Македонскиот сервис на Радио Слободна Европа ќе биде затворен на 31 март, како дел од пошироката реорганизација на медиумот. Истовремено, со работа ќе престане и паштунскиот сервис Радио Машал, потврди претседателот и извршен директор, Стивен Капус.
„Затворањето на овие два сервиса е загуба за публиката што ја опслужуваат. Но, сегашната буџетска состојба нè принудува повторно да ги приоритизираме начините на кои ги распределуваме ресурсите“, изјави Капус, додавајќи дека одлуката е донесена „со длабока благодарност за работата што ја имаат направено овие тимови“.
Одлуката е дел од процесот на намалување на трошоците и преструктуирање на програмите на глобално ниво. Засега нема детали за иднината на вработените, ниту дали дел од содржините ќе продолжат да се објавуваат преку други платформи.
Македонскиот сервис на Радио Слободна Европа започна со работа во 2001 година и повеќе од две децении беше препознатлив по независното и високо професионалното новинарство, со фокус на истражувачки теми, политички анализи и општествени прашања. Неговите содржини често отвораа важни јавни дебати и придонесуваа за поголема транспарентност.
Затворањето предизвика реакции во новинарската заедница и граѓанскиот сектор, каде што се оценува дека станува збор за сериозна загуба за медиумскиот плурализам во земјата. Дел од експертите предупредуваат дека ќе се отвори празнина во делот на независното информирање.
Радио Слободна Европа е дел од глобалната мрежа Radio Free Europe/Radio Liberty, медиумска организација финансирана преку грант од американскиот Конгрес, со законска обврска да обезбедува објективно и професионално новинарство. Нејзината мисија е да промовира демократски вредности и човекови права преку известување во средини каде што слободните медиуми се ограничени.
Со гасењето на македонскиот сервис завршува едно значајно поглавје на македонскиот медиумски простор.
Аналитика








