
Гевгелиската економија во 2025 година се потпирала на 6.522 вработени, ангажирани во 1.208 активни трговски друштва што поднеле завршна сметка. Зад нив оставиле вкупен приход од 28,8 милијарди денари, односно околу 468,4 милиони евра, како и добивка од 2,26 милијарди денари или приближно 36,7 милиони евра.
Иако бројот на вработени е намален за 3,63 насто, компаниите успеале да го зголемат вкупниот приход за 1,96 насто, а добивката за 8,93 насто. Тоа покажува дека локалниот бизнис-сектор работел поефикасно и со помалку кадар создал повисока заработка.
Гевгелија има специфична економска структура во која паралелно функционираат коцкарската, производствената и текстилната индустрија, како и прехранбената трговија и комуналните услуги. Но, анализата на „Пари“, изработена врз основа на податоците од „Бизнис Мрежа“, покажува дека компаниите со најголем број вработени не се секогаш и најсилните финансиски играчи. Кај десетте најголеми работодавачи работеле 2.277 лица, што претставува околу 35 насто од вкупниот број вработени во гевгелиските компании.
Најголем работодавач е Макотен, односно Казино Фламинго Хотел, со 654 вработени. Оваа компанија има приход од околу 29,26 милиони евра, но не е меѓу најпрофитабилните компании според доставените податоци.
ИНДУСТРИЈАТА, КАЗИНАТА И ПРЕХРАНБЕНИОТ СЕКТОР ги носат милионите во Гевгелија
Втора компанија по број на вработени е Принцес Хотел и Казино, со 320 вработени и приход од околу 34,77 милиони евра. Компанијата е и втора по приход во Гевгелија, но добивката од околу 735 илјади евра покажува дека високиот обрт не значи секогаш и највисока профитабилност.
Во горниот дел од листата е и Текстилна Корпорација, со 250 вработени, но таму има најголем пад на кадарот – од 401 на 250 лица, односно намалување од 37,66 насто. Компанијата има приход од околу 5,39 милиони евра и добивка од околу 315 илјади евра, што укажува на значително поскромна финансиска позиција во однос на бројот на работници.
Најинтересен контраст е Конти Хидропласт. Компанијата има 200 вработени, но остварува највисок приход меѓу овие работодавачи – околу 49,94 милиони евра, и убедливо најголема добивка од околу 7,86 милиони евра. Тоа ја издвојува како компанија со најсилна финансиска ефикасност: не е најголем работодавач, но е лидер по приход и профит.
Голем пад има и кај Ноел, каде што бројот на вработени е намален од 240 на 160 лица, односно за 33,33 насто. Компанијата има приход од околу 2,13 милиони евра, но добивката е симболична – 691 евро.
Од друга страна, Солун 53 маркет е пример за трговска компанија што е забележлива и во однос на вработеноста и во однос на приходот. Со 135 вработени, приход од околу 11,83 милиони евра и добивка од околу 84 илјади евра, таа покажува стабилно присуство, но не и висока профитна маржа.
Ветеринар има 107 вработени, приход од околу 10,3 милиони евра и добивка од околу 1,36 милиони евра, што го прави еден од поефикасните бизниси во оваа група.
Од десетте најголеми работодавачи, неколку компании се појавуваат и во листите по приход и добивка, но дел од нив не се финансиски лидери. Најсилно се издвојува Конти Хидропласт, која со помал број вработени создава најголем приход и добивка. Наспроти тоа, Макотен, Текстилна Корпорација, Комуналец, Ноел и Принцес Груп имаат значајна улога во вработеноста, но ја немаат истата тежина во профитниот врв.
Извор: Бизнис Мрежа

Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








