Неплатени обврски кон државата во износ од 198 милиони евра имаат 6.011 должници. Поголемиот дел од нив го сочинуваат граѓаните, но вредноста на долгот ја акумулираат фирмите: 2.004 правни лица, по разни основи, но најмногу за ДДВ, не платиле 188,5 милиони евра.
Должничката листа на Управата за јавни приходи, објавена во февруари, се однесува на долговите доспеани за наплата до 31 октомври 2025 година, со рок на плаќање што истекол на 31 јануари годинава. Во споредба со претходната листа, вкупниот долг, според УЈП, е намален за 3,8 милиони евра и речиси целосно произлегува од сегментот даноци.
Конкретно, нето-долгот за даноци и придонеси е во износ од 194,5 милиони евра. Воедно, ненамирени се царински давачки од 3,45 милиони евра, а во периодот меѓу двете листи е регистрирано намалување од 13,6 илјади евра.
ДЕСЕТ ФИРМИ НОСАТ ЕДНА ТРЕТИНА ОД ДОЛГОТ
Сепак, кога станува збор за фирмите, подолго време нема промена во составот на десетте најголемите должници. Тие должат една третина од вкупниот долг ‒ 58,3 милиони евра. Во меѓувреме, заедничкиот товар им е зголемен за околу 610 илјади евра (57,7 милиони евра на претходната листа од УЈП), произлезе од анализата на порталот Пари.
Во структурата е доминантен, со 55,28 милиони евра, долгот за ДДВ, распореден кај овие 10 најголеми должници, меѓу кои со години се повторуваат истите фирми, како што се и водечките Хант Осој Трејд (14,2 милиони евра) и Окитна Трејд (14 милиони), кои се врзуваат за нелегален поврат на ДДВ и за организиран криминал. Овие две фирми должат само за ДДВ, а нивниот заеднички долг учествува во вкупниот долг на ТОП 10 со 48,4 насто.

Извор: БизнисМрежа
Забележливо е дека царинските обврски ги нема намирено единствено Грофлер, а во однос на претходната состојба, долгот е зголемен ‒ од 10,7 на 15,2 илјади евра. Исто така, само оваа фирма е должник и за ДДВ при увоз, со тоа што овде промената е од 31,8 на 44,2 илјади евра.
Скопската подружница на чешкиот СГСМ-Оил&Гас сервис, пак, во меѓувреме го расчистила долгот за ПДД по други основи (18,4 илјади евра).
Од овие десет фирми, ниедна не должи по основ на акцизи.
СКОПЈЕ ГО НОСИ ДОЛЖНИЧКИОТ БАЈРАК
Кога оваа проблематика се разгледува по градови, бајракот е и ќе остане во Скопје. Долгот лоциран во 71 град изнесува 188,5 милиони евра, од кои 104,8 милиони само во Скопје. Повеќе од половината (55,6 насто) од вкупните неплатени обврски се адресираат во главниот град.
Инаку, овие 10 града, кои по сила на приликите се најголемите должнички одредишта, се натоварени со ненамирени 166,5 милиони евра. И покрај тоа што има намалување од околу 4 милиони евра во однос на претходната листа, кај нив се сконцентрирани 88,3 насто од сите долгови на фирмите во државата. Задолженоста е малку релаксирана во Скопје, Струмица, Куманово и Кавадарци.
Иако на втората позиција, далеку зад Скопје е Струмица со 15,9 милиони евра. Со над 10 милиони евра долг е уште Куманово (10,6 милиони), додека нешто под тој праг е Тетово (9,9 милиони евра).

Извор: БизнисМрежа
Иако вкупниот нето-долг на листата е намален за 3,8 милиони евра, тој пад е статистички, а не структурен. Долгот останува концентриран кај мал број компании и во неколку урбани центри. Проблемот со даночната дисциплина не се решава, туку опстојува и се продлабочува.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








