
За едни е отпад, а за други бизнис. Зад контејнерите, депониите и центрите за рециклажа стои индустрија што годишно врти повеќе од 120 милиони евра. Во оваа дејност има јавни комунални претпријатија, приватни рециклажни компании и фирми што од отпадните суровини создаваат нова економска вредност.
Лани овие компании инкасирале приход од 120,2 милиони евра. Тоа е за 3,36 насто помалку отколку претходната година, но падот на прометот не се одразил врз заработката. Напротив, добивката пораснала за 7,1 насто и достигнала 4,6 милиони евра. Сето тоа го одработиле 168 компании. Најуспешните меѓу нив, според промет и заработка, се издвоени во анализата на порталот Пари.
Извор: Бизнис Мрежа
ДЕСЕТ КОМПАНИИ СО РЕЧИСИ 60 НАСТО ОД ПРИХОДОТ
Најприходните десет компании лани реализирале 70,5 милиони евра. Износот претставува речиси 59 насто од вкупниот приход во дејноста.
Со износот од 23,4 милиони евра, листата ја предводи скопското ЈП Комунална хигиена. Најголемата компанија во секторот и носител на јавната услуга за собирање и транспорт на отпад во главниот град, на годишна основа го зголемила приходот за 5,54 насто.
Текнометал С.Р.Л. од Тетово, компанија што се занимава со собирање, преработка и трговија со метален отпад и секундарни суровини, повеќе од двојно го зголемила приходот (+ 114,55 %), од 5,5 милиони во 2024 година, ланскиот приход достигнал 11,9 милиони евра. Воедно, тоа е и најголемиот процентуален раст меѓу водечките компании.
Во оваа десетка доминираат јавните комунални претпријатија. Покрај скопската, тука се и Комуналец Кавадарци, Комуналец Прилеп, Охридски комуналец и Дрисла, единствената санитарна депонија за комунален отпад во земјата.
Забележителен раст на приходите од 36,55 насто има и кај Охридски комуналец. Од друга страна, три компании се соочиле со пад на приходите. Кај Еко Метал 16 се преполовени (– 46,25 %), а кај Павор и Р-Коко Борис се намалени за околу една четвртина.
Извор: Бизнис Мрежа
РЕЦИКЛАЖАТА НОСИ НАЈГОЛЕМА ЗАРАБОТКА
Јавните претпријатија остваруваат повисоки приходи, а фирмите специјализирани за различни видови отпад повисоки добивки.
На првото место е Екон Електрон, компанија што се занимава со собирање и третман на електронски отпад. Лани остварила добивка од 454,5 илјади евра, а имала намален приход (– 17,23 %), кој изнесувал 737 илјади евра. Бидејќи за 2024 година нема објавена добивка, не може да се направи годишна споредба. Моментално, компанијата е со блокирана трансакциска сметка.
Веднаш зад неа е Ремондис Медисон, дел од германската групација Ремондис, една од најголемите светски компании за управување со отпад и рециклирање. Во Македонија е специјализирана за медицински и опасен отпад. За една година заработката ја зголемила за 27,35 насто, на 327,3 илјади евра.
Нула отпад, компанијата што организира собирање и рециклирање електричен и електронски отпад, бележи раст од речиси 50 насто и чиста добивка од 326,7 илјади евра.
Најголем процентуален скок е направен во Еко В-С Буилдинг од Боговиње. Профитот се зголемил повеќе од четирикратно, од 67 илјади на речиси 285 илјади евра, односно за безмалку 323 насто.
Интересен податок е што Еко Стар рециклажа е единствената компанија што се појавува на двете листи. Има приход од 4 милиони евра, но профитот ѝ е намален за речиси една третина.
Десетте најпрофитабилни компании заедно оствариле 2,97 милиони евра добивка, што е 27,47 насто повеќе отколку во 2024 година и претставува речиси две третини од вкупната добивка на секторот.
Извор: Бизнис Мрежа
Јавните комунални претпријатија се носители на најголемиот обем на работа и на највисоките приходи, а приватните специјализирани рециклажни компании се тие што остваруваат највисока добивка. Зад секој полн контејнер не стои само трошок за негово празнење. За дел од компаниите, отпадот е суровина што создава милионски приход и профит.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








