ПОВЕЌЕ

    Стопанска банка: Кутуди реизбрана за генерален извршен директор, Божиновска Лазаревска независен член на НО

    Време зa читање: 2 минути

    Хрисула Кутуди е реизбрана и доби четиригодишен мандат во кој ќе раководи со Стопанска банка скопје од позицијата генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор. Професорката од Економскиот факултет, Зорица Божиновска – Лазаревска, се враќа во највисоките тела на Банката, како независен член на Надзорниот одбор.

    За промените во органите на управување и надзор, Стопанска банка Скопје информира преку известувањата споделени на Македонска берза:

    „Стопанска банка АД – Скопје ја информира јавноста дека согласно одлуката за именување од страна на Надзорниот одбор и добиената согласност односно Решението на Извршниот одбор на Народна банка на Република Северна Македонија, г-ѓа Хрисула Кутуди повторно се именува за генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Банката, со мандат од 4 години“.

    На овие позиции Кутуди беше именувана во септември минатата година, откако претходно се приклучи кон тимот на Стопанска банка како професионалец со долгогодишна успешна кариера во доменот на банкарството. Зад себе има повеќедецениско работно искуство во финансискиот сектор. Во најстарата македонска банка дојде од Националната банка на Грција, каде што работела од 1993 година, а била назначена и за помошник генерален директор за специјализирани решенија – банкарство на мало. И, од каде што професионалната патека ја продолжила во Стопанска банка.

    „Согласно одлуката за именување од страна на Собранието на акционери и добиената согласност односно Решението на Извршниот одбор на Народна банка на Република Северна Македонија, г-ѓа Зорица Божиновска – Лазаревска се именува за независен член на Надзорниот одбор на Банката, со мандат од 4 години“, соопштија од Банката.

    Божиновска Лазаревска исто така има претходно долгогодишно искуство во Стопанска банка како независен член на Одборот за ревизија, чиј претседател била од 2006 до 2012 година. Од таа позиција се повлече лани во октомври, а нејзиниот ангажман во Надзорниот одбор беше најавен уште тогаш: „Со своето искуство и експертиза, проф. Божиновска-Лазаревска даде значаен придонес во работата на Одборот за ревизија, а Банката очекува продолжување на ангажманот во насока на унапредување на корпоративното управување во Надзорниот одбор“.

    Божиновска Лазаревска е редовен професор на Катедрата за сметководство и ревизија при УКИМ. Со Катедрата, како и со вториот циклус студии на студиската програма сметководство и ревизија раководи од 2013 година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично