Од Македонија се извезени стоки за 5,739 милијарди евра, а од земјите трговски партнери е реализиран увоз од 8,154 милијарди евра. Трговскиот минус изнесува 2,42 милијарди евра.
Податоците на Државниот завод за статистика за периодот од јануари до август покажуваат дека извозниот рст преедничи во однос на увозниот. Но, за секои 100 евра увезена стока, извозот покрива само околу 70 евра. Конкретно, во тие осум месеци кај извозот има годишен раст од 8,7 насто, а кај увозот 7,9 насто. Оттука и покриеноста од 70,4 насто на увозот со извоз.
На пример, само во август извозот изнесувал 635,8 милиони евра, а увозот 954,5 милиони евра, при што е создаден минус од приближно 319 милиони евра. Податоците за јануари–јули се 5,103 милијарди евра извоз и 7,199 милијарди евра увоз.
Извозот главно е врзан за автомобилската и хемиската индустрија. Најзначајни извозни производи се катализаторите со благородни метали, сетовите на проводници за возила, авиони и бродови, деловите за седишта и други катализатори. Кај увозот доминираат нафтените масла, платината и металите од платинската група, како и патничките автомобили.
Притоа, половина од целата размена е остварена со само пет земји. Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија учествуваат со 49,7 отсто во вкупната надворешнотрговска размена. ЕУ како целина има удел од 58,5 отсто. За споредба, во истиот период лани овие пет главни партнери учествувале со 47,7 отсто, а ЕУ со 59,8 отсто.
Од ДЗС посочуваат дека во домашна валута осуммесечен извоз е во вредност од 353,76 милијарди денари, со годишен раст од 8,8 насто, а увозот е со износ од 502,61 милијарда денари (+8,0 %). Пресметката во американски долари е – извоз од 6,67 милијарди долари (+13,7 %) и увоз од 9,48 милијарди долари (+12,9 %).
Аналитика








