ПОВЕЌЕ

    Наши, а глобално успешни: 10 информатички компании со вкупен приход од 71 милион евра

    Време зa читање: 4 минути

    Македонската информатичка индустрија извезува знаење, создава компании што работат за глобални клиенти – од корпоративни деловни софтверски системи и решенија на облак, до заштита од сајбер-закани, надворешно ангажирани услуги и дигитална преобразба. Таа носи солидни приходи – само минатата година повеќе од половина милијарда евра обезбедиле 1.328 компании од дејноста компјутерско програмирање и оствариле добивка од 48,4 милиони евра.

    Придонес имаат и информатичките компании создадени со домашен капитал. Десетте најголеми меѓу нив лани инкасирале 70,9 милиони евра приход, од што произлегла и заедничката добивка од 13,7 милиони евра. Во споредба со 2024 година, приходот е зголемен за 7,42 насто, а профитот за 13,22 насто. Анализата на Пари се фокусира на 13 компании што ги сочинуваат двете топ 10 листи – по приход и по добивка. Податоците се од Бизнис Мрежа.

    СИТЕ ПРИХОДУВААТ МИЛИОНИ, АКСАПТА НАЈМНОГУ

    Од 3 до над 20 милиони евра се приливите остварени од десетте најдоходовни информатички компании. Највисокиот износ од 20,4 милиони евра е на Аксапта мастерс од Скопје, по годишен раст од 20,06 насто. Основана во 2013 година, компанијата денес е еден од најголемите Microsoft Dynamics партнери во регионот, со над 300 вработени и проекти што опфаќаат повеќе од 250 илјади крајни корисници ширум светот. Самостојно создава речиси 29 насто од приходот на топ-листата.

    Кај битолската Интерворкс е регистриран пад од 4,24 насто, но со приходот од 12,4 милиони евра е второрангирана. Меѓу другото, оваа компанија е препознатлива и по тоа што развива информатички тимови надвор од Скопје и инвестира во локалната информатичка заедница и едукација.

    Некстсенс, пак, е една од малобројните домашни компании што работеле на дигитализација на институции и на изборни системи, а развива и сопствени решенија за сајбер-безбедност и технологии засновани на блоковски вериги. Ланскиот резултат е приход од 9,4 милиони евра, зголемен за повеќе од 5 насто.

    Во групата компании со приход над прагот од 5 милиони евра се и Пантелеон ГС (5,9 милиони евра), специјализирана за ERP и деловни софтверски решенија, како и Мацедониан цомпутер ассоциатес – една од ветераните на домашната информатичка сцена.

    Најголем процентуален раст кај водечките компании има Лока сервисес, од 21,63 насто. Компанијата работи во сегментот на надворешно ангажирани услуги и корисничка поддршка, област што последниве години привлекува сè повеќе млади кадри.

    Приходите кај три информатички компании се со предзнак минус: Интерворкс Битола (– 4,24 %), Интерворкс партнерс (– 7,49 %) и Иборн.НЕТ (– 8,33 %).

    Извор: Бизнис Мрежа

    ЛОКА СЕРВИСЕС РЕКОРДЕР ИМА РАСТ НА ДОБИВКАТА ОД 2.777 НАСТО  

    Во сегментот на профитабилноста доминираат компаниите од претходната листа, односно само три се нови. Намалување на профитот е забележано кај четири од нив, а кај две има големи позитивни пресврти.

    Оттаму, највпечатливи не се апсолутните бројки, туку процентуалните експлозии. Лока сервисес ја зголемила добивката за неверојатни 2.777 насто – од само 14,5 илјади преклани на 418,2 илјади евра лани. Интелегент нетворк солушнс ја зголемила добивката за 1.669 насто – од 24,5 илјади на 434,4 илјади евра.

    Притоа, нема промена на челните позиции: Аксапта мастерс повторно е прва со добивка од 4,7 милиони евра, а веднаш зад неа е Интерворкс со 2,1 милион евра и со раст од безмалку 100 насто. Последна според приходот, КА трејд, е трета со финансискиот резултат од 2 милиони евра, послаб од претходниот за 2024 година за 9,54 насто.

    Пониска заработка е остварена и кај Пантелеон ГС (– 33,68 %), Метик (– 30,81 %) и кај Мацедониан цомпутер ассоциатес (– 1,84 %).

    Извор: Бизнис Мрежа

    И меѓу најдобрите има помали или поголеми разлики во крајниот исход од реализираните деловни активности. Сепак, нивен заеднички именител е зависноста од странски пазари и од нивото на знаење и умешност како главен извозен производ.

    ИНФОРМАТИЧКИОТ СЕКТОР ПРОГРАМИРА МИЛИОНИ – Кој го пишува кодот на профитот?

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично