ПОВЕЌЕ

    По 10 години производство – „Реплек“ извезе производи од медицински канабис во ЕУ

    Време зa читање: 3 минути

    Реплек бележи една деценија континуиран развој во сегментот на производи на база на медицински канабис, период во кој компанијата не само што го воспостави домашното производство, туку и успеа да го позиционира својот бренд на еден од најстрогите пазари во Европа. Јубилејот доаѓа со значаен исчекор – реализација на првиот извоз на овие производи во Европската унија.

    Во изминатите десет години компанијата ја гради оваа линија како високо специјализиран фармацевтски сегмент, заснован на строги стандарди, контроли и долгогодишна експертиза во фармацевтското производство. Таквиот пристап, како што велат од компанијата, е клучен за обезбедување конзистентен квалитет и безбедност кај производи добиени од растителна суровина.

    Централен момент во јубилејната година е првиот извоз на производи од медицински канабис на пазарот на Европската унија, што е од големо значење за компанијата, но и за домашната фармацевтска индустрија.

    „Кога пред 10 години стартувавме со овој фармацевтски сегмент, пазарот во земјава реагираше со скептицизам. Бевме пионери во ова поле, и на македонскиот, исто како и на регионалниот пазар. Решивме да бидеме истрајни и напорно да работиме во реализацијата на оваа идеја, а од сегашна перспектива можеме да кажеме дека нашата одлука беше исправна, што се докажа и со успешно реализираниот извоз на пазарот на Европската Унија. За пласман на овие производи има сериозен потенцијал, бидејќи глобалниот пазар на производи од канабис продолжува да бележи силен раст, а потенцијалот за националната економија е голем и треба да биде искористен“, посочи генералниот директор на Реплек, Душан Пецовски.

    Како дел од стратегијата за транспарентност и едукација, компанијата во ноември минатата година го отвори КА-информативниот центар, прв од ваков вид во земјата, посветен на информирање за производите на база на медицински канабис. Тој функционира како подружница на Реплек и служи како комуникациска платформа меѓу компанијата, стручната јавност и корисниците, со цел унапредување на информираноста и намалување на стереотипите.

    КА-информативниот центар има значајна улога во надминување на стереотипите поврзани со медицински канабис и е точка на доверба меѓу компанијата, потрошувачите и стручната јавност.

    Производството на оваа линија се базира на современи технологии, вклучително и суперкритична CO₂ екстракција, која овозможува висока прецизност, стабилност и квалитет на екстрактите. Компанијата користи индустриска опрема од реномирани европски производители, при што континуираните инвестиции и стручниот кадар се посочуваат како клучни за стабилен и проверен производствен процес.

    Портфолиото на Реплек во овој сегмент опфаќа ЦБД масла, козметика со медицински канабис, како и производи со ЦБД и ТХЦ наменети како дополнителна терапија кај одредени заболувања, во согласност со регулативите.

    Со децениското искуство, проширеното портфолио и првиот извоз во ЕУ, Реплек ја позиционира државата на мапата на современата и одговорна фармацевтска индустрија на медицински канабис.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично