Светот влегува во најголемиот инвестициски циклус во историјата на дата-центрите. AI повеќе не бара објекти од неколку десетици мегавати, туку кампуси од стотици мегавати, па дури и гигават. McKinsey проценува дека глобалната изградба на инфраструктура за дата-центри може да привлече околу 7 трилиони долари до 2030 година, додека Меѓународната агенција за енергија очекува нивната годишна потрошувачка на електрична енергија речиси да се удвои – од околу 485 TWh во 2025 на околу 950 TWh во 2030 година. Сепак, брзината на изградбата отвора друг проблем: струја, вода, електромрежи и земјиште. Во Европа веќе има ограничувања и забрани, а во САД, Шпанија, Ирска, Индија и други пазари расте локалниот отпор.
КОЛКУ ЧИНИ ЕДЕН ДАТА-ЦЕНТАР?
Најилустративна мерка е цената по мегават IT-капацитет. Според JLL Global Data Center Outlook 2026, глобалниот просек за изградба на основната инфраструктура – објект, електрика, ладење и останати системи, но без серверската опрема – годинава е околу 11,3 милиони долари за мегават, наспроти 10,7 милиони во 2025 година. Тоа значи дека класичен дата-центар од 100 MW само за „shell and core“ може да чини приближно 1,1 милијарда долари.
Но, кога се работи за самата вештачка интелигенција, тука допрва почнуват пресметките. JLL проценува дека технолошкото опремување со GPU-системи, мрежна опрема и високо-перформансна инфраструктура може да достигне до 25 милиони долари дополнително за секој MW. Значи, голем AI-центар од 100 MW теоретски може да се приближи кон неколку милијарди долари кога ќе се вклучат серверите и останатата опрема.
Цените значително зависат од локацијата. JLL проценува дека за дата-центар во Лондон би се потрошиле 12–14 милиони долари/MW, во Франкфурт: 11–13 милиони, во Париз и Амстердам: 11–12 милиони, во Даблин: 10–11 милиони, а пак во Токио: дури 14–18 милиони долари/MW.
Треба да се земе предвид и дека системот за ладење со течност, сè понеопходно за густите AI-сервери, додава приближно уште 10% на градежната цена.
КАДЕ ИМА НАЈМНОГУ ДАТА-ЦЕНТРИ НА СВЕТОТ?
Најголемата концентрација е во САД. Според најновата анализа на Synergy Research Group, 15 од 20-те најголеми hyperscale пазари во светот се во САД. Само Северна Вирџинија држи околу 11% од светскиот hyperscale капацитет, а Greater Beijing околу 6%. Потоа следуваат Oregon, Iowa, Ohio, Dallas–Fort Worth, Dublin и Shanghai.
Amazon, Microsoft и Google заедно контролираат околу 57% од глобалниот hyperscale капацитет.
Во Америка изградбата сè повеќе се поместува кон Тексас и централно-западниот дел на САД, каде има повеќе земјиште и полесен пристап до електрична енергија. Synergy проценува дека Texas и државите на централно-западниот дел ќе привлечат околу 53% од новиот американски hyperscale капацитет што треба да се пушти во следните години.
Најголемите дата-центри ги градат гигантите кои и ја предводат ВИ-револуцијата – Amazon, Microsoft, Google, Meta, Oracle, OpenAI, CoreWeave, xAI и десетици специјализирани оператори.
КАДЕ Е КИНА ВО ПРИКАЗНАТА ЗА ДАТА-ЦЕНТРИТЕ?
Кина е директниот конкурент на Соединетите Американски држави во технолошкиот натпревар односно трката за усвојување на вештачката интелигенција, па разбирливо таа е и вториот голем центар.
Според податоци објавени од Financial Times, земјата веќе располага со околу 24 GW дата-центарски капацитет, а уште околу 50 GW се во план или изградба. Само во Ulanqab, Inner Mongolia, има 89 изградени или планирани дата-центри.
Кинеските центри ги градат најголемите кинески технолошки адути – мега-компаниите како Huawei, Alibaba, ByteDance и други компании. Дата центрите најчесто се градат во внатрешните, помалку населени региони на Кина, кои се особено привлечни поради евтина струја, студена клима и достапно земјиште.
КАКО ЕВРОПА ИМ ПАРИРА НА САД И КИНА?
Традиционалните европски центри остануваат Лондон, Франкфурт, Париз, Амстердам и Даблин, таканаречените ФЛАП-Д пазари. Во првиот квартал од 2026 година нивниот капацитет пораснал за речиси 19% за една година, а Франкфурт имал раст од 23%, Лондон од 21%.
AI-центрите повеќе не мора да бидат блиску до голем град. Според JLL, просечниот нов европски проект за периодот 2026–2028 се наоѓа 175 километри од голем град, наспроти само 46 километри кај проектите изградени од 2022 до 2025 година. Причината е едноставна: струја и земјиште.
Најголемите актуелни европски инвестиции го покажуваат тоа: Во Шпанија, во регионот на Арагон, Amazon најави вкупно 33,7 милијарди евра за проширување на AWS инфраструктурата. Целиот регион веќе привлекол повеќе од 60 милијарди евра планирани инвестиции во дата-центри.
Google во септември најави најмалку 13 милијарди евра инвестиции во 2027–2028 во Финска, во областа Hamina, Kajaani, Muhos и Vaala.
Во Германија, AWS инвестира повеќе од 7,8 милијарди евра во European Sovereign Cloud, а Microsoft веќе започна изградба на нов кластер во Bergheim, Bedburg и Elsdorf.
На конференцијата Choose France 2026 беа најавени огромни проекти – SoftBank до 45 милијарди евра за 3,1 GW AI капацитет, Brookfield до 30 милијарди и Nebius околу 8 милијарди евра.
Core Stack и Green Arrow најавија повеќе од 1 милијарда евра за 13 дата-центри во Италија, во следните четири години.
Microsoft, пак, има цел до 2027 година да располага со повеќе од 200 дата-центри во Европа, со инвестиции и во Обединетото Кралство како и во Португалија, Шпанија, Швајцарија, Норвешка, Данска, Германија, Франција и Италија.
И Македонија влегува во оваа трка, иако со многу помал размер. Владата годинава најави изградба на Национален дата-центар, а министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски соопшти дека е изработена физибилити студија, избрана е локација во близина на скопските технолошко-индустриски зони кај Бунарџик и се бара финансиски модел. Проектот треба да има капацитет од околу 5 MW, да биде основа за владиниот cloud, сајбер-безбедноста и развојот на AI, а првичните проценки се дека инвестицијата би чинела околу 20 милиони евра.
Камен-темелник се очекува во 2027 година, а Владата паралелно разговара и со повеќе приватни компании за можни инвестиции во поголеми дата-центри, меѓу нив и Rumble
КОЛКУ СТРУЈА ТРОШИ ЕДЕН ГОЛЕМ ДАТА-ЦЕНТАР?
Според податоците на МекКингси и Компани, Дата-центар со 100 MW континуиран IT товар, ако работи цела година, троши 100 MW × 8.760 часа = 876 GWh годишно само за серверите.
Ако се додадат ладењето, UPS-системите, мрежната опрема и останатата инфраструктура, реалната потрошувачка може лесно да надмине 1 TWh годишно.
Тоа е потрошувачка споредлива со електричната енергија што ја користи помал град.
А новите проекти веќе не запираат на 100 MW. Индустријата преминува кон кампуси од 500 MW, 1 GW, па и повеќе. McKinsey очекува глобалната побарувачка за дата-центарски капацитет да порасне од околу 82 GW во 2025 на околу 220 GW во 2030 година.
На глобално ниво IEA проценува дека дата-центрите ќе потрошат околу 485 TWh струја во 2025, а до 2030 потрошувачката ќе стигне до околу 950 TWh годишно – приближно 3% од целата светска електрична енергија. IEA
AI-ориентираните дата-центри ќе растат уште побрзо – нивната потрошувачка се очекува да се утрои во истиот период.
За споредба, во ЕУ дата-центрите потрошиле околу 68 TWh во 2024, а Европската комисија очекува околу 114 TWh во 2030 година, или 3,2% од вкупната европска потрошувачка.
ПОТРОШУВАЧКА НА ВОДА И ГЛОБАЛНИТЕ КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ
Дата-центрите се почесто се доведуваат во врска со климатските промени, кога е во прашање искористувањето на водата, која, како што покажа и изминатово лето, ја има се помалку. Ова посебно ги запали алармите во Европа, која доживеа некои од историски најниските водостои на своите најголеми реки – Дунав и Рајна, кои летово на повеќе места беа сведени на плитки мочуришта, додека некои европски реки сосема пресушија.
Тука нема една универзална бројка, бидејќи дата-центар што користи тнр. испарувачко ладење (evaporative cooling) може да троши многу повеќе вода од објект со воздушно ладење или ладење во затворен воден циклус.
Европските дата-центри во 2024 година пријавиле просечен WUE од 0,58 литри вода по kWh IT-енергија, со огромен распон меѓу земјите – од 0,07 до 1,28.
Ако само како илустрација го примениме тој просек на дата-центар од 100 MW, тоа би било околу 508 милиони литри вода годишно или приближно 1,4 милиони литри дневно.
Но, не секој центар ќе троши толку – кај waterless или затворени системи директната потрошувачка може да биде многу пониска.
Rystad Energy проценува дека дата-центрите глобално во 2025 директно потрошиле околу 222 милијарди литри вода за ладење. Без значајни мерки за штедење, до 2030 тоа би можело да достигне 644 милијарди литри годишно; со подобри технологии, околу 388 милијарди.
Ако се пресмета поширокиот воден отпечаток на AI – вклучувајќи вода за производство на струја и чипови – научен труд во Water Research проценува потенцијални 4,2 до 6,6 милијарди кубни метри годишно веќе во 2027 година. Тоа не е исто што и директната вода што ја трошат самите дата-центри и двете бројки не треба да се мешаат.
РАСТЕ ОТПОРОТ ПРОТИВ ИЗГРАДБАТА НА ДАТА-ЦЕНТРИ
Енормниот пораст на потрошувачка на струја и на вода за потребите на дата-центрите, која честопати негативно се одразува врз локалните заедници во чиешто соседство се градат дата центри веќе подолго време е причина за отпор, протести, па и забрани за изградба на центрите на територии на некои градови или помали населби во САД.
Причините се речиси секогаш исти: цена на струјата, нови далноводи, вода, бучава од системите за ладење и дизел генераторите, голема површина и релативно мал број трајни работни места. На пример Ист Фишкил во New York воведе тригодишен мораториум за дата-центри над 20 MW, откако беше предложен AI-центар од дури 1 GW.
Reuters во октомври забележа дека локалниот отпор кон дата-центри станува доволно силен за веќе да претставува политички и инвестициски ризик за секторот.
Во Европа на повеќе места се донесени забрани за изградба на големи дата-центри, а најкарактеристичниот европски пример е Амстердам. Во 2026 година градските правила експлицитно наведуваат дека hyperscale дата-центри над 10 хектари и со приклучна моќност од најмалку 70 MW не се дозволени на територијата на Амстердам. Дополнително, поради недостаток на мрежен капацитет, нови приклучоци за дата-центри во градот генерално не се очекуваат пред 2030 освен во исклучителни случаи.
Ирска е поинаков пример. Таму нема формална национална забрана, но Даблин со години функционира со многу силни мрежни ограничувања. Новите дата-центри сега мора да обезбедат сопствено или локално производство/складирање на струја еднакво на својот приклучен капацитет и најмалку 80% од годишната потрошувачка да ја покријат со нови ирски обновливи извори.
Причината е очигледна: дата-центрите веќе трошат околу 22% од целата електрична енергија во Ирска, а според CRU уделот може да достигне 31% до 2034 година.
Шпанија е можеби најинтересниот европски конфликт во моментов. Aragón стана огромен AI и cloud центар поради брзите дозволи, достапното земјиште и обновливата енергија. Но еколошки организации веќе поднесуваат правни постапки поради потрошувачката на вода, струја и ограничената јавна расправа.
Шпанската влада токму овој месец најави построги национални правила за надзор на дата-центрите, особено за нивната потрошувачка на вода и електрична енергија. AWS и Microsoft велат дека инвестициите продолжуваат, но бараат регулаторна предвидливост.
Во Велика Британија Зелената партија побара привремено замрзнување на новите центри поради сушата и потрошувачката на вода и струја – предлог што владата го одби.
ДАТА-ЦЕНТРИ ВО ВСЕЛЕНАТА
Google веќе има прототип во орбита. На 1 октомври 2026 компанијата лансираше сателит за Project Suncatcher, експеримент чија цел е да утврди дали Google TPU процесорите можат безбедно да работат во орбита под радијација и екстремни температури.
Google е во преговори и со SpaceX за идниот развој на орбитални дата-центри. Идејата е привлечна: во орбитата има огромно количество сончева енергија, нема население што ќе се противи на објектот и нема класичен проблем со земјиште.
Но има огромни технички проблеми: лансирање на илјадници тони опрема, радијација, поправки, комуникациски доцнења и – можеби најтешкиот проблем – исфрлање на топлината во вакуум, каде нема воздух што ќе ја однесе.
Најамбициозен е американскиот стартап Starcloud, поддржан преку Nvidia Inception.
Компанијата планира во 2027 да пушти комерцијален Starcloud-2 сателит, а долгорочната визија е нешто неспоредливо поголемо: орбитален AI дата-центар од 5 GW со соларни панели и радијатори широки километри.
Starcloud тврди дека во орбита вакви системи еден ден би можеле да се градат и на gigawatt scale, бидејќи нема ограничување од локални електромрежи или дозволи.
Rocket Lab веќе развива огромни соларни панели специјално наменети за идни gigawatt-scale space data centers.
Axiom Space во јануари годинава лансираше два orbital data-center nodes, кои веќе комуницираат меѓусебно и со Земјата. Засега се работи за мали системи, но компанијата планира постепено да оди од киловати кон мегавати.
Ј.Дуковска
Аналитика








