ПОВЕЌЕ

    Германија увезла над 50 тони канабис – Македонија меѓу петте главни снабдувачи

    Време зa читање: 5 минути

    Според испорачаните количини на медицински канабис, Македонија се наоѓа меѓу петте најголеми снабдувачи на германскиот пазар во првиот квартал од годинава – зад Канада, Португалија, Данска и Шпанија. Податоците ги објави канадската специјализирана платформа StratCann, повикувајќи се на официјални информации од германскиот регулатор BfArM – Федералниот институт за лекови и медицински помагала.

    Во првите три месеци од годинава Германија увезла 50.539 килограми цвет од канабис за медицински и научни цели. Иако тоа е намалување од околу 15 отсто во однос на претходниот квартал, на годишно ниво има раст од околу 34 насто.

    „Канада повторно е најголем снабдувач, со 26.753 килограми или 53 отсто од вкупниот увоз. Португалија е втор најголем извозник со 10.342 килограми. Производителите на канабис, вклучително и канадските компании, често го продаваат канабисот на фирми во Португалија, која служи како влезна точка за други пазари, меѓу кои и Германија. Данска е на третото место со 3.338 килограми.

    Германија во истиот период извезла 1.526 килограми цвет од канабис за медицински или научни цели. Извозот е благо намален во однос на претходниот квартал, но бележи раст на годишно ниво“, наведено е во текстот.

    Според податоците од табелата на StratCann, извозот на медицински канабис од Македонија во Германија бележи силен раст во последните две години. Од околу 2,1 тон во текот на 2024 година, македонскиот извоз лани достигнал 5,7 тони, а само во првиот годинешен квартал веќе изнесува околу 2,2 тони. Оттука, можно е годинава повторно да се приближи или, пак, и да го надмине ланското ниво.

    Воедно, во анализата на StratCann се наведува дека германскиот модел сè уште во голема мера зависи од увоз, иако земјата постепено го развива и сопственото производство:

    „Во моментов, во земјата со 84 милиони жители лиценци за производство имаат само три компании, од кои две се поврзани со канадски фирми – Tilray/Aphria и Aurora. За споредба, Канада има речиси 1.000 лиценцирани производители за пазар од околу 40 милиони жители“.

    КАНАДА ДОМИНАНТЕН СНАБДУВАЧ ВО ЕВРОПА

    Канадската индустрија последниве години агресивно го зголемува производството за извоз, бидејќи странските пазари носат повисоки профитни маржи. Дополнителен мотив е и тоа што домашниот канадски акцизен данок од еден долар по грам не се применува на производите наменети за извоз.

    Индустријата во Канада активно бара и државна поддршка за натамошно ширење на извозот. На 4 мај 2026 година претставници на секторот одржале состанок со претставници на канадската влада и трговските комесари за можностите на глобалниот пазар на медицински канабис, посочено е во текстот.

    ГЕРМАНИЈА ГО ЛИБЕРАЛИЗИРА ПАЗАРОТ

    „Во февруари 2024 година, Германија го усвои Законот за медицински канабис, со кој се прошири законската регулатива за медицински канабис во земјата. По одобрувањето, Германците можат да пристапат до канабис за медицински цели преку аптеки. Постојните правила во Германија овозможуваат онлајн консултации со лекар и им дозволуваат на аптеките да испраќаат производи од канабис до пациентите по пошта. Повеќе од секоја седма аптека во Германија нуди пристап до канабис за медицински цели“, пишува StratCann.

    Од 1 април истата година Германија делумно го легализираше и рекреативното користење на канабис, дозволувајќи лична употреба и домашно одгледување, но не и комерцијална продажба.

    „И по две години, оваа политика останува контроверзна меѓу германските политичари. Сепак, новиот извештај покажува дека легализацијата не довела до значајна промена во трендовите на употреба на канабис во последните 12 месеци, ниту до раст на бројот на интензивни корисници.

    Германските власти во меѓувреме се обидуваат да воведат построги правила за онлајн пристапот до медицински канабис, но експертите сè уште немаат единствен став за идниот правец на регулацијата“, се посочува во текстот.

    И покрај политичките дебати германскиот пазар продолжува да расте, а Македонија очигледно успева да фати дел од тој бран.

    МАКЕДОНИЈА СО ОТВОРЕН ПАЗАР

    Македонското законодавство за медицински канабис датира од 2016 година, кога беше дозволено одгледување канабис за медицински цели. Со тоа, земјата стана една од ретките во Европа што дозволија приватни компании да произведуваат и извезуваат медицински канабис, наместо производството да биде под државната капа. Моделот беше поставен слично на канадскиот отворен пазар, со цел да се привлечат инвестиции и да се развие извозно ориентирана индустрија.

    Во изминатите години индустријата брзо се прошири. Или, од 2017 година лиценци за одгледување канабис за медицински цели се издадени на 61 компанија. Но, по српско-македонската афера со петте тони марихуана, беа одземени повеќе лиценци.

    Токму поради тие случувања, секторот последниве месеци е под силен надзор. А, по големите полициски акции беа запленети повеќе од 40 тони канабис. Истрагите се поврзуваат со сомнежи дека дел од производството од лиценцирани компании завршувало на нелегалниот пазар.

    Сепак, и покрај скандалите, Македонија се пробива на европскиот пазар. Дел од домашните производители веќе поседуваат EU-GMP сертификати – неопходен услов за извоз во Европската унија.

    Минатата недела и Реплек објави дека го реализирал првиот извоз на производи од медицински канабис во ЕУ, што дополнително го потврдува потенцијалот на индустријата.

    СТРОГИ ЕУ-СТАНДАРДИ

    ЕУ-GMP сертификатот претставува доказ дека компанијата работи според европските добри производствени практики. Го издаваат регулаторни институции како Европската агенција за лекови (EMA) или национални надлежни органи во ЕУ.

    Компаниите што извезуваат канабис на европскиот пазар, вклучително и во Германија, мора да обезбедат ЕУ-GMP сертификација. Поради тоа, многу производители кои немаат сопствени сертифицирани капацитети го испраќаат канабисот на дополнителна обработка во GMP-погони пред да стигне до крајниот пазар. Во индустријата оваа практика понекогаш се нарекува „GMP washing“.

    Голем дел од европските компании не набавуваат медицински канабис директно од ЕУ-GMP сертифицирани производители, туку увезуваат цветови одгледани според GACP-стандардите преку GMP-процесори во Канада, Португалија, Чешка, Малта и Швајцарија.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично