Вратени се старите цени за осигурување од автоодговорност при регистрација на возилата. Сега се повторно на нивото од пред 25 април, кога беа зголемени за 15,4 проценти. Иако сѐ уште нема официјален став, најверојатно ќе нема поврат на средства за тие што деновиве ги регистрираа своите возила. Се смета дека се работи за десетина илјади лица.
Осигурителните компании се повлекоа пред владината одлука за враќање на цените, донесена по препорака од Министерството за финансии, односно од Комисијата за автомобилска одговорност. Сепак, и натаму остануваат на тврдењето дека во сите овие години наназад, во кои цената не е променета, трошоците им се зголемени, со што нивното работење станува неизвесно. Оттаму и нивната реакција дека одлуката претставува „директна закана за финансиската стабилност на осигурителниот сектор, поставување во целост на регулаторно ограничување во ценовните политики што е спротивно на препораките на ЕК во извештајот за напредокот на нашата земја, кое може сериозно да ја доведе во прашање грижата за осигурениците“.
Наспроти овие тврдења, од Агенцијата за супервизија на осигурувањето посочија – нивните анализи покажале дека осигурителни компании, со исклучок на една, ја завршиле 2023 со солидни профити.