Стопанска банка Скопје ќе го менува Статут со внесување на новата адресата на седиштето, што е и најава за преселба во новата управна зграда, во догледно време.
Според предложената одлука, се врши измена на член 2 од Статутот, кој се однесува на седиштето на Банката, и новата верзија е „Стопанска банка АД – Скопје е правно лице со седиште во Скопје, на улица ‘Филип Втори Македонски’ бр. 6“. За оваа точка, што е една од трите на дневниот ред, ќе се гласа на акционерското Собрание закажано за 27 април.
Измената е дел од поширок процес на трансформација и модернизација на Банката, насочен кон подобрување на оперативната ефикасност и организација. Притоа, се посочува дека новиот деловен објект е веќе изграден на нова локација и е во согласност со современите технолошки и организациски стандарди.
„Преселбата во оваа нова централна зграда ќе овозможи значителни подобрувања во организацијата на работниот простор, овозможувајќи поефикасни внатрешни процеси. Дополнително, модерната инфраструктура и енергетски ефикасните системи вградени во новата зграда се очекува да ги оптимизираат оперативните трошоци и да ги поддржат пошироките напори на Банката за модернизација и дигитална трансформација“, пишува во образложението на предложената одлука.
Локацијата на новото седиште на скопската Стопанска банка е на некогашниот паркинг наспроти хотелот „Холидеј ин“. Единаесеткатницата е дел од комплексот „Гранд Скопје“. Изградбата на управна зграда започна во ноември 2022 година.
Аналитика








