Активистка за финансиска писменост, хуманитарка и познато телевизиско лице – Елизабет Наумовски е Канаѓанка со македонско потекло која инспирира жени ширум светот да ја преземат контролата врз своите финансии и животни одлуки. Позната по емисијата „Охрабрена!“ и по својата ангажираност во заедницата, таа паралелно гради кариера во финансискиот сектор и спроведува иницијативи за едукација и поддршка на жените.
Живее динамично и без страв од предизвици – дарува крв на секои 84 дена, помага на бездомници, нуркала во ледени води и се искачила на активен вулкан. „Некои од моите пријатели велат дека сум како кромид. Имам многу слоеви. Кога еден слој ќе се излупи, јас создавам нов и повторно себеси си поставувам предизвик“, вели во интервјуто за Пари, во кое зборува за својата мисија, за улогата на жените во финансиите, за предизвиците низ кариерата и за врската со Македонија.
Елизабет наскоро ќе дојде во Татковината на нејзините родители. Своите искуства како призната лидерка во областа на финансиското образование и мотивација на жените ќе ги сподели на претстојниот Самит на Македонија 2025, што ќе се одржи на 12 и 13 мај во Скопје. Ќе говори на престижниот настан, на кој ќе се соберат влијателни говорници, лидери и претприемачи од светот.
Пари: Активистка за финансиска писменост, неуморна поборничка за охрабрување на жените, личност која инспирира и мотивира, препознатлива јавна фигура, голем хуманитарец… Многу позната во Канада, но за македонската публика, која е Елизабет Наумовски?
Наумовски: Дали сум позната во Македонија? Можеби не, но младите жени кои имаат потреба од моето менторство во Македонија, Канада, Австралија и САД знаат која сум и како да ме најдат. И за мене тоа е многу важно. Која сум јас? Тоа е одлично прашање. Понекогаш сѐ уште се обидувам да го најдам одговорот на тоа прашање. Јас сум жена која е родена во Канада, прва генерација, од родители кои потекнуваат од околината на Прилеп и Битола. Тоа прави мојата ДНК да биде 100 проценти македонска. Се обидувам да бидам скромна. Се обидувам да бидам љубезна. Изгледам силно однадвор и многу сум фокусирана. Работам многу и се надевам дека ќе можам да споделам дел од своите знаења и искуства со следната генерација жени-лидери.
Бидејќи и двајцата мои родители многу работеа додека растев, мајка ми ги вгради во мене вредностите со кои таа пораснала. Таа го напуштила Мажучиште на 19 години и од малото село ги донела сите свои вредности во Канада, а мене ме воспитуваше според нив. Знам дека дедо Манатија лечел луѓе со билки и љубезност. Тоа ми остави голем впечаток. Како дете сакав да им помагам на луѓето. Сакав да им помагам на децата низ целиот свет. Сакав да им помагам и на животните. Само сакав да помагам. Дарувам крв на секои 84 дена. Досега имам дарувано 85 пати, што значи дека сум дарувала приближно осум пати повеќе од вкупното количество крв во моето тело. Ги хранам бездомниците во Торонто. Се грижам за животните. Особено сакам мачки. Си поставувам предизвици и размислувам поинаку. Смртно се плашам од давење во вода, а сепак нуркав во процепот Силфра во Исланд (на температура од 2°C). Си поставив предизвик себеси со тоа што се искачив на Стромболи, активниот вулкан на Сицилија. Планинарев низ Доломитите во Кортона, Италија. Го завршив полумаратонот со препреки (Tough Mudder) и ја поминав воената офицерска обука за издржливост во Торонто. Некои од моите пријатели велат дека сум како кромид. Имам многу слоеви. Кога еден слој ќе се излупи, јас создавам нов и повторно себеси си поставувам предизвик.

Сега, малку историја. Од страната на мајка ми, јас сум поврзана со македонскиот поет, писател, литературен преведувач и лингвист Блаже Конески, кој е вујко на мојата мајка, што значи дека јас сум негова внука. Начинот на кој го дознав тоа беше многу интересен. Кога мојата мајка и јас бевме во Скопје, во 2014 година, шетавме по мостот со многу статуи. Доцна вечерта, кога поминавме покрај нив, јас ги читав имињата напишани на статуите. Кога наглас прочитав „Блаже Конески”, таа застана и ми побара повторно да го прочитам неговото име. И токму тогаш ми кажа.
Пари: По примањето на наградата на IFSE за Шампион во финансиска писменост, рековте: „Треба да направам нешто значајно со цел наградата навистина да има значење“. Во кои земји и на кои континенти наградите и вашите напори добиле вистинско значење?
Наумовски: Знам дека допирам до одредени поединци од секој континент преку мојот Јутјуб канал и Вимео профилот на Њуз Форум. Од пораките што ги добивам на мојата веб-страница, Линкдин или е-пошта, знам дека мојата порака има одек низ целиот свет. Минатата година, бев во Гана, Африка и разговарав со Синапи Аба заштеди и заеми (Sinapi Aba Savings & Loans) за нивната програма за финансиска писменост и за тоа што јас го правам. Ја посетив Гана со Опортунити Интернешенал Канада (Opportunity International Canada), со цел да видам како програмата за микро-финансирање им помага на жените во руралните заедници.
Се обидувам да најдам мотивација од позитивното. Кога ќе добијам награда, си велам „што можам да сторам следно”. Тогаш ми падна на ум мојот предизвик за заштеда од 5 долари на ден во ноември, месецот на финансиската писменост. Поставувам предизвици за другите да заштедат по пет долари секој ден и да продолжат да штедат во текот на целата година. Ако заштедите пет долари на ден во ноември, ќе заштедите вкупно 150 долари. Ако заштедите пет долари на ден во текот на целата година, ќе имате заштедено 1.825 долари.
Пари: Може ли вашата меѓународна работа меѓу жените да се спореди со онаа на револуционерките Роза Луксембург и Клара Цеткин? Што значи да се биде жена–лидер?
Наумовски: Сепак, времињата се различни. Жените имале многу потешка работа пред сто години бидејќи немале социјални мрежи и е-пошта за брзо да ја пренесат својата порака. Различни времиња, различни пораки. Мислам дека е опасно за секоја од нас да се споредува со другите. Споредбите не ни помагаат да растеме. Јас, всушност, мислам дека споредбите нè онеспособуваат и претставуваат негативен начин на живеење. Премногу жени страдале поради споредби. Да ги гледаме жените како поединци. Жените се лидери затоа што во својата заедница носат интелигенција, напорна работа, образование, страст и карактер. Полот е само еден дел од тоа кои сме ние, но не е единствената причина за нашиот успех.
Пари: Што ве мотивираше да се посветите конкретно на жените и на нивната финансиска писменост и образование?
Наумовски: Кога растев, мојата мајка ме учеше да ја штедам секоја пара. Се сеќавам како излегувавме за Ноќта на вештерките и ни даваа мали портокалови кутичиња од УНИЦЕФ (кои ги стававме на конец и ги носевме околу вратот) за да собираме средства за децата од третиот свет. За мене беше фасцинантно тоа што можете да спасувате животи со заштеда на пари. Секоја пара беше важна и секоја пара правеше разлика.
Кога започнав да работам во финансии, постојано слушав статистики дека жените заработуваат помалку од мажите, дека жените живеат подолго од нивните машки колеги и дека жените имаат испрекинати кариерни патеки. Тоа значи дека жените започнуваат со кариера, па раѓаат деца, па се враќаат на работа, па се грижат за родителите, па се враќаат на работа и така натаму. Целата нивна кариера е испрекината. Сега, со технологијата и вештачката интелигенција, доколку редовно не се надградувате, тешко е повторно да се вратите на работното место. Кога гледав CNBC (каналот за бизнис вести во САД), секогаш гледав мажи на телевизија кои им кажуваат на гледачите што да прават со своите пари. Меѓутоа, повеќе од половина од популацијата се жени, а многу од тие жени се експерти во својата избрана област. Погледнете колку е квалитетен женскиот хокеј на Олимписките игри; тие се неверојатни спортистки кои напорно работеле и се бореле заедно како тим со цел да стигнат таму каде што се наоѓаат. Сега размислете за адвокатите, докторите, инженерите, дури и за претседателите на држави. Сите тие се работни места што биле доминирани од страна на мажите. Секоја од овие жени заслужува почит и внимание за она што го постигнала. Затоа решив да создадам сопствена национална телевизиска емисија во Канада и да поканувам само жени. Жените поинаку ќе ги слушаат приказните ако бидат раскажани од жена. Тие ќе се поврзат и подобро ќе го апсорбираат нештото кога ќе го слушнат од жена. „Охрабрена! (Empowered!) со Елизабет Наумовски” е моја можност да им дадам на овие жени-лидери шанса да го споделат своето знаење, искуство и лидерство, не затоа што мажите се лоши, туку затоа што успехот заслужува почит. Истовремено, со тоа ќе се постигне и поголемо влијание на нашите идни жени-лидери. Ги сакам мажите. Ова не значи дека сакам да кажам нешто негативно за мажите или да ги прикажам во негативно светло, туку значи дека сакам да ги охрабрам жените, за другите да можат да научат од нив.
Можете да ги гледате епизодите на Охрабрена (Empowered) на Јутјуб @EmpoweredWithElizabethNaumovski или на мојата веб-страница www.EmpoweredTV.ca

Пари: Дали одржувате врски со вашата Татковина? Планирате ли идни активности меѓу жените во Македонија?
Наумовски: Кога бев мала, мојата мајка и јас одевме во Македонија и седевме во Прилеп и Мажучиште по два месеци за да се видиме со моето семејство и моите баба и дедо. Ги посетувавме и моите баба и дедо во Суводол, во оклината на Битола. Кога бевме во Мажучиште, моето семејство одеше да бере тутун и кога ќе се вратеа, седевме на земја и го нижевме тутунот со голема игла на конец за потоа да се суши. Јас нижев тутун!
Одржувам врски со заедницата преку мојата поврзаност со Македонија 2025, Обединетата македонска дијаспора (ОМД), Црквата, а и моето семејство. Бев водител на гала-свечености за ОМД во Скопје и говорев на настани на Македонија 2025 во 2019, 2023, а сега и во 2026 година. Последен пат кога бев овде на Самитот на Македонија 2025, во 2023 година, имав можност да отидам во Струга и да разговарам со млади жени студентки. Тоа беше многу корисно попладне, едно од најважните што сум ги имала. Би сакала да планирам идни активности со жените во Македонија. Само повикајте ме и јас ќе дојдам. Мојот сопруг многу пати ја посетил Македонија: во 2017, 2019, 2023 и 2026 година. Тој ја сака земјата! Тој ја сака нашата култура, храна и музика. Тој исто така учи македонски. Неговите омилени зборови се „не знам, лути пиперки, ракија и промаја”.
Пари: Дали вашето македонско потекло на некој начин ја обликувало вашата филозофија во однос на финансиите и вашите професионални избори?
Наумовски: Мојот татко секогаш ми велеше: „Готовината е кралица. Ако не можеш да си ја дозволиш, не ја купувај”. Тој беше мајстор за шиење во финансискиот округ во Торонто. Ме научи да купувам квалитетна и класична гардероба. Да инвестирам во трајни работи. На работа сè уште ги носам неверојатните јакни што ми ги направи пред 29 години. Мојата мајка ме научи да купувам само работи што се на распродажба. Исто така, не купувам работи кога ми се потребни, бидејќи тогаш се најскапи. Мислам дека логиката и едноставноста на тој израз се олицетворение на мојата филозофија. Ако тоа е вистинската работа што треба да се направи, направи ја. Ако имаш многу, сподели. Само работи напорно.
Заедницата ми е крајно важна. Се опкружувам со неверојатни луѓе и возвраќам кога можам. Она што го давам како придонес е „Биди љубезен“. Исто така, вредностите се моја движечка сила. Верувам дека треба секогаш да бидеме љубезни со луѓето. Никогаш не знаеш низ што поминале или каков им е денот. Има толку многу гнев и суровост на овој свет, така што се обидувам да помогнам барем малку со тоа што сум љубезна со сите околу мене.
Пари: Кога размислувате за минатото, кои вредности пренесени од родителите сега ги споделувате со новите генерации?
Наумовски: Сакам да кажам дека бев воспитувана со вредностите од селата на моите двајца родители. Тие потекнуваат од села од околината на Битола (Суводол) и Прилеп (Мажучиштe) и со себе ги понеле своите искуства во Торонто во 1962 година. Работи напорно, имај интегритет, води со љубезност и секогаш биди искрена и транспарентна. Комуникацијата е од клучно значење, бидејќи имав проблеми со буквален превод од македонски на англиски. И повторно, заедницата е важна. Потребно е цело село за да се израсне едно дете. И да, о, Боже! Секогаш, секогаш, секогаш нека ви биде домот многу чист во случај кога некој ненадејно ќе дојде на шолја турско кафе. И секако, правење манџа. Секогаш знајте како да готвите и печете.
Пари: Дали сте се соочувале со предрасуди или бариери како жена во финансискиот свет и како ги надминавте?
Наумовски: Кусиот одговор е да! Работев во две дејности во кои доминираат мажите: телевизиско емитување и финансии. Се соочував со многу сексизам во текот на мојата кариера. Кога започнував со телевизиското емитување, ми беше кажано дека никогаш нема да водам телевизиска емисија затоа што не изгледам како Барби. Ми рекоа дека не сум доволно руса да бидам на телевизија и дека никој никогаш не би ме вработил со презимето Наумовски. Ми предложија да го сменам презимето во нешто што звучи „поканадско”. Очигледно, времињата се променети, но сепак ми пречи што тоа беше наративот кога бев во моите рани 20-ти години. Сепак, сите ние имаме потреба од вакви неуспеси за да се надградуваме на својот темел на успех, што всушност ми ја поттикна и страста да создадам, водам и продуцирам моја национална телевизиска емисија „Охрабрена. Со Елизабет Наумовски“. Моето презиме се наоѓа во насловот на емисијата.
Ми беше исто така кажано дека не сум добра македонска жена (не е добра домаќинка) затоа што бев слободна, работев и не бев дома да чистам и да се грижам за децата. Можам да се фокусирам на мојата кариера и личниот живот онаму кадешто напорната работа ќе донесе резултати.
Пари: До која мера вашето искуство во улогата на потпретседател на Калдвел секјуритис Лтд (Caldwell Securities Ltd.) ви помогна да ги подобрите програмите за финансиска писменост?
Наумовски: Запомнете, секогаш сакам да им помагам на луѓето. Станува збор за возвраќање. Кога разговарав со сопругите на клиентите или нивните деца, многумина не можеа да разграничат меѓу акции, обврзници, отворени инвестициски фондови или фондови со кои се тргува на берза. Тие исто така не можеа да разграничат меѓу различните готовински или регистрирани сметки. Кога почнав да објаснувам, користев аналогии. На пример, замислете го отворениот инвестициски фонд како количка за пазарување. Во количката ставате шампон, чоколада, млеко, хартиени крпи. Секој артикл во вашата количка претставува компанија во која сте инвестирале. Сите овие компании се претставени во отворениот инвестициски фонд.
Исто така, ја создадов мојата кампања „Држи се!” (Just Hang Up!) на различни јазици за време на карантинот поради Ковид. Имаше толку многу постари лица и имигранти кои беа цел на измамници и крадци, така што првично создадов забавен видео запис на македонски, што го снимав во мојата трпезарија. Потоа ја проширив оваа видео кампања на работа и повторно ја снимав македонската верзија, а додадов и уште 16 други јазици.
Мојот материјал за маркетинг на Калдвел секјуритис (Caldwell Securities) има бесценета изложеност. Кога првпат започнав да работам за Калдвел, се погрижив сите наши материјали за маркетинг да бидат прилагодени за клиентите. Да не содржат жаргонски јазик. Да бидат лесни за разбирање, бидејќи финансиите може да звучат и комплицирано, а не мора да биде така.
Држам говори за финансиска писменост најмалку шест пати годишно. Неодамна одржав еден говор за една компанија на Меѓународниот ден на жената (ручек и учење), а два дена потоа бев на панел дискусија кадешто зборував пред полна сала со студенти на студии по бизнис. Пред повеќе од дваесет години водев телевизиска програма за финансии со телефонски повици во живо. Во тоа време поимот финансиска писменост сѐ уште не беше измислен.
Пари: Како ја балансирате вашата професионална улога со личниот живот, особено во динамична и конкурентна дејност?
Наумовски: Да се балансира е тешко. Навистина е тешко. Но, благодарна сум што имав можност да го балансирам мојот живот дома со енергичен и интересен живот на работа. Постојат две нешта што ми помагаат секој ден. Мојот календар на телефонот и моето семејство. Верувам дека за да имате убав работен и личен живот, треба да го имате вистинскиот партнер во животот. Партнер со којшто меѓусебно се ставате на прво место и не се натпреварувате еден со друг. Партнер кој ќе ве поддржи кога ви е најпотребно. Ќе го завршам ова прашање со цитат од Ворен Бафет – „Најважната одлука која ќе ја донесете во животот е изборот на сопружник.”
Пари: Кое е најголемото чувство на исполнетост што досега сте го доживеале во вашата кариера?
Наумовски: Со мојата емисија Охрабрена (Empowered), сакам да им дадам глас на жените-лидери на нашето време да зборуваат со нашите идни лидери. Се чувствувам исполнето кога млад човек ќе се огледа на мојот пример и ќе постигне повеќе од тоа што сум постигнала јас. Верувам дека имаме обврска да ѝ помагаме, да ја менторираме, бодриме и водиме следната генерација со цел да биде подобра, посилна и поуспешна од нас. Еве еден пример на порака што ја добив од говорот што го одржав неодамна:
Кога вчера ја напуштив панел дискусијата, една мисла ми остана врежана: „Сомнежот во себе живее во вашата глава. Колку повеќе размислувате за него, толку повеќе тој создава негативност”. Вашата увереност кога го кажавте тоа искрено ме трогна и ме натера да ви се обратам денеска претпладне. Секогаш сум се восхитувала на жените кои водат храбро и одбиваат да ги спуштат своите стандарди со цел да се вклопат во средината. Беше неверојатно освежувачки и инспиративно да се види таа енергија во просторијата вчера. Како млада жена која го одредува правецот на раните фази од својата кариера, би сакала да имам можност некогаш да го продолжам разговорот на кафе и да слушнам како ја изградивте самодовербата и јасноста што ги поседувате денес.
Оваа и некои други пораки што редовно ги добивам ми даваат огромно чувство на исполнетост. Тоа е знак дека мојата напорна работа низ децениите, всушност, има одек кај младите луѓе. Исто така, од особено значење за мене е доделувањето на престижната награда по повод платинестиот јубилеј на кралицата од страна на член на канадската влада за мојата работа во заедницата. Наградата по повод платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета II претставуваше канадска комеморативна награда за 2022-2023 година, што ја одбележа 70-тата годишнина од пристапување на тронот на кралицата Елизабета II.
Маја Анастасова
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








