Зголемена продажба и профитабилност се ефектите од деловните активности на Винарската визба Тиквеш од Кавадарци реализирани во текот на минатата година. Нето-добивката достигна близу 4,9 милиони евра и е за 17 насто повисока во однос на претходната 2024 година. Износот пред оданочување е речиси 5,8 милиони евра, додека оперативната добивка, поддржана од подобра контрола на трошоците и поефикасна продажна структура, достигнала над седум милиони евра.
Од продажбата на своите производи Тиквеш обезбедил повеќе од 61 милион евра, а тоа е проследено со годишна промена од три насто. Растот е резултат на засилениот извоз. Притоа, приходите од странските пазари се зголемени за 8 насто, а во таа ставка е запишана сума од 35 милиони евра. Од друга страна, продажбата на домашниот пазар бележи благ пад од два отсто и е на нивото од 26 милиони евра.
Во делот на трошоците, административните расходи остануваат стабилни, додека трошоците за продажба и маркетинг се намалени за 9 отсто, на околу 5,5 милиони евра. Истовремено, останатите расходи бележат раст од 16 насто, а финансиските расходи се зголемени за 40 насто.
Компанијата во текот на годината реализирала значајни инвестиции од 14,4 милиони евра во придружени друштва, што резултирало со зголемување на постојаните средства за 82 насто и раст на долгорочните обврски за 95 насто.
И покрај позитивните финансиски резултати, планираната продажба не е целосно реализирана и заостанува за 2,9 отсто. За годинава во Тиквеш се очекува раст на продажниот обем од 4,9 насто.
Аналитика








