Битолската фабрика за квасец и алкохол ја заокружи 2025 година со нето добивка од 62,54 милиони денари, или над еден милион евра. Споредено со претходниот, овој резултат е подобар за 28 насто.
Продажбата и обезбедила на компанијата повисоки приходи за 2,5 насто, кои на крајот од годината достигнале 10,8 милиони евра. Останатите оперативни приходи, пак, пораснале за 12,5 насто, а крајниот износ е 204,8 илјади евра.
На расходната страна, трошоците за вработените се зголемени за 8,5 насто, на 1,4 милиони евра. Кај останатите оперативни расходи речиси и нема промена, односно проследени се со минимален пад од 0,05 отсто – на 2,3 милиони евра. Сепак, најголемиот трошок е заведен во ставката потрошени материјали и ситен инвентар, од 4,7 милиони евра (-5 %).
Притоа, добивката од оперативното работење се искачила на 1,3 милиони евра, што означува годишна промена од позитивни 22,8 насто.
Според финансискиот извештај, вкупната актива на битолската „Квасара“ во текот на минатата година се зголемила за 15,8 насто и достигнала 21,6 милиони евра.
Акциите на компанијата што произведува видови пекарски квасец, медицински алкохол, пекарски и адитиви за добиточна храна… котираат на слободниот пазар на Македонска берза. Според берзанските податоци, издадени се вкупно 12.500 обичнни акции. Просечната цена од 12 илјади денари датира од последното тргување реализирано кон крајот на февруари, а во изминатите 52 недели се регистрирани три купопродажни трансакции.
Аналитика








