ПОВЕЌЕ

    Мицкоски: Првите контури на Чебрен и Галиште се очекуваат меѓу 2035 и 2037 година

    Време зa читање: 4 минути

    По повеќе од три децении неуспешни тендери и обиди за реализација, Владата е блиску до одлуката хидроенергетскиот проект Чебрен и Галиште да го финансира и реализира државата преку ЕСМ. Премиерот Христијан Мицкоски во поткастот Каде се парите? Со Горан Теменугов откри дека се водат успешни разговори за обезбедување синдициран заем од меѓународни финансиски институции, а доколку сè се одвива според планот, првите посериозни контури на проектот би можеле да се видат меѓу 2035 и 2037 година.

    „Многу сме близу до носење одлука државата преку ЕСМ да го финансира и да го реализира овој проект“, изјави Мицкоски.

    Според него, раководството на ЕСМ и Министерството за енергетика работат на формирање меѓународен конзорциум на заемодаватели.

    „Се обидуваме да формираме меѓународен синдикат, односно синдициран заем од неколку реномирани меѓународни финансиски институции. Досега, информациите со кои располагам се позитивни“, рече премиерот.

    Мицкоски нагласи дека проектот не го гледа само како енергетска инвестиција, туку како стратешко решение за идните потреби на државата од вода: „Имајќи ги предвид климатските промени, убеден сум дека во годините и децениите што следат на Регионот, а посебно на Македонија, ѝ се потребни нови два резервоари за вода“.

    Според него, покрај обезбедувањето резерви за вода, каскадата на реката Црна ќе има значајна улога и за земјоделството: „Практично, ќе имаме три големи акумулации на една река кои ќе го обезбедуваат Тиквешко поле и целиот регион со количини вода за наводнување“.

    Како трета придобивка го посочи туристичкиот потенцијал на регионот, додека производството на електрична енергија го гледа како дополнителна вредност: „Овие резервоари повеќе ги гледам како своевидни батерии, односно акумулации што можат да го нивелираат производството и потрошувачката на електрична енергија“.

    На прашањето зошто проектот не би се финансирал директно од државниот буџет, Мицкоски одговори дека тоа би значело дополнителен притисок врз буџетскиот дефицит: „Ако одиме преку ЕСМ, нема да влезе во дефицитот. Не е исто. Многу е различно“.

    Во разговорот беше отворено и прашањето дали македонските компании имаат капацитет да учествуваат во изградбата на проект вреден околу 1,5 милијарди евра. Мицкоски смета дека голем дел од вредноста може да остане во домашната економија.

    „Од увоз можеме да обезбедиме електромеханичка опрема, но истовремено нашата металопреработувачка индустрија голем дел од таа опрема може да ја произведе и тука. Не можеме сто проценти, но колку повеќе направиме дома, толку е подобро“, изјави тој.

    Во таа насока се и состаноците одржани, а и тие што допрва ќе се одржат со домашните градежници. Целта е да се проценат реалните капацитети на секторот.

    Мора да знаеме што можеме дома да направиме, а што мора да бараме надвор. Ако влеземе во аранжман да се задолжиме, ќе мораме што побрагу да го завршиме тој проект, за да профитираме, односно да приходуваме, за да можеме да го враќаме долгот. Моментално не е толкав капацитетот колку што е потребата, некаде годишно просечно по една милијарда евра. Но, се договоривме да имаме раст од 25 до 30 проценти  годишно ниво, што ќе ни овозможи да дојдеме до половината од тоа што е нашата амбиција. Другата половина ќе мораме да ја бараме кај странски компании“, рече Мицкоски.

    Во однос на набавката на машинската и електромеханичката опрема, која се проценува на околу 500 милиони евра, премиерот посочи дека изборот ќе биде резултат на меѓународна тендерска постапка: „Ќе има тендер што ќе го организираме заедно со потенцијалниот синдикат на заемодаватели. Тоа се реномирани институции и таков тип на калкулирање однапред е невозможен“, рече Мицкоски, одговарајќи на прашањето дали Франција, Германија или некоја друга земја би можела да биде фаворит за испорака на опремата.

    За временската рамка, премиерот предупреди дека станува збор за проект кој со децении останува само на хартија.

    „Тоа е децениски проект, за жал. Ако биде сè како што треба, очекувам првите посериозни контури да се појават во интервалот од 2035 до 2037 година“, изјави Мицкоски.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично