ПОВЕЌЕ

    Мереле, пресметувале и мапирале 10,7 милиони приход и 2 милиони евра добивка

    Време зa читање: 4 минути

    Пред да никне зграда, да се повлече нова траса или да се утврди чија е една парцела, некој мора да ја повлече точната линија. Тука на сцена стапуваат геодетите – професија во која секој сантиметар е важен.

    Дека зад мерењето има и солиден бизнис покажуваат минатогодишните остварувања на 116 геодетски компании, кои се дел од Комората на трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи. Анализата на Пари се базира на податоци од Бизнис Мрежа, а од нив произлезе дека работата им оди сѐ подобро. Приходот го зголемиле за 13,93 насто, односно вкупниот приход достигнал 10,7 милиони евра. Уште позабележително е движењето од 62,70 насто кај заедничката добивка, која се зголемила од 1,2 милиони на 2 милиони евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ДВЕ КОМПАНИИ МЕРАТ ПРИХОДИ ВО МИЛИОН ЕВРА

    Сите мерат, но не мерат исто – барем кога станува збор за приходите. Речиси половина, односно 45,79 насто од приходот е реализација на 10 геодетски компании. Од вкупните 10,7 милиони евра, нивни се 4,9 милиони, резултат што е за 40 насто подобар од тој во 2024 година.

    На приходната мапа, исто како и преклани, доминираат две компании, чиишто приливи се поголеми од останатите осум. За една година, скопската Гео Поинт безмалку го удвоила приходот, од 871,7 илјади евра на 1,7 милиони евра. Постигнат е раст од 96,76 насто.

    Годишната промена кај второрангираната компанија не е толку изразена, но сепак е доволна за премин од стотици илјади евра во милион евра. Со растот од 18,03 насто, приходот на ГЕО Балкан од Битола се зголемил од 860,6 илјади евра на 1 милион евра.

    Веќе третата компанија на листата топ 10, Геофото Зенит инженеринг, има значително понизок приход од 458,3 илјади евра.

    Но, ако се гледа од агол на процентуалниот раст, првото место му припаѓа на Кат-Стар Про. Приходот на гостиварскиот геодет скокнал од 100,5 илјади на 409,7 илјади евра, односно за дури 307,74 насто.

    Сепак, немале сите геодетски компании успешна година. Приходот на Гео-Кат инженеринг се намалил за 10,62 насто, а на Гео Монд инженеринг за 12,13 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ТОП 10 КОМПАНИИ ЈА ЗГОЛЕМИЛЕ ДОБИВКАТА ЗА 158,57 НАСТО

    Заедничкиот резултат на десетте компании со најголема добивка изнесува 1,5 милиони евра. Во однос на прекланските 580,2 илјади евра, профитот за 2025 година е зголемен повеќе од двојно.

    И на ова поле стои „печатот“ на Гео Поинт. Компанијата лани остварила добивка од 820,5 илјади евра, а една година претходно само 53 илјади евра. Или, за една година профитабилноста е подобрена за високи 1.449,22 насто.

    Зад него и во делот на профитабилноста е Гео Балкан Битола. Има заработка од 291 илјада евра, за 46,80 насто повеќе од претходната година. Третопозиционираната Гео Инг од Делчево, пак, остварила речиси ист резултат како и во 2024 година – раст од 0,05 насто и 134,3 илјади евра.

    Како и кај приходот, носител на процентуалниот рекорд и кај профитот е Кат-Стар Про. Преклани заработила 1,6 илјади евра, а лани 25 илјади евра. Тоа е раст од 1.468,39 насто.

    Но, кај некои од водечките геодети е забележан спротивен тренд. Добивката на Геодата инженеринг од Кавадарци опаднала за 12,22 насто; на Гео Сурвеј Џила од Струга за 26,80 насто; а на Астра инженеринг од Скопје за 27,83 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично