ПОВЕЌЕ

    „Алкалоид“ доби признание за придонес во афирмацијата на Државниот архив

    Време зa читање: 2 минути

    За континуираната поддршка и за придонесот во развојот и афирмацијата на Државниот архив, на фармацевтската компанија „Алкалоид“ и беше доделено признание. На одбележувањето на 75-годишнината од востановувањето на оваа значајна државна институција, пригодни плакети добија неколку субјекти од земјава.

    Благодарницата, во име на компанијата, ја прими генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов. Тој истакна дека Архивот не е само збир на документи, туку жив доказ за постоењето, континуитетот и за идентитетот на една држава. Тој посочи дека при неодамнешното истражување за потеклото на документацијата на „Алкалоид“ се увериле во исклучителната вредност на фондот што го поседува Државниот архив, оценувајќи дека станува збор за институција со богато историско и документарно наследство.

    На пригодна церемонија по повод јубилејот, директорот на Државниот архив, Димитар Богески, посочи дека 75 години од основањето на институцијата не се само бројка, туку доказ за долгогодишната работа и посветеност на многу генерации архивисти и вработени. Воедно, беше нагласена и важната улога на Архивот како чувар на државната меморија и идентитет.

    Државниот архив функционира преку девет подрачни одделенија и девет подрачни архиви, во кои се чуваат околу 8.000 архивски фондови, односно приближно девет километри архивски материјал.

    Институцијата е формирана на 1 април 1951 година со указ на тогашната Влада на НР Македонија, а низ децениите прерасна во еден од најзначајните столбови на македонскиот идентитет и културно наследство.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично