ПОВЕЌЕ

    ЕУ ќе пренасочи повеќе средства кон реформските лидери – Македонија, Црна Гора и Албанија

    Време зa читање: 2 минути

    Македонија е меѓу трите земји од Западен Балкан кои најуспешно ги спроведуваат реформите за членство во Европската Унија и поради тоа може да добие дополнителни средства од европскиот План за раст. Ова го објави Euronews, повикувајќи се на двајца претставници на Унијата.

    Според информациите, Европската комисија подготвува прераспределба на дел од средствата од Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, бидејќи неколку земји не успеале навреме да ги исполнат договорените реформски обврски.

    Освен Македонија, како најуспешни во реформскиот процес се издвојуваат Црна Гора и Албанија. Според Европската комисија, токму овие три држави имаат најдобри резултати во исполнувањето на реформската агенда и затоа се очекува да добијат дел од средствата што останале неискористени од другите корисници.

    Најголем губитник, според информациите на Еуроњуз, би можела да биде Босна и Херцеговина, која досега не добила ниту едно плаќање од овој инструмент, бидејќи не ги исполнила предвидените реформи. Во понеповолна позиција се и Србија и Косово, иако веќе добиле дел од предвидените средства.

    Инструментот за реформи и раст беше воспоставен во 2024 година како финансиски механизам за поддршка на земјите кандидати од Западен Балкан. Вкупната вредност изнесува 6 милијарди евра за периодот 2024–2027 година, а средствата се исплаќаат исклучиво доколку државите ги реализираат однапред договорените реформи.

    Досега, според податоците на Европската комисија, се исплатени околу 673 милиони евра, односно нешто повеќе од една десетина од вкупниот фонд, при што речиси сите исплати завршиле кај само три земји.

    Портпарол на Европската комисија за Еуроњуз изјавил дека, согласно регулативата, средствата што нема да бидат искористени поради неисполнување на реформските чекори можат да бидат прераспределени кај другите корисници.

    Во април годинава еврокомесарката за проширување, Марта Кос, испратила писмо до сите земји од Западен Балкан со предупредување дека доколку не го забрзаат реформскиот процес, ризикуваат да изгубат дел од средствата.

    Европската комисија во текот на месецов треба да ги информира земјите членки за конечната распределба и за висината на средствата што ќе бидат пренасочени.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично