ПОВЕЌЕ

    Владата ги крати и приходите и расходите за околу 86 милиони евра – буџетскиот дефицит останува ист

    Време зa читање: 2 минути

    Државата очекува да собере околу 86,3 милиони евра помалку приходи, а паралелно со тоа планира да ги намали расходите за околу 85,8 милиони евра. Тоа е суштината на новите измени на Буџетот за 2026 година, кои Владата денеска ги усвои и ќе ги достави до Собранието.

    Со новиот предлог, буџетските приходи се намалуваат од 379,510 на 374,2 милијарди денари. Разликата е 5,310 милијарди денари, или околу 86,3 милиони евра. Расходите, пак, се намалуваат од 425,774 на 420,5 милијарди денари, односно за 5,274 милијарди денари или околу 85,8 милиони евра.

    Владата објаснува дека потребата за оваа втора годинешна корекција доаѓа како последица на мерките за намалување на акцизата и ДДВ кај горивата, со кои се намалуваат очекуваните приходи во Буџетот. Од денешното соопштение, сепак, не може да се види од кои конкретни расходни ставки ќе бидат скратени околу 5,3 милијарди денари.

    Од Владата посочуваат дека нема промени кај буџетскиот дефицит. Со претходниот ребаланс тој беше утврден на 46,264 милијарди денари, или околу 752,3 милиони евра, односно 4,1 отсто од БДП.

    Ако се земат предвид денеска објавените заокружени износи за приходите и расходите, разликата меѓу нив е околу 46,3 милијарди денари, или 752,8 милиони евра. Во споредба со првично усвоениот Буџет за оваа година, дефицитот останува повисок. Првично беа планирани 39,239 милијарди денари, а со првиот ребаланс беше зголемен за 7,025 милијарди денари или за околу 114,2 милиони евра.

    Што се однесува до досегашната реализација на Буџетот, фискалниот бројач на Министерството за финансии, заклучно со 6 октомври, вели: приходите изнесуваат 267,462 милијарди денари (4,35 милијарди евра), а расходите 317,702 милијарди денари (5,17 милијарди евра). Или, во овој период расходите ги надминуваат приходите за 50,240 милијарди денари, односно за 816,9 милиони евра. Износот е за 3,976 милијарди денари (64,7 милиони евра) повисок од дефицитот планиран за целата година со претходниот ребаланс.

    За конечниот дефицит да се врати на планираното ниво, во преостанатиот период до крајот на годината буџетските приходи ќе треба да бидат повисоки од расходите за околу четири милијарди денари.

    Предлогот за измени и дополнувања на Буџетот ќе оди на разгледување и усвојување во Собранието.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично