Денес завршуваат светските игри на хуманоидни роботи во 2026 година, кои од 22 до 26 август се одржуваа во Пекинг, Кина, со повеќе од 2.000 хуманоидни роботи кои се натпреваруваат во спортови како кикбокс, спринт и гимнастика. Светот веќе го обиколи веста за трите роботи кои го победија светскиот рекорд на Хусеин Болт од 9,58 секунди во трката на 100 метри.
Вторите Светски игри за хуманоидни роботи собраа на едно место 2.056 роботи од 666 тима од 16 земји. Тие се натпреваруваа во 51 настан, почнувајќи од спринт, фудбал, кикбокс и пинг-понг до практични предизвици што вклучуваат фабрики, логистика, хотели, домови и итни интервенции. Според извештаите, повеќе од 40% од тестовите бараат целосна автономија.
Сепак, овие игри јасно ја покажаа и доминацијата која на планот на применетата роботика и вештачка интелигенција ја има домаќинот – Кина, која учествуваше со 641 од 666 тима и 1.975 од 2.056 роботи, со учество на 157 кинески компании и 200 универзитети и истражувачки институции.
Воспоставените синџири за снабдување со автомобилска индустрија и електроника во Кина им даваат на нејзините компании за роботика пристап до мотори, батерии, сензори, електрични погони и производствен капацитет. Настани како овие, исто така, им овозможуваат на стотици тимови да тестираат машини, да ги разоткриваат слабостите и да ги подобруваат дизајните.
Додека се пребројуваа спортските успеси и вештините на роботите, сајтот Гизмодо ги прикажа епските промашувања на учесниците, кои навистина биле смешни за гледање.
Имаше роботи- навивачки кои не можеа да престанат да се тресат.
Имаше роботи кои не само што се удрија во ѕид од стиропор, туку патем фрлаа искри и се запалија.
Имаше робот кој се обиде да се преврти напред од кутија ама „атерираше“ на глава.
Имаше робот кој се преврте обидувајќи се да крене релативно мала тежина и заврши удирајќи во маса.
Имаше робот на патеката со пречки што беше во апсолутен хаос.
Имаше робот за скокање во висина на кој му одлета главата.
Имаше робот за фудбал што падна на лице.
Имаше робот што го исплаши еден од службените лица на страната бидејќи не сакаше да застане.
Имаше робот што се удри во телевизор.
Имаше робот што танцуваше и изгледаше како да имал премногу испиено.
Сепак, роботите на ова натпреварување постигнаа некои навистина импресивни подвизи. И неверојатно е да се види колку далеку стигнала хуманоидната роботика во деценијата од предизвикот за роботика на DARPA во Калифорнија во 2015 година. Секој робот на тоа натпреварување беше управуван од далечина и се движеше болно бавно во споредба со роботите од 2020-тите. Имаше многу смешни неуспеси во 2015 година, но тие тогаш се движеа многу, многу побавно, заклучува Гизмодо.
ИДНИНА СО ИЛИ БЕЗ РОБОТИ?
Иднината изгледа светла за хуманоидните роботи во 2026 година. Но, останува да се види како компаниите ќе се обидат да ги монетизираат овие ботови и кои случаи на употреба имаат најголема смисла за секојдневните потрошувачи.
Дали ќе стане вообичаено хуманоидните роботи да работат како слуги во американските домови, виткајќи облека и полнејќи машина за миење садови, генерално исполнувајќи го сонот на Роузи роботот од „Џетсонс“? Милијардерот Илон Маск мисли така. Но, неговата временска рамка е премногу амбициозна, а неговиот робот Оптимус во голема мера се користи како начин за генерирање возбуда, наместо за постигнување опипливо импресивни подвизи.
Исто така, постои и прашањето колку роботите можат да го трансформираат општеството во блиска иднина. Од една страна имате луѓе како Маск кои веруваат дека роботите ќе донесат свет на изобилство. Всушност, толку многу изобилство, што парите нема да бидат важни до 2030 година. Од друга страна, ги имате скептиците за роботите кои веруваат дека хуманоидните роботи нема да бидат во повеќето американски домови во оваа деценија.
Предвидувањето на Маск е апсурдно, се разбира, но, постои можност за нешто во средина. Хуманоидните роботи напредуваат на начин што е навистина импресивен и постои реална можност да ги видиме како извршуваат задачи почесто во наредните години. Дали ова ќе доведе до општество во које никому ништо нема да му недостига, како што вети најбогатиот човек во светот? Не. Тоа се случува само преку политичка акција.
Но, дали ова ќе значи дека некои задачи ќе ги извршуваат роботи, особено ако се поопасни – замислете го гаснењето на Чернобил или спасувањето на нечиј домашен хрчак од зграда што гори? Тоа е сосема можно.
(Фото: CGTN)
Аналитика








