Во сектор што врти милијарди евра не се отвораат можности за нови работни места. Напротив, лани во трговијата на големо со храна се затвориле 46 позиции. Истовремено, просечната плата се зголемила за триесетина евра.
Работната сила се намалила за помалку од еден насто и опфаќа 5.660 лица. Нивните месечни заработки, во просек, изнесувале 27.954 денари, на што претходело покачување од 7,2 насто. Податоците се однесуваат на 947 трговски друштва, а добиени се од Бизнис Мрежа.
Сепак, од анализата на Пари може да се согледа дека одливот кај вкупната вработеност не се чувствува кај најголемите играчи. Конкретно, само две компании се соочиле со таа појава, но и со нив десетте најголеми работодавачи обезбедуваат работа за 1.942 лица, што е речиси три насто повеќе отколку во претходната 2024 година.

Извор: Бизнис Мрежа
НАЈГОЛЕМ ДЕЛ ОД ВРАБОТЕНИТЕ ПРИМААТ ПЛАТИ ОД 30 ИЛЈАДИ ДО НАД 58 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ
Во Колид Фудс од струмичко Колешино работата ја вршат 381 вработен. Прагот од 300 е надминат само уште во Алма-М (333). Овие два најголеми работодавачи лани оствариле и нови вработувања, при што исплаќале и просечни плати од 39.978, односно 48.850 денари.
Најголемо поместување во работничките редови се случи во Атлантиц Траде со примањето на 23 нови вработени. Колективот брои 260 вработени, а нивната просечна плата од 58.421 денар е највисока во конкуренцијата на 10-те најголеми работодавачи.
Единствениот двоцифрен процентуален раст на вработеноста е во Адријус (+ 10,20 %). Меѓутоа, дали за сметка на тоа или поради друга причина, просечните примања се намалиле за минимални 0,87 насто и се во износ од 40.906 денари.
Двете компании во кои има намалување на бројот на вработени се Гранд-Експорт (– 7,48 %) и приходниот лидер Еуро Табак (– 3,76 %).
Што се однесува до платите што ги исплаќаат најголемите работодавачи, тие се значително над секторскиот просек – од девет до повеќе од сто насто. Најниската просечна нето-плата во оваа група ја исплаќа Футура од Прилеп – 30.405 денари.
Извор: Бизнис Мрежа
ОД 1.500 ДО 2.800 ЕВРА СЕ НАЈВИСОКИТЕ ПРИМАЊА ВО СЕКТОРОТ
Кога ќе се погледне листата со плати што се далеку не само од секторскиот, туку и од државниот статистички просек, се добива целосно поинаква претстава. На неа речиси и да нема компании со голем број вработени.
Всушност, има два исклучока. Првиот е на челната позиција – Хелиос Медикал има 15 вработени, кои минатата година во просек земале по 170.468 денари месечно, односно нешто помалку од 2,8 илјади евра. Го следи Рудине ММ, чијашто просечна плата за една година речиси се удвоила – од 85.267 на 162.167 денари (над 2,6 илјади евра). Притоа, компанијата храни (или ја хранат) 74 лица.
Останатите, трговијата на големо со храна ја водат со еден до петмина вработени. Во Вивахол преклани биле двајца, лани останал еден, при што просечната плата пораснала за над 170 насто и достигнала 2,1 илјада евра. По еден вработен има и во Дон Дон (1,8 илјади евра) и во Тенико-Трејд (1,5 илјади евра).
Најголем процентуален раст бележи просекот во Космос компани од Битола – за речиси 279 насто, од 390 евра на малку под 1,5 илјади евра.
Извор: Бизнис Мрежа
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








