Кандидатот за градоначалник на општина Центар од редовите на Движењето ЗНАМ – за наша Македонија Мирослав Лабудовиќ на првото телевизиско соочување со своите конкуренти пред гледачите се обврза на посветена и одговорна работа постојано во текот на целиот мандат, а не, како што рече, непосредно пред изборите на само 3-4 месеци пред крајот на мандатот.
„Ако сакате градоначалник кој работи само четири месеци пред избори, на крајот од мандатот, доколку сакате неодржувана општина, доколку сакате засилена бетонизација – тоа јас НЕ МОЖАМ да го понудам. Она што можам да го понудам е работа од четири години и тоа, сериозна работа. Можам да понудам општина која ќе биде чиста, општина во која ќе има ред, општина која ќе биде одржана и на крајот од мандатот општина која ќе биде одржлива. Тоа е мојата визија за Центар и верувам дека тоа е визијата за центарци.
Меѓутоа, тоа што сега го гледаме е сосема спротивно од мојата и од визијата на сограѓаните“, потенцираше Лабудовиќ.
Тој во дебатата во студиото на ТВ 24 ги искажа трите приоритетни проблеми кои мора да се најургентни за решавање во општината.
„Ќе иницирам да се направи физибилити студија со која ќе се набави акцелератор. Бидејќи станува збор за проект што не е евтин, во него би требало да учествуваат градот Скопје и сите скопски општини. Со таквото решение – по примерот на повеќе европски градови, ќе го согоруваме целиот собран смет и од него ќе се произведува енергија што ќе ја користиме и за осветлување на јавните површини и за затоплување на јвните објекти, првенствено училиштата“, нагласи Лабудовиќ.
Тој најави изградба на катна гаража кај Буњаковец и две монтажни гаражи – во Капиштец и во близина на новата Железничка станица со кои ќе се релаксира проблемот со паркирање во Општината, потоа енергетско-ефикасни фасади и поставување фотоволтаици на покривите од објектите со што ќе се намалат сметките на граѓаните… Како дел од својата програма, најави ревизија на сите детални урбанистички планови и борба за зачувување на секоја педа јавна површина, која ќе се користи само во интерес на граѓаните. Ред и безбедност за граѓаните, особено за најмладите во училиштата, во што ќе се вклучат како волонтери многумина, првенствено нивните наставници.
На првото телевизиско соочување на кандидатите за градоначалник на општина Центар не се појави актулениот градоначалник и кандидат на СДСМ Горан Герасимовски. Следното соочување треба да биде задутре на ТВ Телма.