Царинската управа на Северна Македонија бележи историски резултати и нови стандарди во работењето, со над 12 милијарди денари приходи остварени за првпат во еден месец. Ова беше истакнато на одбележувањето на 34-годишнината од постоењето на институцијата.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека во изминатите 20 месеци Царинската управа ги постигнува најдобрите резултати досега, со значително зголемена ефикасност, подобра организација и засилена наплата на јавните приходи.
„Особено значаен е фактот што за првпат е надмината границата од 12 милијарди денари приходи во еден месец. Тоа е резултат кој не доаѓа случајно, туку е производ на системски пристап, засилени контроли и подобра координација“, порача Мицкоски.
Тој нагласи дека подобрените резултати се дел од пошироките владини мерки за воспоставување ред во институциите, намалување на сивата економија и зголемување на ефикасноста во наплатата на приходите.

Според него, затекнатата состојба во институциите била сериозно нарушена, но во изминатиот период е воспоставен систем на ред, правила и дигитализација на процесите.
Мицкоски упати благодарност до раководството на Царинската управа и директорот Бобан Николовски, како и до министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, истакнувајќи ја нивната координација како клучна за постигнатите резултати.
Тој порача дека следниот период ќе биде насочен кон понатамошна модернизација на институцијата, унапредување на услугите кон стопанството и засилена борба против нелегалните активности.
Аналитика








