ПОВЕЌЕ

    Чоколада и шеќер – Сладок бизнис за крупен финансиски залак

    Време зa читање: 5 минути

    Лекарите и нутриционистите често предупредуваат дека прекумерното консумирање чоколада и слатки не е најздравиот избор, но кој може да одолее на искушението? Уште повеќе, науката потврдила – чоколадата ја стимулира продукцијата на серотонин, хормонот на среќата. Според IndexBox, минатата година во светот се изедени над 31 милион тони чоколада и производи со какао, а глобалниот пазар достигнал вредност од 211,7 милијарди долари.

    Не е познато колкав е уделот на консументите од Македонија, но мал сигурно не е. Подлогата на ова тврдење е во постигнувањата во рамките на дејноста трговија на големо со шеќер, чоколада и слатки производи, која претставува стабилен и профитабилен сегмент во домашната економија. Порталот Пари, во соработка со Бизнис Мрежа ги анализира бројките што се одраз на нивното успешно работење.

    Бизнис лидерите во оваа област, а тоа се 13 компании, имаат високи заеднички резултати. Десетте со најголем промет лани оствариле вкупен приход од речиси 255 милиони евра. Десетте со највисока добивка, со здружени сили имаат профит од 8,2 милиони евра. Десетте најголеми работодавачи ангажираат 898 вработени. Овие компании се с’ржта на на дејноста, обезбедувајќи значителен обем на увоз и дистрибуција, како и снабдување на домашниот пазар.

    Извор: Бизнис Мрежа

    СЕДУМ КОМПАНИИ СЕ СО ПРИХОД НАД 10 МИЛИОНИ ЕВРА

    Во големиот обрт, учеството на компаниите е во милиони евра. Од 4,5 милиони евра, заведени во финансискиот извешај на Топ-Базар од Кочани, па сѐ до 75,2 милиони евра одработени во Атлантиц Траде.

    Развиена е и дистрибутивната мрежа на Алма-М, која високата позиција на оваа листа ја обезбеди со прометот од 59,6 милиони евра.

    Според приходите, на пазарот добро котираат и Аграголд (33 милиони), Свисслион (21,7 милиони) и Нестле Адриатик (20 милиони евра).

    Со износи над десет милиони евра се Варимпекс Интернационал (18,1 милион) и Океан-Ком Трејд (10,3 милиони евра).

    Рангираните десет компании покриваат најголем дел од дистрибуцијата на брендови за слатки и кондиторски производи во Македонија.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ДИСТРИБУТЕРОТ АЛМА-М Е НАЈУСПЕШЕН

    Само една од компаниите не е во составот топ 10 според добивката, а тоа е Топ-Базар од Кочани, ориентиран кон локалната дистрибуција. Нов (само на листатат) е Рикапри од Скопје со 114,1 илјада евра, профит со кој се пласира на деветтото место.

    Всушност, добивките се скромни во однос на приходите. Најниска е заработката на Нимекс (96,7 илјади), претставник на познати екс-ју брендови. Најпрофитабилна е Алма-М (3 милиони евра), која располага со големи капацитети неопходни за дејноста и ја остварува визијата за најголема компанија во земјава за дистрибуција, продажба и логистика на производи за широка потрошувачка.

    Со профитот од 1,9 милиони евра зад неа е Нестле Адриатик со 1,9 милиони, произлезени од продажбата на над две илјади странски и локални брендови.

    Под еден милион евра се добивките на Свисслион (897,6 илјади евра) и на Океан-Ком Трејд (863,9 илјади). Најдобриот со приходите – Атлантиц Траде, кој е дел од хрватската милтинационална Atlantic Grupa, со остварените 528,9 илјади евра е на петтата позиција.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПОТРЕБНИ СЕ И ПО СТОТИНА РАБОТНИЦИ

    Десетте најголеми работодавачи обезбедуваат работа за 898 лица, а само две компаниите вработуваат 552 лица. На платниот список во Алма-М лани биле заведени 315 вработени, а во Атлантиц Траде 237.

    Дистрибутерот  на бисквитите и колачи „Момент“ – Океан-Ком Трејд функционира со 87, а Нимекс со 67 работно ангажирани.

    Помалите, пак, компании со по неколку десетици вработени покажуваат дека и со ограничени ресурси може да се постигнат сериозни резултати. Забележливо е, на листата меѓу бизнис лидерите во вработувањето се повторуваат имињата на девет компании, а десеттата е Таргет од Струмица (12 вработени), во чиј состав е и Слатка куќа, специјализираната продавница за кондиторски производи.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Тргувањето со чоколада, шеќер, со слатки производи е повеќе од сладок бизнис. Тоа е еден од најдинамичните сегменти на големопродажната трговија во земјава. Во контекст на македонската економија, овој сектор претставува важен дел од прехранбената индустрија, кој поврзува домашни и странски брендови и ја одржува конкурентноста на пазарот.

    Текстот го подготви Маја Анастасова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично