ПОВЕЌЕ

    Сметката стигна: „Лукоил“ бара 3 милијарди евра отштета од Бугарија

    Време зa читање: 3 минути

    Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ бара 3 милијарди евра отштета од Бугарија, откако државата ја презеде контролата врз локалните операции на компанијата, изјави Румен Спецов, специјален администратор задолжен за управување со бугарските средства на групацијата.

    Тужбата е поднесена преку швајцарската трговска гранка на „Лукоил“ – „Литаско“, но сè уште не е конечна, пренесува регионалниот бизнис портал SEEbiz.

    Правните постапки на компанијата, според наводите, произлегуваат од државната интервенција во работењето по назначувањето на специјалниот администратор, потег што следеше по санкциите воведени од САД и промените во контролата врз активностите на компанијата.

    Претходно „Лукоил“ најави и можност за арбитражна постапка пред Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови (ICSID), тврдејќи дека Бугарија нелегално презела дел од неговите средства.

    Назначувањето на Спецов за специјален администратор беше проследено со законски измени со кои се проширија неговите овластувања, усвоени на почетокот на ноември. На 14 ноември тој и официјално ја презеде функцијата.

    „Лукоил“ претходно предупреди дека државната интервенција во приватните операции може да предизвика значителни финансиски загуби и пропуштена добивка.

    Спецов, пак, изјави дека потенцијалните побарувања би се базирале на финансиски индикатори, но нагласи дека четирите подружници на „Лукоил“ во Бугарија се во стабилна финансиска состојба.

    „Лукоил“ во Бугарија управува со најголемата рафинерија на Балканот во Бургас, како и со мрежа од 217 бензински пумпи. Компанијата е и најголем производител на авио-гориво во регионот.

    Годишниот промет на групацијата во Бугарија надминува 8 милијарди евра, додека вкупните инвестиции во последните 25 години се проценуваат на над 4,5 милијарди долари.

    Одлуката за назначување државен администратор дојде по санкциите на САД кои влијаеја врз работењето на компанијата. Вашингтон подоцна одобри и шестмесечно олеснување за бугарските операции.

    Според Спецов, актуелната ситуација отвора и можност за државата да стекне удел во рафинеријата во Бургас, доколку за тоа одлучи парламентот.

    Во интервју за bTV Спецов тврдел дека рафинеријата повеќе не преработува руска сурова нафта, туку се снабдува преку глобални трговци од Либија, Казахстан, Азербејџан и други пазари.

    Извозот на гориво во моментов е под строг административен режим во кој учествуваат царинската управа, Министерството за финансии и парламентот, што понекогаш создава доцнења и дополнителни трошоци.

    Во Софија постојат шпекулации за евентуални промени во раководството на специјалниот администратор, додека политичката ситуација во Бугарија дополнително ја усложнува регулацијата на работењето на „Лукоил“.

    Случајот со „Лукоил“ се смета за еден од клучните тестови за односите меѓу ЕУ-регулативите и руските енергетски интереси во Бугарија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично