Повеќе склучени зделки, речиси петпати поголем промет, но и промена на врвот на најтргуваните акции. Јуни донесе значително пожива трговија на Македонската берза, при што блок-трансакциите ја имаат голем удел во вредноста на прометот од над 1,5 милијарди денари. Иако акцијата на Комерцијална банка традиционално е меѓу најактивните, овојпат најголем промет во класичното тргување оствари Македонски Телеком, кој ја презеде лидерската позиција. Истовремено, и покрај четирикратно повисокиот промет, берзанскиот индекс МБИ10 се намали за 2,5 отсто, а вкупната пазарна капитализација за 2,68 отсто.
Со реализираните 1.730.601 евро, акцијата на Македонски Телеком во вкупниот берзански промет учествува со 28,62 проценти. Во 272 трансакции истргувани се 216.506 акции, чија што цена се движела од 485 до 510 денари, со месечен просек од 493,05 денари.
Ретко, но се случува акцијата на Комерцијална банка да не е во централниот фокус на инвеститорите. Во текот на минатиот месец е извршена купопродажба на 3.480 акции преку 426 трансакции. Прометот од 1.494.949 евра во вкупниот партиципира со 24,71 процент. Максималната цена достигнала 26.730 денари, минималната била 26.200, а просечната 26.490,64 денари.
Во 2.740 акции на Алкалоид се вложени 1.084.868 евра. Изведени се 297 трансакции, во кои најниската вредност е 24.010 денари, највисоката 25.300, а просечната 24.417,42 денари. Уделот во берзанскиот промет изнесува 17,94 проценти.
Минатомесечните активности ја внесоа акцијата на Македонијатурист меѓу најтргуваните. За 465.478 евра се купени 4.041 акција во 53 трансакции. Цената одела од минималните 7.000 до максималните 8.500 денари, со просечна вредност од 7.106,28 денари. Има учество од 7,70 проценти.
Истргувани се и 341 акција на НЛБ Банка, со месечен промет од 313.492 евра, кој има придонес од 5,18 проценти. Ценовните движења се од 53.900 до 57.000 денари, а месецот е заокружен со просек од 56.703,08 денари. Регистрирани се 74 купопродажни трансакции.
Вкупниот берзански промет е за 395 насто повисок во споредба со мај и е во износ од 1.525.152.507 денари или повеќе од 24,7 милиони евра. Во тие рамки, голем е придонесот на блок-трансакциите, чијшто промет се зголемил за 4.310,38 насто и достигнал 1.146.451.783 денари, односно околу 18,6 милиони евра.
Македонска берза го завршила јуни со пазарна капитализација од 338.298.061.816 денари, проследена со пад од 2,68 отсто. Вредноста на МБИ10 е 9.521,52 поени.
Аналитика








