ПОВЕЌЕ

    Ниските откупни цени прават голема штета, нивите ќе опустошат – струмичките земјоделците и денес протестираат

    Време зa читање: 3 минути

    Струмичките земјоделци повторно излегоа на улица, овојпат со уште поостра порака до институциите и откупувачите – нема да се откажат од барањето за повисока откупна цена на куртовската капија и најавуваат дека протестите може да ги пренесат и пред Собранието. Како што нагласуваат, поголеми штети трпат од откупувачите, отколку од тие што ги предизвикало невремето.

    Земјоделците и денес со земјоделска механизација го блокираа центарот на Струмица и протестираа пред подрачната единица на Министерството за земјоделство. Револтот е насочен кон откупната цена од 25 денари за килограм за пиперката наменета за конзервно-преработувачките капацитети.

    „Не се откажуваме од нашето право, ќе одиме и пред Собранието. Ги повикувам сите земјоделци да се приклучат. Штетата од невремето беше помала од штетата што ни ја прават откупувачите. Уште некоја година па магацините ќе останат празни, нивите ќе ни опустошат. Ако ни се случува ова сами сме виновни. Со години само меѓусебно зборувавме за своето незадоволство, сега е време тоа да се смени. Го бараме тоа што ни припаѓа. Работиме цела година, семка по семка садиме во леите, корен по корен садиме на нивите, процесот е макотрпен, но сето тоа го работиме“, нагласи земјоделка, објави порталот Струмица денес.

    Според информациите од протестот, во моментов екстра-класата црвена пиперка се откупува по околу 40 денари за килограм и е наменета за извоз, додека пиперката таканаречена „ајварка“ за преработувачките капацитети се откупува за 25 денари.

    Земјоделците велат дека ваквата цена не ги покрива ниту производствените трошоци, а особено се незадоволни што откупните цени на почетокот на сезоната се пониски од ланските.

    „Не да е срамота, ова го нема никаде. Четири дена сме на протести и блокади, а никој не презема ништо. Жално е ова што ни се прави. Се мачиме како грешни ѓаволи за да на крај ни се откупи џабе. Каде се сега пратениците, градоначалниците да застанат на наша страна“, коментирале земјоделците, пренесува порталот Дрнка.МК.

    Протестите започнаа минатата недела во Муртино, по што земјоделците излегоа и во Робово, а во изминатите денови со механизација го блокираат центарот на Струмица. Организатор е здружението „Месно здружение на млади Муртино“, од каде што велат дека добиле информација за можно мало зголемување на откупните цени, но дека тоа не е доволно.

    „Добивме информација директно од министерот за земјоделие Борче Серафимовски, кој по неколку одржани состаноци со фабриките, предложено е мало зголемување на откупните цени на куртовската капија. На добар пат сме, но не сме задоволни со цени што само едвај ќе нè одржуваат во живот. Нам ни се потребни фер, реални и перспективни откупни цени што ќе ни овозможат, покривање на производствените трошоци, услови за навремено вложување во следната производствена сезона и достоинствен живот“, наведуваат организаторите.

    Од здружението нагласуваат дека протестите не се партиски мотивирани и додаваат дека блокадите ќе продолжат сè додека не биде постигнат официјален договор за откупните цени.

    Во меѓувреме, министерот за земјоделство Борче Серафимовски одржа одделни средби со производителите и откупувачите во Струмица. Како што соопшти Министерството, на средбите биле разгледани динамиката на откупот, цените според класата и намената на пиперката, количините што можат да бидат преземени, извозните можности и навремената исплата кон производителите.

    (Фото: Дрнка.МК)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично