Халкбанк АД Скопје веќе четиринаесет години е присутна на македонскиот банкарски пазар и за релативно кратко време успеа да се етаблира како најбрзорастечка и една од најголемите банки во земјава. Со јасна визија, континуиран раст и силна поддршка од матичната банка Халкбанк А.Ш. Туркије, банката се приближува до трите најголеми банки во државата.
Првата половина од 2025 година ја потврдува стабилната позиција и континуираниот напредок – раст на депозитната база, зголемено кредитирање, рекордни резултати и сѐ поголема дигитална трансформација. Во период кога клиентите сѐ повеќе очекуваат флексибилност, сигурност и брзина, Халкбанк одговара со иновации, достапни решенија и јасна фокусираност на потребите на граѓаните и бизнисите.
Со извршниот директор на Халкбанк АД Скопје, Билал Суџубаши, разговараме за резултатите во првото полугодие од 2025 година, промените во банкарското однесување, предизвиците на патот кон врвот и идните планови на банката.
Пари: Минатата, 2024 година беше исклучително успешна за банкарскиот сектор, вклучително и за Халкбанк АД Скопје. Како ги оценувате резултатите што ги остварувате од почетокот на годинава? Кои се клучните достигнувања?
Суџубаши: Минатата, 2024 година беше навистина рекордна година за Халкбанк АД Скопје. Успеавме да оствариме пораст на нето-профитот од 48 насто во однос на 2023 година, што само по себе е резултат на внимателна стратегија, ефикасно управување со трошоците и континуирана ориентација кон клиентите. Истовремено, кредитното портфолио се зголеми за 152 милиони евра, а депозитната база достигна значителни 1,4 милијарди евра ‒ показатели што потврдуваат дека имаме стабилен и одржлив раст, но и зголемена доверба од граѓаните и деловната заедница.
Првата половина на 2025 година го продолжува позитивниот тренд. Веќе во вториот квартал забележавме натамошно зголемување на депозитната база, која достигна 1.443 милиони евра. Имаме значителен раст на кредитирањето, како во сегментот население, така и кај стопанството, и кредитирањето вкупно се зголеми за речиси 158 милиони евра. Особено важно е што растот е урамнотежен и квалитативен – што значи дека внимателно го менаџираме кредитниот ризик, а истовремено обезбедуваме пристапни и флексибилни решенија за нашите клиенти.
Вкупната актива на банката, како еден од клучните показатели за финансиската стабилност и деловната динамика, на крајот од вториот квартал достигна 1.922 милиони евра, што е раст за шест месеци од речиси 71 милион евра во однос на крајот на 2024 година, кога изнесуваше 1.852 милиони евра. Тоа е резултат на органски раст, на зголемена деловна активност и на довербата што ја уживаме на пазарот.
Сето ова ни дава цврста основа и дополнителна мотивација да продолжиме по амбициозниот пат што сме го зацртале. Чекор по чекор, Халкбанк се приближува до врвот на банкарскиот сектор во земјава.
Пари: Кои сегменти од работењето најмногу придонеле за растот во првата половина од годинава – корпоративното банкарство, малите бизниси или населението?
Суџубаши: За Халкбанк секој сегмент од работењето е исклучително важен. Без разлика дали станува збор за големи корпоративни клиенти, мали и средни претпријатија или физички клиенти – нашата цел секогаш е иста: да понудиме производи и услуги што се квалитетни, достапни и прилагодени на специфичните потреби на секој клиент. Секој клиент ни е подеднакво важен и токму затоа го градиме нашиот раст врз основа на стабилни, доверливи и долгорочни релации.
Според бројките од вториот квартал на 2025 година, станува јасно дека овој пристап носи резултати. Според последните расположливи официјални секторски податоци, Халкбанк бележи најголем пораст во првиот квартал на депозитите на физички лица во банкарскиот сектор, споредено со крајот на 2024 година. Тоа е јасен показател за довербата што граѓаните ја имаат во нашата банка. Од вкупниот износ на депозити на клиенти, 53 насто се депозити на физички лица, додека 47 насто се депозити на правни лица, што сведочи за балансираноста и здравата структура на нашата депозитна база.
Во првата половина од годинава исто така имаме позитивен тренд во сите сегменти од делот на кредитирањето. Кај кредитите за физички лица бележиме раст од 34 милиони евра во однос на крајот на 2024 година, а вкупното кредитно портфолио достигна 524 милиони евра. Тоа е резултат на континуирана поддршка за граѓаните преку конкурентни услови, поедноставени процеси и зголемена достапност на услугите. Од друга страна, кај корпоративниот сектор и малите бизниси имаме раст од околу 123 милиони евра, што покажува дека компаниите нè препознаваат како сигурен партнер во нивниот развој и инвестициски циклус.
Рамнотежата меѓу населението, малите и средните претпријатија, и корпоративните клиенти, е еден од столбовите на нашата стратегија за одржлив раст.
Пари: Имaте постојан стабилен раст на депозитната база. И минатата година, на пример, депозитната база се зголеми за 211 милиони евра. Годината ја завршивте со депозити од 1,4 милијарди евра. На што се должи ова?
Суџубаши: Стабилниот и континуиран раст на депозитната база е резултат на неколку меѓусебно поврзани фактори и тој е најсилниот показател за довербата на клиентите. Само лани, депозитната база се зголеми за 211 милиони евра, а позитивниот тренд продолжува и во 2025 година. На крајот од вториот квартал, вкупните депозити достигнаа 1.443 милиони евра, од кои 708 милиони евра се депозити на физички лица, 620 милиони евра се депозити на правни лица, а 114 милиони евра се депозити од други банки и финансиски институции.
Овој успех, пред сè, се должи на пристапот што го имаме кон клиентите. Внимателно ги следиме нивните потреби и навики на штедење, и на таа основа создаваме производи што одговараат на различни профили, од класични орочени депозити, до иновативни штедни решенија со флексибилни услови. Постојано нудиме конкурентни каматни стапки, меѓу најатрактивните на пазарот.
Нè издвојува и нашата дигитална понуда. Халкбанк беше првата банка што воведе онлајн депозит на македонскиот пазар, решение што ја зголеми достапноста до банкарските услуги, особено за оние што сакаат да штедат брзо, лесно и без физичко присуство, па затоа денес сме препознаени како еден од лидерите во дигитализацијата.
Пари: Какви кредити се најбарани во Халкбанк во овој период?
Суџубаши: Во вториот квартал од 2025 година Халкбанк бележи стабилен раст во кредитирањето, особено во сегментот население, каде што вкупниот раст изнесува седум насто. Најбаран производ во овој период се станбените кредити, кои бележат раст од 20 милиони евра, што претставува зголемување од 10,8 насто во однос на крајот од 2024 година. Тоа покажува дека граѓаните сè повеќе гледаат на Халкбанк како на сигурен партнер при донесување на една од најважните животни одлуки ‒ решавање на станбеното прашање. Заклучно со 30 јуни, банката има пласирано вкупно 206 милиони евра во станбени кредити.
Следен е потрошувачкиот кредит, кој исто така бележи значаен раст – од 12,5 милиони евра или 4,6 насто повеќе во споредба со крајот на минатата година. Ова е јасен сигнал дека клиентите се активни, инвестираат во подобрување на квалитетот на живеење и имаат доверба во нашите услови и понуди. Вкупниот износ на пласирани потрошувачки кредити заклучно со јуни 2025 година изнесува 283 милиони евра.
Во сегментот на правни лица, Халкбанк продолжува да го поддржува реалниот сектор со силна динамика. Политиката на банката е јасна ‒ го финансираме секој добар и одржлив проект, без разлика дали станува збор за голема корпорација или мала фирма во развој. Заклучно со јуни 2025 година, пласирани се 474 милиони евра кај големите компании, 96 милиони евра кај средните, 184 милиони кај малите и 48 милиони евра кај микропретпријатијата.
Халкбанк посветува особено внимание на поддршката на мали, средни и микропретпријатија. Свесни сме дека тие се двигател на економијата, и токму затоа обезбедуваме пристап до финансирање, индивидуален пристап и реална поддршка за нивниот раст. Веројатно токму поради ова, последниве години сме прв избор за многу новоформирани компании што бараат вистински банкарски партнер за развој на својата деловна визија.
Пари: Има ли промени во однесувањето на клиентите во првите три месеци од годинава, особено во контекст на дигитализацијата и користењето на е-услугите?
Суџубаши: И годинава забележуваме продолжување на трендот на сè поголемо користење на дигиталните канали и е-услугите од страна на клиентите. Тоа не е изненадување ‒ дигитализацијата веќе не е избор, туку очекување. Клиентите денес сакаат брзина, едноставност и достапност нонстоп, и затоа го насочуваат своето банкарско искуство кон онлајн и мобилните платформи.
Особено е значаен растот кај користењето на мобилното банкарство, како и зголемениот интерес за дигитално отворање депозити и кредитирање, плаќања преку апликации, следење на трансакции и користење на функционалности без физичко присуство во филијалите.
Нашата мобилна апликација и интернет-банкарството постојано се надградуваат со нови функционалности, а истовремено обезбедуваме високо ниво на сигурност и заштита на податоците. Промената во однесувањето е очигледна: клиентите стануваат сè поинформирани, поефикасни и поподготвени да ги користат дигиталните услуги дури и за посложени банкарски трансакции.
Пари: Најновата услуга што ја нудите е можноста за онлајн отворање платежна сметка и активирање на електронско и мобилно банкарство без посета на филијала. Може ли да објасните за што станува збор?
Суџубаши: Сите нови корисници сега имаат можност брзо и едноставно да отворат сметка во Халкбанк и да го активираат е-банкарството. И оваа услуга е дел од нашата континуирана заложба за подобрување на клиентското искуство преку иновации и модерни решенија, при што дигиталниот пристап останува клучен фокус.
Веќе реков, промената во однесувањето на клиентите е очигледна. Тоа за нас претставува предизвик и можност да бидеме чекор пред нивните очекувања и да им обезбедиме услуги што навистина носат вредност.
Пари: Халкбанк е препознаена не само како стабилен финансиски партнер, туку и како институција што вложува во општеството. Што е суштината на вашата стратегија на ова поле?
Суџубаши: Во Халкбанк веруваме дека општествената одговорност не е само обврска, туку суштински дел од нашата корпоративна култура. Нашата стратегија е долгорочна и внимателно поставена – со реално влијание врз заедницата, а не само со симболични донации.
Нашиот пристап кон поддршка на заедницата вклучува поддршка од еколошки иницијативи, поддршка на младите и претприемачите, до проекти за финансиска едукација, инклузивност, поддршка за културата, спортот и унапредување на заедницата.
Еден од нашите главни приоритети е екологијата и веќе сме препознаени како екоориентирана банка. Во изминативе години имавме многу акции на пошумување, многу површини соголени од елементарни стихии, училишни дворови и други рурални и урбани подрачја добија зеленило како донација од Халкбанк. Досега имаме засадено над 100.000 дрвја на различни локации.
Минатата година започнавме амбициозна иницијатива „Еден милион садници за пет години“, во соработка со ЈП Македонски шуми и надлежните институции. Со оваа акција целиме не само на симболика, туку на вистинска трансформација на животната средина. Ова е директна инвестиција во здрава, зелена иднина.
Покрај екологијата, активно поддржуваме спортски клубови, манифестации и настани што ги мотивираат луѓето на физичка активност и поттикнуваат здрави животни навики, а исто така како банка организираме спортски настан – велосипедската трка ХалкВелоГрин.
Вложуваме многу во најмладите преку едукативни кампањи со нашата маскота Халки, финансиска писменост, креативни работилници и поддршка на детски проекти. Веруваме дека децата се носители на промената што ја посакуваме.
Интензивно работиме на поддршка и промовирање на претприемништвото, со посебен акцент на оние на кои поддршката им е најпотребна. Тука влегува, на пример, женската финансиска независност. Активно работиме на вклучување на повеќе жени во бизнисот преку поволни услови за финансирање, едукации, менторски програми и најразлични промоции на женското претприемништво, со цел да поттикнеме општествени промени во оваа насока.
Старт-ап заедницата исто така ја поддржуваме преку пристап до финансии, промоција и соработка. Свесни сме дека иновацијата доаѓа токму оттаму, и затоа сакаме да бидеме банка што ги слуша младите визионери.
Нашата визија за општествена одговорност не е проект одвреме-навреме, туку постојан, развоен процес. Веруваме во моќта на банкарството да биде двигател на позитивни промени. И токму така ја гледаме нашата улога – не само финансиска, туку и општествена.
Пари: Халкбанк е, секако, најбрзорастечка банка, со оглед на тоа што на македонскиот финаниски пазар дојдовте пред 14 години. Денес, чекор по чекор се приближувате до големата банкарска тројка која со децении е етаблирана на овој пазар. Која е тајната на ваквите резултати?
Суџубаши: Факт е дека Халкбанк АД Скопје денес е најбрзорастечка банка на македонскиот пазар. Почнавме пред само 14 години, со преземање на локална банка. Од самиот старт имавме јасна и амбициозна визија, да станеме една од водечките банки во земјава. И денес, со конкретни резултати зад нас, може да кажеме дека сме на чекор до остварување на таа цел. Се приближуваме до т.н. голема банкарска тројка која со децении е етаблирана на македонскиот пазар.
Овој успех е резултат на повеќе фактори. Имаме силна поддршка од нашата матична банка, Халкбанк А.Ш. Туркије, која неколкупати изврши докапитализација на банката. Во нашата институција влегоа свежи средства, кои, освен што ја зацврстија финансиската стабилност, ни овозможија и активно да кредитираме, да инвестираме во развој, во технологија, како и во нови производи и услуги.
Но, тајната не е само во капиталот, стратегијата или технологијата, туку и во нашите луѓе. Имаме посветен тим што верува во визијата на банката и работи секојдневно за да изградиме институција на која клиентите ѝ веруваат. Нашиот раст е органски, стабилен и балансиран, со подеднакво внимание кон сите сегменти – население, бизниси, иновации и општествена одговорност.
Пари: Кои се главните предизвици со кои се соочувате на патот кон елитниот банкарски врв?
Суџубаши: Патот кон елитниот банкарски врв никогаш не е едноставен, особено кога амбициозно се натпреварувате со банки коишто со децении имаат етаблирана пазарна позиција и структурна предност. Сепак, тоа никогаш не сме го гледале како пречка, туку како мотивација да бидеме подобри, поефикасни и поприлагодливи.
Главните предизвици со кои се соочуваме се типични за еден динамичен банкарски пазар ‒ силна конкуренција, брзи технолошки промени, зголемени очекувања од клиентите и постојано заострување на регулативата. Сите овие фактори бараат постојано прилагодување, иновации и стратегиско планирање.
За да одговориме на предизвикот на конкуренцијата, ние се фокусираме на квалитет на услугата, развој на нови производи и персонализиран пристап кон клиентите. Во однос на технолошките предизвици, Халкбанк е препознаена како пионер во дигиталната трансформација. Брзата еволуција на финтек-решенијата и навиките на клиентите бараат од нас постојани инвестиции во дигитализација, безбедност и корисничко искуство.
Исто така, на пазар како нашиот, каде што клиентите стануваат сè повнимателни и поинформирани, најголемиот предизвик е да ја задржите довербата. Ние го постигнуваме тоа со транспарентно работење, стабилни резултати и човечки пристап.
Иако предизвици постојат, ние ги гледаме како можности за подобрување. Веруваме дека постојаниот раст, заедно со стратегиската поддршка од нашата матична банка Халкбанк А.Ш. Туркије, иновативниот дух и силната ориентација кон клиентите, ќе нè доведат до врвот, не преку агресивен пристап, туку со квалитет и доверба што се градат чекор по чекор.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска