На Центар му треба предводник кој ќе биде вистински претставник на граѓаните, млад и енергичен, стручен и посветен татко на општината. На Центар му треба човек кој ќе воведе ред, ќе создаде урбан развој наместо хаос, ќе го исчисти, ќе го направи безбеден и ќе се бори за секоја негова педа – е пораката од промотивната Конвенција на Движењето ЗНАМ, што се одржа во Музејот на Современа уметност, каде што беа претставени кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, и советничката листа.
Во своето обраќање Лабудовиќ се обврза дека нема да биде градоначалник кој работи само пред избори, туку човек што ќе им служи на граѓаните секој ден од својот мандат. Тој најави ревизија на сите спорни урбанистички планови, нови катни гаражи во Буњаковец, Капиштец и кај новата Железничка станица, чиста и безбедна општина со енергетски ефикасни фасади, како и изградба на Центар Хаб – мултифункционален младински и културно-технолошки центар.
„Секогаш пред очи ќе ја имам главната цел – моите сограѓани. Ќе работиме секојдневно за да го подобриме нивниот живот и Центар да му го вратиме на граѓанинот,“ истакна Лабудовиќ.
Носителот на советничката листа, Мишко Барзов, додаде дека со визија, системски решенија и чесна работа, советниците на ЗНАМ ќе изградат поуредена, почиста и побезбедна општина, додека лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, порача: „Не смееме да дозволиме Центар да остане во погрешни раце. Време е за промена, време е за вистински човек кој и знае и може. Тој човек е нашиот Миро.“
Движењето ЗНАМ на овие избори настапува самостојно со советнички листи во 53 општини и во градот Скопје, со кандидати за градоначалници во Куманово и Центар.