ПОВЕЌЕ

    Светска банка: Со реформи до раст од 3,8% – без реформи Македонија останува далеку од ЕУ

    Време зa читање: 3 минути

    Македонија за помалку од две децении успеала да премине од земја со понизок во земја со повисок среден доход, но потоа напредокот значително забавил. Во последните 17 години земјата останала на истото развојно ниво, а приближувањето кон животниот стандард на Европската Унија оди побавно отколку кај дел од земјите во регионот. Ова е една од главните пораки од новиот Извештај за растот и работните места на Светска банка – „Северна Македонија: Излез од стапицата на среден доход“, презентиран денеска во Скопје.

    Дијагнозата е: сегашниот модел на раст, поттикнат од приватната потрошувачка и странските инвестиции со пониска додадена вредност и висок увозен интензитет, ги достигнува своите граници. Проблем се ниската продуктивност, структурата на инвестициите, слабата конкуренција, квалитетот на институциите, но и сè помалиот и недоволно искористен човечки капитал.

    Колку бавно се затвора јазот со Европа покажува споредбата со соседството. Во последната деценија Албанија, Србија и Црна Гора го намалиле доходовниот јаз со просекот на ЕУ за седум до десет процентни поени, додека Македонија напредувала за околу четири процентни поени. Во 2024 година домашниот БДП по жител достигнал околу 42 отсто од просекот на ЕУ.

    Иднината, според Светска банка, зависи од тоа дали ќе се смени економскиот модел. Во сценариото без позначајни реформи, просечниот годишен раст постепено би забавил на 2,4 насто до 2050 година. Со такво темпо, земјата до средината на векот би стигнала до само 55 отсто од просечниот доход во ЕУ.

    Но, посочуваат од Светска банка, сеопфатен реформски пакет би можел да го подигне просечниот раст на 3,8 насто, да отвори 53 илјади дополнителни работни места за луѓе кои сега се надвор од пазарот на труд и да донесе повисоки плати и подобри услови за работа за уште околу 196 илјади веќе вработени лица до 2050 година.

    Еден од проблемите е и каде завршуваат инвестициите. Според презентираните наоди, речиси две третини од инвестициите се концентрирани во градежништвото, а инвестициите во сектори со поголема продуктивност, како ИКТ и професионалните услуги, остануваат ограничени. Притоа, растот на вкупната факторска продуктивност подолг период е слаб.

    Светска банка укажува и на проблем со конкуренцијата. Во 10 од 14 анализирани економски сектори четирите најголеми компании контролираат повеќе од половина од приходите, а државата и натаму има сопственички удел во значителен број компании што работат на конкурентни пазари. Таквата поставеност може да го ограничува влезот на нови компании, иновациите и притисокот за зголемување на продуктивноста.

    Работната сила е исто така голем ресурс што не е доволно искористен. Иселувањето и стареењето ја стеснуваат базата на работоспособно население, а дел од жените и младите остануваат надвор од пазарот на труд. Светска банка затоа ја става мобилизацијата на човечкиот капитал, подобрувањето на вештините и нивното усогласување со потребите на компаниите меѓу главните услови за повисок раст.

    Реформскиот рецепт се концентрира во три правци: подобро економско управување и посилна конкуренција; поголема технолошка интеграција, иновации и енергетска ефикасност; и подобар развој и искористување на човечкиот капитал. Светска банка оценува дека реформите треба да создадат услови домашните компании да се движат кон производство и услуги со повисока додадена вредност, наместо растот да се потпира главно на евтина работна сила, потрошувачка и инфраструктурни инвестиции.

    Светска банка оценува дека земјата сè уште има простор за промени, но тоа зависи од политичката посветеност, капацитетот на институциите и, пред сè, дали реформите навистина ќе се спроведуваат.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично