Владата ја гледа својата улога како активен партнер на стопанството, чија задача е да обезбеди стабилна и предвидлива деловна средина, а не да ги кочи инвестициите. Обраќајќи се на форумот посветен на одржливиот економски развој, Мицкоски истакна дека одржливоста повеќе не е само прашање на екологија или исполнување европски стандарди, туку предуслов за конкурентна економија.
„Владата ја гледа својата улога како активен партнер на стопанството. Наша обврска е да создадеме предвидлива деловна клима, ефикасни институции, модерна инфраструктура, квалитетно образование и регулаторна рамка што нема да ги кочи инвестициите, туку ќе ги поттикнува“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека светот се соочува со нови економски предизвици – војни, енергетска криза, инфлација и нарушени синџири на снабдување – поради што, како што рече, одржливоста станала предуслов за раст и развој.
„Во последните години зборот ‘одржливост’ стана еден од најчесто употребуваните поими во светската економија. Но, зад тој збор не стои само нова регулатива, нов стандард или нов административен процес. Зад него стои една суштинска промена во начинот на кој функционира светот. Денес успешни не се само компаниите кои произведуваат квалитетен производ. Успешни се оние кои знаат како одговорно да управуваат со ресурсите, како да инвестираат во своите луѓе, како да создаваат доверба кај инвеститорите, партнерите и потрошувачите.
Токму затоа, кога зборуваме за национална визија за одржлив развој, не зборуваме само за екологија. Не зборуваме само за зелени политики. Не зборуваме само за усогласување со европските стандарди.
Зборуваме за модел на економски развој кој создава сигурност. За држава која е отпорна на кризи. За институции кои создаваат доверба. За стопанство кое е способно да се натпреварува на најразвиените пазари. За економија која создава можности за младите да останат овде, да основаат компании, да инвестираат и да ја градат својата иднина дома“.
Според премиерот, компаниите што навреме ќе инвестираат во енергетска ефикасност, дигитализација, иновации и знаење ќе бидат носители на економскиот развој во следната деценија.
Мицкоски рече дека економските показатели покажуваат значително подобрување во однос на претходните години.
„Ако погледнеме наназад, ќе видиме дека во периодот од 2017 до 2023 година просечниот економски раст изнесуваше околу 1,8 проценти. Денес имаме сосема поинаква динамика. Во 2024 година економијата порасна за 3 проценти, а во 2025 година за 3,5 проценти. Тоа не е случајност. Тоа е резултат на враќањето на довербата, стабилизирањето на јавните финансии, активната поддршка за инвестициите и заедничката работа со приватниот сектор“, нагласи тој.
Во делот за инфлацијата посочи дека, за разлика од двоцифрената инфлација за време на енергетската криза и почетокот на војната во Украина, сега просечната инфлација изнесува околу 4,5 проценти, со очекување до крајот на годината да се намали под четири проценти.
Премиерот истакна дека економскиот раст нема значење доколку не се почувствува во животниот стандард на граѓаните.
„Најважниот економски показател не е само растот на БДП. Најважниот показател е дали луѓето живеат подобро“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека номиналниот раст на платите во 2024 година изнесувал 12,6 проценти, во 2025 година 9,6 проценти, а и годинава се очекува раст поголем од осум проценти. Дополнително, рече дека по падот на реалните плати во 2022 година, во следните две години повторно е забележан реален раст на примањата.
„Тоа значи дека економскиот раст не останува само статистика. Тој постепено се претвора во подобар животен стандард за граѓаните“, истакна премиерот.
Осврнувајќи се на јавните финансии, Мицкоски рече дека Владата досега сервисирала 4,4 милијарди евра јавен долг, а до крајот на годината ќе бидат исплатени и дополнителни 983 милиони евра обврски. Според него, тоа испраќа порака до финансиските пазари и инвеститорите дека државата е сигурен и кредибилен партнер.
Премиерот најави дека Владата ќе продолжи да ги поддржува компаниите во процесот на зелена и дигитална трансформација, преку подобар пристап до финансии, намалување на административните процедури, подобрување на инфраструктурата и создавање кадар што ќе одговори на потребите на современата индустрија.
На крајот од обраќањето им се заблагодари на домашните компании, претприемачите и работниците.
„Вие сте нашите херои, бидејќи денеска да се обезбеди редовна плата, да се отвори ново и квалитетно работно место претставува вистински патриотизам и визија како треба да се развива македонската економија“, порача Мицкоски.
Тој додаде дека визијата на Владата е да изгради држава „во која успехот нема да зависи од привилегии, туку од знаење“, а институциите ќе бидат вистински сервис на стопанството.
Аналитика








