ПОВЕЌЕ

    Што навистина покрива осигурувањето? Финансиската писменост во фокусот на меѓународна средба на ОЕЦД

    Време зa читање: 2 минути

    Колку граѓаните ги разбираат осигурителните полиси што ги купуваат, знаат ли кои ризици се покриени, а кои се исклучени и колку се запознаени со своите права? Овие прашања се дел од пошироките предизвици за подобрување на финансиската писменост, за кои се разговараше на меѓународната средба на ОЕЦД-ИНФЕ во Ереван, Ерменија, на која учествуваше и Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

    На годишната средба, одржана од 29 септември до 1 октомври, претставници на институции од земјите вклучени во Техничката програма за финансиска едукација на ОЕЦД-ИНФЕ разменија искуства за подобрување на финансиската едукација, заштитата на потрошувачите и пристапот до финансиски услуги.

    Посебно внимание беше посветено на улогата на осигурителниот сектор во финансиското образование. Претставник на АСО учествуваше како панелист во дискусијата за вклучување на осигурителните компании и другите пазарни субјекти во иницијативите за зголемување на финансиската писменост.

    Во дискусијата беше нагласено дека познавањето на осигурителните производи не подразбира само избор на полиса, туку и разбирање на ризиците, опфатот на покритието, исклучоците и правата и обврските што произлегуваат од договорот за осигурување. Подобрата информираност може да придонесе за поголема финансиска сигурност и поефикасна заштита на осигурениците, корисниците на осигурителните услуги и третите оштетени лица.

    Меѓу темите на средбата беа и резултатите од меѓународното истражување за финансиската писменост, финансиската инклузија и благосостојбата на возрасните, како и задолженоста на потрошувачите. Се разговараше и за ефективноста на националните стратегии за финансиска едукација и за можностите дигиталните платформи и социјалните медиуми да се користат за подобро информирање на граѓаните.

    За АСО, учеството на овој меѓународен собир претставува можност за преземање добри практики и зајакнување на соработката со домашните и странските институции, со цел граѓаните да носат поинформирани одлуки при користењето финансиски и осигурителни производи.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично