
Растот на цените на горивата повторно ја отвора можноста Владата да интервенира преку даноците. По веќе донесеното намалување на дел од акцизите за бензинот и дизелот, како следен чекор се разгледува и намалување на данокот на додадена вредност, доколку поскапувањето на светските пазари продолжи.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата внимателно ги следи движењата на цената на нафтата и подготвува дополнителни мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните.
Засега се анализира дали евентуалната интервенција ќе биде насочена само кон одредени категории граѓани и компании или ќе се применува општо, како дел од претходните антикризни мерки.
Мицкоски потсети дека Владата веќе намалила дел од акцизите за бензинот и дизел-горивата, но посочи дека продолжува растот на цените на меѓународните берзи.
„Цената повторно се доближува до 100 долари за барел, а воените дејствија во Заливот се вжештуваат и се интензивираат. Очигледно повторно нè очекуваат предизвикувачки денови“, изјави премиерот.
Според него, Владата ќе реагира со дополнителни мерки доколку состојбата го наложи тоа, а во моментов се разгледуваат повеќе можни сценарија.
Правна основа за интервенирање, како што рече, обезбедува прогласената кризна состојба на целата територија на државата, која важи до октомври. Со тоа, Владата располага со механизми за донесување нови мерки во услови на дополнително нарушување на пазарот.
Една од опциите е повторно намалување на ДДВ за горивата. Мицкоски призна дека таквата мерка директно би ги намалила приходите во Буџетот, поради што од фискален аспект е меѓу помалку посакуваните решенија.
Сепак, тој нагласи дека за Владата приоритет останува заштитата на животниот стандард.
„Намалувањето на ДДВ би се одразило директно врз буџетските приходи, но нам ни е важен стандардот на граѓаните. Сакаме секогаш кога е потребно да им излеземе во пресрет“, рече Мицкоски.
Конечната одлука ќе зависи од натамошното движење на цените на нафтата, развојот на состојбата во Заливот и проценката дали поефикасни би биле општи или таргетирани мерки.
Владата засега не соопштува кога би можела да биде донесена новата мерка, ниту колкаво би било евентуалното намалување на ДДВ. Но, пораката е дека доколку горивата продолжат да поскапуваат, нова интервенција е реална можност.
Аналитика








