
Дволични дома, дволични и надвор е констатацијата за Зоран Заев и за Венко Филипче, од екс премиерот Никола Груевски, единствениот кој по напуштањето на таа функција побегна од земјава. Во опширниот пост на Фејсбук, тој наведува сериозни обвинувања за делувањето на поранешниот и на актуелниот лидер на СДСМ. Заев дека ја финансира војната во Украина преку крупни зделки со руски компании. Филипче дека за златната виза платил повеќе од половина милион евра, пари кои како лекар не би можел да ги заработи ни за 40 години.
Еве дел од тоа што од Будимпешта го кажува Груевски за Заев:
„Добро познато е на јавноста и кој го инсталираше Заев на власт како марионетска влада во 2017 година.
Но, во позадина, ‘ербап-европеецот’ спремен да прати туѓи деца на фронтот, на големо во стотици милиони рубљи секој месец врши трговија со руско железо и челик, односно купува евтино железо од Русија, чија цена е пониска заради силните западни санкции кон Русија, и прави зделки во кои сите имаат заработка, и продавачите од Русија и купувачот фирма на Заев.
Така кажано со сегашниот наратив на европските политички лидери, тој заради лично богатење учествува во зајакнување на финсирањето на Русија, и приватно како Заев-бизнисмен тој всушност ја финансира војната во Украина, но не Украина.
Значи за Украина официјално даваше поддршка со парите на сите граѓани и ако затреба и сите така решат и со жива сила, а за целите на лично богатење тој е во тесна соработка со компании од Русија, коi фирми од тие заработки плаќаат даноци во буџетот на Русија.
Најважно за него е да го зголеми личното конто, другото сѐ што треба ќе каже и ќе направи, ќе одглуми, ќе пофали, ќе попушти, ќе се умилкува, ќе заражи каде смее, ќе истури бес некаде, ќе лаже, ќе става рака на срцето, па макар и тие што го донесоа на власт да ги измами, а знаеме дека него народот не го донесе на власт“.
Во делот посветен на Филипче, за како што вели „лекар-печалбар во обид“, меѓу другото е наведено:
„Филипче како негов бизнис партнер, сопатник во возење луксузни мотори и луксузни јахти, и негов најдоверлив соработник во СДСМ, знае за сето ова, и Заев ја има неговата поддршка. Интереси се во прашање.
Законите во Обединетоте Арапски Емирати бараат барателот на златна виза на основ инвестиција, да има инвестирано во таа земја најмалку 550.000 американски долари, износ што Филипче како лекар во македонскиот здравство можел да ги заработи доколку 40 години работел и не трошел ниту денар од неговата плата, односно доколку почнал да оперира на деветгодишна возраст и притоа да не трошел пари од платата за храна, облека и слично.
Тоа е всушност и причината зошто Венко Филипче мораше да ја лаже јавноста дека не добил златна виза како бизнисмен-инвеститор, туку како лекар.
Тој нема документи со кои дошол до таа виза како лекар-печалбар во обид, бидејќи не било така. Тоа се документи кои во најголем дел ги издаваат државните институции во ОАЕ, а на крајот доаѓа договорот со болницата чие име никогаш не го кажа, ниту пак го презентираше договорот“.
Во објавата, Груевски се обраќа и до надлежните:
„А да сака ОЈО да го истражи ова, многу лесно може да започне и со успех да заврши истрага“.
Аналитика








