
Владата утре во 12 часот ќе одржи вонредна седница на која ќе се разгледуваат и носат мерки за ублажување на растот на цените на горивата, најавуваат од извршната власт.
Причина за ваквиот чекор е најновиот ценовен притисок што доаѓа од глобалните пазари, каде што цените на нафтата бележат раст, што директно се прелева и на домашниот пазар. Дополнително, според најавите, веќе во понеделник се очекува ново поскапување на дизелот и на бензините.
„Иако земјава има убедливо најевтини горива во регионот, се очекува дополнителен раст на цените. Заради тоа Владата утре во 12 часот ќе има седница на која ќе се донесат вонредни мерки за борба против високите цени на бензините со кои ќе се ублажи ценовниот скок“, брифираат од Владата.
Последните одлуки на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) веќе донесоа значително зголемување на цените. Дизелот поскапе за 21 денар по литар, додека бензините се зголемија за 12 денари по литар.
Според одлуката на РКЕ од 16 март, највисоките малопродажни цени изнесуваат 92 денари за дизел, 86,5 денари за Еуросупер 95 и 88,5 денари за Еуросупер 98.
И покрај растот, од Владата посочуваат дека цените во земјава и понатаму се најниски во регионот, но предупредуваат дека глобалните движења, вклучително и геополитичките случувања како војната во Иран, создаваат дополнителен притисок врз пазарот.
Надлежните уверуваат дека внимателно ја следат состојбата и дека мерките што ќе бидат донесени имаат за цел да го амортизираат ценовниот удар врз граѓаните и стопанството.
Аналитика








