Министерството за финансии на 20 август издало нова државна обврзница, која од денес котира на Македонска берза. Вредноста на емисијата е 2,29 милијарди денари, односно 37,3 милиони евра, а за домашните кредитори е предвидена каматна стапка од 5,20 насто.
Се работи за 229.390 обврзници со номинална вредност од 10.000 денари. За наплата ќе стасаат по пет години, на 20 август 2041 година. Имаат шифра на тргување M200841.
На почетокот од месецов државата излезе на берза со три обврзници, една тригодишна и две петгодишни. Со нив, од инвеститорите побара 41 милион евра, а за возврат понуди камат од 4,35 %, 5 % и 5,20 насто.
По објавувањето на информацијата за задолжувањето во медиумите, од Министерството упатија соопштение, дека „државните хартии од вредност се дел од планираното задолжување на домашниот пазар согласно усвоениот Буџет и Ребаланс за 2026 година во Собранието“. Исто така, беше посочено дека „издавањето на овие емисии на државни хартии од вредност е транспарентно објавено на веб-страницата на Министерството за финансии во календарот на аукции…“, како што се „транспарентно објавени и проспектите за одржување на аукциите со условите и датумите на нивното одржување“.
Последнава емисија од 2,29 милијарди денари не фигурура на списокот, но како што е наведено во фуснота, „Календарот за третиот и четвртиот квартал од 2026 година е индикативен и може да биде предмет на измена“.
Според објавите на Македонска берза за прием на котација, од почетокот на годинава, односно од 29 јануари па досега, Министерството за финансии има реализирано 21 емисија на државни обврзници. Преку нив, државата на домашниот пазар се задолжила за 27.595.800.000 денари или за повеќе од 448,7 милиони евра.
Аналитика








