
По шпекулациите во јавноста дека најавената „фазна имплементација“ значи одложување на примената на новиот Закон за заштита од пушење, Владата излезе со јасен став – законот ќе се носи и ќе се применува во законските рокови, без пролонгирање.
Од Министерството за здравство информираат дека во моментов се финализира анализата на коментарите добиени преку јавната расправа на ЕНЕР, како и забелешките од институциите, засегнатите страни и бизнис-заедницата. Финалната верзија на законското решение, како што најавуваат, веќе следната недела ќе биде доставена до Владата.
Од ресорот нагласуваат дека направените усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат исти – спречување на започнување со пушење кај младите, создавање генерации без никотинска зависност и заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на толкувањата дека ќе има одложување, Министерството појаснува дека фазната примена се однесува исклучиво на начинот на спроведување во почетниот период, а не на поместување на датумот на стапување во сила. Законот, велат, ќе важи веднаш по неговото донесување во Собранието, согласно предвидените рокови.
Првата фаза ќе подразбира засилен надзор, информирање и изрекување опомени, наместо веднаш казнување. Намерата е институциите, угостителите и граѓаните да добијат време за адаптација и јасни насоки за спроведување на новите правила, со цел да се изгради одржлива култура на почитување на законот.
Минатата недела, во емисијата „Бизнис 21“ на ТВ21, државниот советник во Министерството за здравство, Никола Грбчевски, изјави дека разговорите со засегнатите страни сè уште траат и дека законот дополнително ќе се доработува пред неговото стапување во сила. Тој посочи дека станува збор за „помека примена“ во почетниот период, со едукација и опомени, а не за ретерирање од најавените мерки. Неизвесноста околу тоа колку ќе трае оваа фаза, три, шест или осум месеци, во дел од јавноста беше протолкувана како можно одложување.
Угостителите во меѓувреме го поздравуваат носењето на законот, но бараат подолг преоден период пред започнување со казни. Според нив, постепена имплементација во рок од најмалку три години би овозможила избегнување на негативни последици врз секторот. Тие предупредуваат дека пребрзата примена може да доведе до затворање објекти и отпуштање работници, особено ако се земе предвид дека процентот на пушачи во земјата, според нивни проценки, се движи меѓу 60 и 65 отсто од населението.
Дополнително, угостителите укажуваат дека предложеното решение е меѓу најригорозните и е моделирано според примери од земји како Шпанија и Словенија, каде што стапката на пушење е значително пониска.
Од Министерството за здравство, пак, порачуваат дека остануваат отворени за комуникација и транспарентно информирање на јавноста за секој нареден чекор од процесот. Пораката е јасна – законот нема да биде одложен, но неговата примена ќе започне со адаптација, а не со санкции.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








