Алта Група го проширува своето присуство на македонскиот пазар со влез во осигурителниот сектор, преземајќи го ЗОИЛ Македонија АД Битола. Друштвото, по добивање на сите регулаторни одобренија, ќе работи под брендот Алта Осигурување.
Пред официјалната потврда од групацијата, Пари ја објави информацијата за блок-трансакцијата реализирана на Македонска берза. Кон крајот на март новиот сопственик се стекна со 100 отсто од акционерскиот капитал. Пакетот од 60 илјади акции беше продаден по цена од 1.748,03 денари по акција, со вкупна вредност од над 104,8 милиони денари или 1,7 милиони евра.
ЗОИЛ Македонија е основана во 2023 година. Во 2024 година, според официјалните податоци, друштвото со 13 вработени остварило приходи од 23,8 милиони и загуба од 24,8 милиони денари. Нето-приходите од премии учествуваат со речиси половина во вкупните приходи.
Со ова преземање Алта Група го заокружува својот финансиски екосистем во регионот, кој веќе опфаќа банкарство, лизинг и платни услуги, а сега се надградува и со осигурување. Целта е создавање интегриран модел „сè на едно место“, преку кој клиентите ќе имаат пристап до широк спектар финансиски и осигурителни производи.
Во сегментот на осигурување ќе бидат понудени услуги од неживотно осигурување – за возила, имот, домаќинства, патувања и деловни активности, со пакети прилагодени на потребите на граѓаните и компаниите. Од групацијата посочуваат дека интеграцијата ќе овозможи поедноставени процедури, побрза обработка и поголема ефикасност во користењето на услугите.
Алта Група со овој чекор ги потврдува амбициите за посилно регионално позиционирање и заземање значајна улога на пазарот на Западен Балкан, преку развој на модерен и технолошки унапреден финансиски систем.
M.A.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








