„Не“ за предложените измени на Законот за урбанистички планирање. Иницијативата О2 предупредува на штетите што ќе бидат предизвикани од одделни одредби и апелира до пратениците да не гласаат за нив.
„Закон со толкав импакт се менува фреквентно поради актуелната потреба, а не се става на здрава основа, осмислен и усогласен со сите други актуелни, па и планирани закони со кои се преклопува“, велат во својата реакција.
Од О2 образложуваат зошто некои од решенијата треба да се отстранат од предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, и тоа во скратена постапка.
Прво посочуваат дека се предлага бришење на одредбата со која „јасно е утврдено дека урбанистичките планови кои започнале по старите закони и не успеале да се завршат во рок од 4 години од стапување на сила на законот (18.02.2020), ќе продолжат по новиот закон“. Конкретно, тоа ќе овозможи „стариот закон неограничено да се користи, наместо ДУП-овите конечно да тераат по сегашниот закон“.
Понатаму, предупредуваат, се планира бришење и на делот кој уредува – доколку нема согласнот од Министерството за транспорт, одлуката за носење на урбанистичкиот план да е ништовна и ресорниот министер да донесе решение за забрана на применувањето на планот. „Со бришење на овој дел ќе се овозможи носење на ДУП без согласност и потоа оди докажувај се пред Уставен суд со години, а во меѓувреме ќе си се гради и ќе си се гради по тој ДУП“, велат од О2.
„Се предлага бришење на одредбите поврзани со обврската за обезбедување на потврда за урбанистичка усогласеност, со објаснување дека во пракса оваа одредба не се применува поради неусогласност со актуелниот Закон за градење.
Зошто тогаш Законот за градење не се измени, за да може да се спроведе оваа одредба?!“, прашуваат од О2.
Од Иницијативата О2 исто така алармираат дека се планира „САМО со урбанистички проект да се реализираат катни гаражи за кои не е донесен детален урбанистички план“.
Овој предлог е предвиден за собраниската седница закажана за во понеделни. Зад предлог законот за измени стои Владата, а предложените решенија го имаат потписот на премиерот Христијан Мицкоски. Неопходноста промените да се изгласаат во скратена постапка се оправдува со тоа дека „не се работи за обемен и сложен закон“.
„Целта на изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање е доуредување на одредбите поврзани со изборот на вршителот за работи од урбанистичкото планирање што ги вршат правни лица со лиценца за изработување на урбанистички планови, за планови и проекти финансирани со средства од буџетот на општината, општината на градот Скопје и градот Скопје ќе се спроведува на начин и постапка согласно со Законот за јавните набавки“, пишува во образложението на предлогот.
Воедно, се додава дека практичната примена на предложените измени ќе овозможат „подобрување на условите за живот преку обезбедување на континуитет во планските документи во руралните односно градските средини и реализација на потребите за домувањето со сите неопходни инфраструктури и градби кои се во функција и овозможуваат подобра социјализација на жителите со продолжување на рокот за донесување на урбанистичките планови започнати по други закони“.
Повторно исто сценарио, велат од Иницијативата О2 и предупредуваат: „Експресни измени во законот за урбанистичко планирање и тоа за време на летните одмори!“.