ПОВЕЌЕ

    Работата е завршена, сметките во фиока – јавниот сектор должи 693,6 милиони евра  

    Време зa читање: 3 минути

    Железницата, здравството, енергетиката и општините се меѓу најголемите должници – зад милијардите денари неплатени обврски се приватни компании и други доверители кои чекаат на своите пари

    Работата е завршена, услугата е испорачана, фактурата е издадена, но – парите не стигнале. Така изгледа финансиската дисциплина во добар дел од јавниот сектор. Вкупно 903 институции имаат доспеани, а неплатени обврски од 42,66 милијарди денари, односно околу 693,6 милиони евра, покажуваат податоците од Електронскиот систем за пријавување и евиденција на обврски (ЕСПЕО) заклучно со јуни.

    Тоа не е само статистика за државниот сектор. Зад секоја неплатена фактура стои компанија што испорачала стока, изградила нешто, извршила услуга или завршила договорена работа, а наместо навремена наплата мора да чека. Кога должник е државна институција или јавно претпријатие, проблемот може да се прелее и врз ликвидноста на приватниот сектор, особено кај помалите фирми за кои една голема ненаплатена фактура може да значи проблем со плати, добавувачи, кредити или даночни обврски.

    Железницата најголем неплаќач

    На врвот на должничката листа се двете државни железнички компании. ЈП Македонски Железници – Инфраструктура има доспеани, а неплатени обврски од 91,5 милиони евра, а АД МЖ Транспорт должи 83,9 милиони евра.

    На третото место е институцијата што ги обединува јавните здравствени установи – ЈУ од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетски клиники, завод и Ургентен центар, со 35 милиони евра неплатени обврски.

    Следуваат ЕСМ со 33,9 милиони евра, а долгот на ЕСМ Дистрибуција на топлина е 29,8 милиони евра.

    Меѓу 20-те најголеми должници се и здравствените установи. Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија има неплатени обврски од 28,4 милиони евра; Институтот за трансфузиона медицина 9,5 милиони евра; Универзитетската клиника за детски болести 9,3 милиони евра; Универзитетска клиника за кардиологија и кардиоваскуларна хирургија 8,2 милиони; а Министерство за здравство 8,1 милион евра.

    И општините имаат натрупани сметки

    Финансиската недисциплина не е проблем само на централната власт и државните компании. Високо на листата има и општини.

    Меѓу првите 10 должници се Гостивар со доспеани, а неплатени 14,9 милиони евра, како и Тетово со 14,1 милион евра.

    Во првите 50 се Сарај со 4,2 милиони евра, Карпош со 4,1 милион, Кисела Вода со 3,9 милиони, Желино со 3,6 милиони, Аеродром и Струга со по околу 3,5 милиони евра.

    Долгот на Град Скопје во овој период достигнал 2,7 милиони евра.

    Обврски има уште, само не стигнале за наплата

    Дополнителен проблем е што кај најголем дел од овие субјекти постојат и недоспеани обврски. Или пријавените милијарди денари, односно стотици милиони евра се само сегмент од целосната слика за (не)плаќањата, досегашни и идни.

    Сумата од речиси 700 милиони евра е особено значајна за ликвидноста на јавниот сектор, но и за компаниите што работат со него. Во пракса, кога една државна институција доцни со плаќањето, приватната фирма не ги стопира свои обврски. Таа и понатаму треба да ги извршува редовните функции, да исплаќа плати, придонеси, даноци, добавувачи, кредити и други трошоци. Така, доцнењето на едната страна станува проблем со ликвидноста на другата.

    Затоа, кога станува збор за 903 субјекти и наталожени достасани, а ненамирени обврски, тоа не е проблез на поединечни случаи. Тоа е прашање на финансиска дисциплина, но и на довербата на бизнисот дека државата ќе го почитува својот дел од договорот.

    M.A.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично