На граничниот премин Богородица кон Евзони и соседна Грција не стивнуваат ниту километарските колони ниту пак реакциите на српските туристи кои беа затекнати од почетокот на примената на системот Безбеден Град, кој од денес почна да важи и за странски возила во нашата држава. Според известувањето на Министерството за внатрешни работи, од денес почна примената на воспоставениот механизам за постапување со возачите на возила со странски регистарски таблички кај кои системот „Безбеден град“ евидентирал сторен сообраќаен прекршок на територијата на Македонија.
На Граничниот премин Табановце, при излез од државата, кај возила кај кои системот има претходно евидентирано сообраќајни прекршоци, на возачите им се соопштува дека е евидентиран прекршок и им се издава Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, со можност казната да ја подмират согласно законската постапка.
Поголемиот број возила кои денес се појавуваат на граничниот премин се должи на тоа што станува збор за прв ден од примената на овој механизам, при што се опфаќаат и претходно евидентираните прекршоци. Министерството за внатрешни работи презема активности за непречено одвивање на постапката и намалување на задржувањето на патниците.
Со воведувањето на овој механизам се обезбедува еднаков и неселективен пристап во санкционирањето на сообраќајните прекршоци, без оглед дали станува збор за возила со домашни или странски регистарски таблички, се вели во информацијата на МВР, од каде најавија и дека продолжуваат со имплементација на системот „Безбеден град“ со цел неговата примена постепено да се прошири и на останатите гранични премини во државата.
Камерите на граничниот премин Богородица од рано утринава регистрираат километарски колони за излез од Македонија кон Грција, додека пак социјалните мрежи, како и српската Вибер-апликација Грчка Инфо известуваат за турканици пред шалтерите на самата граница, каде сопствениците на патнички возила, кои биле регистрирани како прекршители на сообраќајните прописи на територија на државава, мораа да ги платат казните.
Според моментално објавената постапка, странски возач дознава за евидентиран прекршок за време на проверка на граничниот премин. Според искуствата на патниците кои поминале низ Табановце, полицијата ги одвојува возилата што се во системот од колоната, ги зема документите и им наложува на возачите да паркираат и да ја продолжат постапката на посебен шалтер.
Патниците наведуваат дека документите се скенирани, се внесуваат податоци и телефонски број, а потоа се бара е-адреса, на која се испраќа линк со инструкции за плаќање.
Плаќањето се врши со картичка преку интернет. По плаќањето, сметката им се покажува на полицајците, кои потоа ги враќаат документите и возачот може да го продолжи своето патување.
Според сведоштвата на патниците, постапката првиот ден не поминала непречено. Имало долги редици, само еден шалтер за обработка на казни и многу долго чекање. Едно семејство кое ги контактирале Грчка Инфо изјавиле дека целата постапка и преминувањето на границата траеле околу четири часа.
Во моментов не постои јавна онлајн услуга преку која странските возачи можат да проверат дали имаат евидентиран прекршок или казна во системот „Безбеден град“ со внесување на бројот на нивната регистарска табличка.
Министерството за внатрешни работи го наведува зголемениот број возила и обработката на претходно евидентирани прекршоци како причина за зголеменото работно оптоварување на преминот на првиот ден од спроведувањето.
Коментарите на патниците кои транзитираат низ Македонија денес главно беа негативни и се однесуваа на начинот на кој се применува системот Безбеден Град: „Не станува збор за плаќање на казната, туку за организирање на системот за наплата. За жал, како една од најсиромашните земји од поранешна ЕУ, тие имаат афинитет да добијат пари што е можно поскоро без воопшто да размислуваат како тоа ќе влијае на туристите во транзит. Не можете да почнете да собирате казни ако има само една куќичка, еден службеник, сите од ништо, а илјадници автомобили, без разлика дали имаат казна или не, ќе мора да чекаат со часови на границата… Ужасот и бедата на нивната организација“, стои во еден од коментарите.
Друг патник порачува: „Поправете ги патиштата и собирајте казни, а не дупка по дупка, ја намаливте брзината на 40 км/ч“ и прашува: “Што е следно, ќе ја намалите брзината на 20 км/ч“?
Други патници од Србија им препорачуваат на сонародниците: „Отсега САМО преку Бугарија до Грција: една граница, подобар пат, ограничување на брзината од 140 км/ч, поевтини продавници покрај патот, побрзи пристигнувања…..СИТЕ ПРЕКУ БУГАРИЈА!!!“.
Ј.Д.
(Фото: скриншот од лајв-камера и сајт Грчка Инфо)
Аналитика








