ПОВЕЌЕ

    Од заштитник на професијата до механизам за притисок – сметководителите меѓу законите и самоволието

    Време зa читање: 4 минути

    Ќе започнам со она што многупати досега е кажано: сметководствената професија е единствената алка помеѓу државата и стопанството и како таква заслужува да биде високо позиционирана и да го добие признанието согласно одговорноста што ја носи. За жал, со години ситуацијата е сосема спротивна.

    Поминавме низ бројни измени на нефункционален Закон за вршење на сметководствени работи (ЗВСР), нефункционални органи на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС), а денес, и покрај новиот Закон кој во одредени сегменти е подобар од претходниот, повторно се соочуваме со постапувања на раководството кои често излегуваат надвор од законските овластувања.

    Ова не е првпат професијата да биде ставена во правна несигурност. Во 2023 година Управниот одбор на ИСОС донесе Правилник за начин и постапка за добивање уверение и упис во регистар, и покрај бројните укажувања дека е спротивен на ЗВСР. Последицата беше околу 850 колеги да бидат оневозможени да го остварат своето право на работа. Во октомври 2024 година Уставниот суд го укина овој Правилник, но тоа не го спречи раководството на ИСОС практично да продолжи да постапува по истата логика.

    Дополнително, на почетокот на 2025 година, во екот на поднесување годишни сметки, околу 3.000 сметководители и овластени сметководители беа избришани од регистрите без соодветно спроведени дисциплински постапки. По силниот притисок во јавноста, Министерството за финансии интервенираше со законски измени за да се овозможи непречено исполнување на обврските кон клиентите.

    За време на сите овие случувања, членството ниту еднаш не беше суштински консултирано, иако Законот јасно ја предвидува таа обврска. Не само што отсуствуваше комуникација, туку отсуствуваше и реакција од тогашниот состав на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија (СУНСП), како орган надлежен за надзор согласно закон.

    Проблемите не завршуваат тука. Во низата можат да се додадат и: незаконско покачување на членарина; непрофитна организација која остварува приходи од орочени депозити без соодветни одлуки на собрание; недозволување увид во документација потребна за усвојување на годишна сметка и многу други.

    Она што моментално предизвикува најголема загриженост е т.н. контрола на квалитет. Кон крајот на 2024 година беа донесени Правилник за контрола на квалитетот на работењето на субјектите за контрола и Методологија за контрола на квалитетот, а нивната примена започна неодамна. Иако овие акти формално се повикуваат на Законот, во пракса отстапуваат од неговите одредби, за што и актуелното раководство на СУНСП излезе со укажувања и барање за нивно ревидирање.

    Со оваа таканаречена контрола на квалитет се прави директен упад во работењето на клиентите на сметководителите, бидејќи се бараат копии од договори за сметководствени услуги и увид во годишни сметки. Тоа не само што не е предвидено како надлежност во ЗВСР, туку отвора и сериозни прашања во однос на Законот за облигациони односи, Законот за заштита на лични податоци и принципот на доверливост во професионалното работење. Наместо јасна правна основа, на сите правни аргументи досега добиваме само образложенија зошто некое барање „се смета“ за основано.

    Она што е можеби и најзагрижувачко, е впечатокот дека механизмите за носење интерни акти, контрола на квалитет и дисциплински постапки сè повеќе се користат како средство за пресметка со неистомислениците и со критичарите на работењето на ИСОС. Имаме контроли без јавно објавена програма, дисциплински постапки против колеги кои јавно барале промени во раководството, како и одредби во акти за интегритет кои отвораат сериозни дилеми во однос на уставно загарантираните права.

    Сметководителите не бараат привилегии. Бараат законитост, транспарентност и професионално тело кое ќе ја штити професијата, а не кое создава правна несигурност и страв кај сопственото членство.

    Токму затоа, надежта останува во најавениот нов закон од страна на Министерството за финансии. Очекувањето на фелата е процесот овојпат да биде фер, транспарентен и инклузивен, со вклучување на релевантни фактори и професионалци од практиката, за конечно да се создаде систем што ќе работи во интерес на сметководителите, стопанството и државата.

    Пишува: Александра Иванова

    (Овластен сметководител и член на Управен одбор на Комора на сметководители)

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    Порталот Пари не секогаш се согласува со ставовите изнесени во авторските колумни, кои претставуваат лично мислење на авторите и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на медиумот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично