ПОВЕЌЕ

    Ценовни пресврти во септември – кои акции се најголемите добитници и губитници на Берзата?

    Време зa читање: 2 минути

    Акцијата на УНИ Банка е носител на најголемиот раст забележан во статистиката на Македонска берза за септември. Најголемиот пад на вредноста ја следи акцијата на Титан Усје.

    За 12,63 насто на месечно ниво зајакнала банкарската хартија од вредност. На 31 август акцијата на УНИ Банка имала просечна цена од 6.570 денари, а на 30 септември 7.400 денари.

    Пресврт се случил кај акцијата на Хотели Метропол Охрид. Во август ја предводеше минусната листа, а во септември го има вториот по големина раст од 6,98 насто. Од 215 денари, цената се поместила на 230 денари. Сепак, ова движење не го надоместува целосно претходниот пад (-18,25%).

    Слична е состојбата и кај Адинг. Вредноста на акцијата се зголемила за 5,42 насто, од 2.500 на 2.635,45 денари, откако претходниот месец го заврши со минус од 7,41 отсто.

    За два денари е повисока просечната цена на РЖ Економика, односно за 3,77 насто – по августовските 53 денари, септември го заокружила со просек од 55 денари за акција.

    По двомесечен пад, акцијата на ТТК Банка нараснала за 2,63 насто и достигнала 1.151 денар. Во август имаше просечна цена од 1.121,54 денари.

    Во рангирањето според најголемите процентуални осипувања, првото место со 7,79 отсто го зазема Титан УСЈЕ. Вредноста на акцијата се намалила за 3.800 денари – од 48.800 на 45.000 денари. Ова движење доаѓа по растот од 10,91 насто во август.

    На таа линија е и акцијата на Алкалоид. Во септември просекот се намалил за 7,27 отсто, односно од 23.841,48 на 22.107,57 денари. Еден месец порано, оваа акција постигнала едно од петте тогашни најсилни движења, за 3,99 насто.

    И вредноста на акцијата издадена од Окта опаднала во текот на септември. Од 5.466 на 5.175 денари, или за 5,32 отсто.

    За 4,42 отсто е пониска просечната цена на Стопанска банка Скопје – од 1.903,41 на 1.819,20 денари. Годинава, ова е шести месец во кој оваа акција бележи пад. Негативните движења беа присутни во пет последователни месеци, а серијата беше прекината во август.

    Со најнизок процент од 4,21 отсто меѓу губитниците е и акцијата на НЛБ Банка. Во август чинела 51.940 денари, а септември го завршила со просечна вредност од 49.754,14 денари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично