1 процент. Особено изразено е намалувањето во производството на машини и уреди, за 9,6 проценти, моторни возила и приколки за 8,7 проценти и електрична опрема за 6,9 проценти. Сепак, во првите осум месеци од годинава вкупното индустриско производство бележи благ раст од 0,6 проценти.

    Неповолните движења не се карактеристични само за домашната економија. Според најновите податоци на Евростат, индустриското производство во август се намалило за 1,1 процент во еврозоната и за 0,2 проценти во целата Европска Унија, во споредба со истиот месец минатата година. На месечно ниво падот изнесува 0,5 проценти во еврозоната и 0,3 проценти во ЕУ.

    За Македонија особено важни се случувањата во Германија, еден од главните пазари за домашниот извоз. Иако германското индустриско производство во август забележало месечен раст од два проценти, автомобилската индустрија регистрирала пад од 5,4 проценти. Германските власти предупредуваат дека индустриската активност останува слаба, а позначително закрепнување засега не се очекува.

    Европската индустрија се соочува со високи енергетски трошоци, неизвесна побарувачка и засилена конкуренција од Кина. Притисокот е особено изразен кај автомобилските производители, што може да се одрази и врз македонските компании вклучени во нивните синџири на снабдување. Сепак, не може целиот пад на домашното производство да се припише на европските состојби.

    Различните резултати меѓу земјите покажуваат дека европската индустрија не се движи во една насока. Додека некои економии бележат намалување, други успеваат да го зголемат производството, што отвора можности и за компаниите што ќе успеат да се приспособат на промените на пазарот.

    За македонската економија, клучно е дали августовскиот пад ќе остане краткотрајно забавување или ќе продолжи и во следните месеци. Бидејќи кога европските фабрики добиваат помалку нарачки, притисокот може да се пренесе и врз нивните македонски добавувачи. Но, уште поважно од тоа кога Европа ќе закрепне е дали домашната индустрија ќе биде подготвена да го искористи новиот раст.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично