
Собранието ја отвори вратата за една од најзначајните промени во онлајн пазарувањето во последната деценија – од следната недела, повеќето пратки од странство ќе станат поскапи. Со усвојувањето на измените на Законот за данокот на додадена вредност се укинува досегашното ослободување од ДДВ за комерцијални нарачки до 22 евра, со што платформите како „Тему“, „Али Експрес“, „Шеин“ и другите меѓународни продавници влегуваат под истиот даночен третман како и домашните трговци.
Новите правила ќе почнат да важат осум дена по објавувањето во „Службен весник“. Целта не е само зголемување на буџетските приходи, туку и усогласување со европските правила и заштита на домашниот бизнис-сектор. Европската Унија уште во 2021 година го укина истото ослободување, а слични мерки веќе имаат воведено и земјите од регионот.
Промената, сепак, не е апсолутна. Ослободени од ДДВ ќе останат единствено пратките од некомерцијален карактер – испратени од физичко лице на физичко лице – до вредност од 22 евра. И ова правило има ограничувања: алкохол, парфеми, тоалетни води, тутун и тутунски производи нема да бидат опфатени со ова ослободување.
Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, пред пратениците нагласи дека измените треба да внесат појасна правна рамка, да ги спречат злоупотребите и да ги израмнат условите за работа меѓу домашните и странските продавачи. Според него, малите македонски трговци досега биле ставени во подредена положба бидејќи странските платформи испорачувале илјадници пратки без ДДВ, создавајќи нелојална конкуренција на локалниот пазар.
Податоците на Асоцијацијата за е-трговија покажуваат дека онлајн купувањето драматично расте. Само во првата половина од 2025 година, вредноста на трансакциите кон е-продавници достигнала 456,3 милиони евра, што е 34,3% повеќе од истиот период претходната година. Минатата година, пак, во земјава влегле над илјада тони ситни производи кои не биле оданочени.
Реакциите во Собранието беа поделени. Социјалистичката партија ја поддржа мерката, оценувајќи дека на овој начин конечно се создава рамноправност меѓу локалните и странските трговци и дека македонските пари треба да останат во домашната економија. Од друга страна, Левица жестоко се спротивстави, тврдејќи дека данокот ќе удри врз најсиромашните и дека наместо вакви, како што ги нарекоа, „регресивни мерки“, треба посилно да се оданочува добивката на големите компании.
Измените добија поддршка од мнозинството пратеници, а 12 гласаа против. За граѓаните ова, во пракса, значи дека речиси сите мали нарачки од странски сајтови ќе чинат повеќе. За државата – повеќе наплата и потенцијално ориентирање на дел од купувачите кон домашниот пазар.
Од Министерството за финансии појаснуваат дека укинувањето на лимитот од 22 евра го решава долгогодишниот дисбаланс во електронската трговија, при што огромен дел од потрошувачката одел кон странски платформи без даночен третман. Според нив, со новиот модел дел од тој промет конечно ќе се задржи во домашната економија, што ќе создаде услови за посилен развој на локалните фирми.
Министерството проценува дека само по основ на ДДВ, секој месец околу 4 милиони денари ќе остануваат во земјата – средства што досега практично „истекувале“ кон надворешни трговци. Овој дополнителен прилив, како што наведуваат, може да се одрази и врз пошироките економски процеси: подобрување на ликвидноста во стопанството, зголемен инвестиционен капацитет на малите компании, па дури и простор за постепено зголемување на платите.
Дополнително, од Министерството посочуваат дека новиот систем ќе ја намали и можноста за злоупотреби. Досега, дел од производите кои влегувале како евтини пратки без платен данок завршувале во неформална препродажба на домашниот пазар. Со воведувањето на ДДВ за комерцијалните пратки, овој канал на сива економија станува значително потежок за функционирање, што, според МФ, ќе значи пофер конкуренција и поголема контрола.
Што се однесува до загриженоста за потенцијално поскапување, Министерството уверува дека граѓаните нема директно да го почувствуваат товарот од административните трошоци. Според нив, наплатата ќе биде поефикасна и стандардизирана, а конечната цена на производите најверојатно нема да претрпи драматични промени. Клучната поента, велат оттаму, е воспоставување фер правила за сите – и за домашните, и за странските трговци.
Со оваа мерка, државата, како што нагласуваат од Министерството, испраќа порака дека стои зад бизнисите кои создаваат додадена вредност во земјата. Очекувањата се дека поголем дел од потрошувачката ќе остане локално, што во комбинација со појасна регулатива може да ја зацврсти позицијата на македонските компании во е-трговијата.
Аналитика








