
Интервју со Атила Селим, директор на Дирекцијата за дигитално банкарство и маркетинг во ХалкБанк, по повод програмата „Вредноста на безготовинското плаќање во Битола“, реализирана во соработка со Visa
За многу мали бизниси, дигиталните плаќања долго време изгледаа комплицирани, скапи или резервирани за поголеми системи. Сепак, преку програмата Вредност на безготовинското плаќање во Битола, која ја спроведуваат Visa, ХалкБанк и НЛБ Банка, а со поддршка на Министерството за дигитална трансформација, безготовинското плаќање станува подостапно и поедноставно токму за оние на кои им е најпотребно – мали бизниси кои сакаат да ја подобрат својата услуга, да привлечат повеќе клиенти и да го модернизираат својот бизнис без поголеми почетни пречки.
За тоа како овој проект во практика ја олеснува дигитализацијата и отвора нови можности за локалните претприемачи, разговаравме со Атила Селим, директор на Дирекцијата за дигитално банкарство и маркетинг во ХалкБанк.
ПАРИ: Многу сопственици на мали бизниси сè уште веруваат дека преминувањето на безготовинско плаќање е сложено, скапо или наменето само за поголеми системи. Како овој проект покажува дека дигитализацијата може да биде едноставен и остварлив чекор и за малите бизниси?
Селим: Тоа е една од најчестите заблуди со кои се среќаваме. Долго време дигиталните плаќања се поврзуваа со поголеми компании кои располагаат со класични ПОС терминали и посложена инфраструктура. Денес ситуацијата е сосема поинаква. Технологијата значително напредуваше и овозможува модерни решенија кои се едноставни, достапни и прилагодени токму на потребите на малите бизниси.
Со програмата Вредност на безготовинското плаќање, која во Битола ја спроведуваме со соработка со Visa и партнерите, сакаме да покажеме дека дигитализацијата не мора да биде ниту сложена, ниту скапа. Напротив, доволен е Android мобилен телефон или таблет со NFC технологија за трговецот да може да прифаќа картични плаќања. По активирањето на услугата, уредот се претвора во терминал за бесконтактни плаќања, преку кој трговците можат да ги наплатуваат своите производи и услуги каде и да се. Што значи – нема потреба од дополнителна опрема, нема сложени инсталации, а воведувањето на услугата е брзо и едноставно.
Дополнително, преку промотивните поволности им овозможуваме на трговците без финансиски ризик да ги почувствуваат придобивките од современите начини на наплата. Веруваме дека кога еднаш ќе видат колку е практично и колку позитивно влијае врз нивното секојдневно работење, дигиталното плаќање ќе стане природен дел од нивниот бизнис.
Во суштина, ова не е само проект за воведување нова услуга. Ова е можност и најмалите компании да добијат пристап до технологии кои ќе им помогнат да бидат поконкурентни, поефикасни и поблиску до потребите на денешните потрошувачи.

ПАРИ: Што добиваат претприемачите во Битола во пракса преку проектот Вредност на безготовинското плаќање во Битола, и колку им значи тоа што низ целиот процес имаат поддршка од ХалкБанк?
Селим: Она што е најважно е дека претприемачите добиваат конкретна поддршка за да го модернизираат своето работење. Првите 50 микро, мали и средни компании кои ќе се приклучат ќе можат да го користат ХалкМоби ПОС без провизија за месечно одржување и без провизија по трансакција во период од три месеци, како и Visa Business Debit картичка без годишна членарина во првата година.
Но, придобивките не завршуваат тука. Тие добиваат можност да воведат современ начин на наплата без дополнителни инвестиции во ПОС опрема и без да го менуваат начинот на кој работат. Наместо класичен терминал, нивниот мобилен телефон станува уред преку кој можат да прифаќаат бесконтактни плаќања каде и да се. Покрај мобилноста, услугата овозможува и безбедни и брзи трансакции и увид во сите уплати во реално време.
Со тоа трговците добиваат сигурна банкарска поддршка и експертиза во процесот на воведување на услугата, а од друга страна, користат решение засновано на највисоките меѓународни стандарди за сигурност и квалитет на картичните плаќања. За многу мали компании ова е важен поттик полесно да го направат првиот чекор кон дигитализација.
ПАРИ: До кој степен можноста за картички и дигитални плаќања денес влијае врз секојдневното работење на малите компании – од побрза наплата и подобро корисничко искуство до поголем потенцијал за раст на прометот?
Селим: Денешниот потрошувач очекува да може да плати на начин што нему му одговара. Сè повеќе луѓе користат платежни картички, мобилни телефони и паметни уреди, а готовината сè помалку е единствениот избор. Доколку еден трговец не нуди таква можност, постои реален ризик клиентот да се одлучи за друго место каде што плаќањето ќе биде побрзо и поедноставно.
Токму затоа дигиталните плаќања денес не се само дополнителна услуга, туку и важна конкурентска предност. Тие овозможуваат побрза наплата, пократко чекање, поголема удобност за клиентите и поефикасна организација на работењето. Истовремено, се намалува потребата од ракување со готовина, а трговците имаат подобар увид во трансакциите и полесно управување со своите финансиски текови.
Искуствата од различни пазари покажуваат дека воведувањето картични плаќања често има позитивно влијание и врз прометот, бидејќи клиентите полесно носат одлука за купување кога можат да платат на начин кој им е најпрактичен. Затоа велиме дека ова не е само инвестиција во технологија, туку инвестиција во подобро корисничко искуство и во идниот развој на бизнисот.
ПАРИ: Каква порака би им испратиле на малите бизниси кои сè уште работат исклучиво со готовина и се прашуваат дали сега е вистинското време да го направат овој исчекор?
Селим: Би им порачале дека најдобро време за дигитализација е токму сега. Не затоа што тоа е тренд, туку затоа што навиките на потрошувачите веќе се променети. Денес луѓето очекуваат избор – дали ќе платат со готовина, со картичка или со мобилен телефон. Колку повеќе можности им нудите, толку е поголема веројатноста да го изберат токму вашиот бизнис.
Преминувањето кон безготовинско плаќање не значи откажување од готовината. Тоа значи да им понудите на клиентите дополнителен начин на плаќање и да бидете подготвени за нивните потреби. Благодарение на современите решенија како ХалкМоби ПОС, овој чекор никогаш не бил полесен, бидејќи не бара големи инвестиции, сложена технологија или промена на начинот на работа.
Нашата порака до малите претприемачи е едноставна – не гледајте на дигитализацијата како на трошок, туку како на инвестиција во иднината на вашиот бизнис. Денес и најмалата компанија може да понуди услуга каква што клиентите очекуваат од најсовремените продажни места. А токму таквите мали чекори многу често прават голема разлика во развојот и конкурентноста на еден бизнис.
Аналитика








